Одлична вест за сите љубители на македонската драма и Горан Стефановски! Со поддршка и соработка со Министерството за култура и Европската унија, три драми на Горан Стефановски сега се бесплатно достапни како аудиодрами на платформата за аудиокниги „Самоглас“!

Се работи за драмите „Гоце“, „Дупло дно“ и „Диво месо“, а на почетокот, т.е во воведните делови можете да го чуете и гласот на Игор Стефановски, синот на Горан!
Првата драма, „Диво месо“ е во режија на Александар Ивановски, а улогите ги толкуваат (односно гласовите ги позајмуваат): Горан Ников, Марина Поп-Панкова, Томислав Давидовски, Лазар Христов, Васко Костовски, Теоман Максут, Христијан Поп-Симонов, Кире Ацевски, Мирјана Трпковска, Лео Поповиќ, Леонардо Лазов, Ангела Стојановска, Јована Спасиќ и Виктор Велевски. Времетраење на драмата е: 1 час и 33 минути.
Втората драма, „Дупло дно“, е во режија на Дамјан Костовски, а улогите ги толкуваат: Владимир Петровиќ, Марина Поп-Панкова, Андреј Лалчевски, Елена Кузманов и Томе Станковски. Времетраење на драмата е: 1 час и 16 минути.
Третата драма, „Гоце“, театарска импресија за последните минути од животот на Гоце Делчев, е во режија на Владимир Николовски, а улогите ги толкуваат: Владимир Петровиќ, Томислав Давидовски и Кире Ацевски. Времетраење на драмата е: 16 минути.
Како што веќе беше напоменато, драмите се поставени на „Самоглас“, која е првата платформа за аудиокниги на македонски јазик! Подолго време се подготвуваше овој проект, а во јули годинава имаше и јавен повик за актери и актерки за овие аудиодрами.
До драмите можете да пристапите или преку кликање на линковите кои се погоре поставени, односно да кликнете на линкот, односно на името на драмата, или можете да пристапите преку кликнување на веб-страницата на „Самоглас“. Сè што треба да направите е да се најавите на вашиот кориснички профил, а доколку го немате, тогаш треба да направите кориснички профил, за што ќе ви бидат потребни само неколку минутки бидејќи регистрирањето е навистина лесно. Платформата е бесплатна и по регистрирањето и најавата, можете слободно и бесплатно да ги слушате драмите.
Ова е одличен начин да се приближи творештвото на Горан Стефановски и да се освежи македонскиот медиумски интернет простор. Можете да си ставите слушалки на уши и да слушате додека пишувате, пешачите, па дури и додека подготвувате јадење.
Одлична идеја. Да поддржуваме вакви проекти и да се надеваме дека ќе има уште!
