Со балетската претстава „Молитви на моето тело“ ќе се одбележат 100 години од раѓањето на Ацо Шопов!

Во среда, 20 декември, со почеток од 19.30, во Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на балетската претстава „Молитви на моето тело“ (балетски триптих). Овој настан се одржува токму на денот на раѓањето на Ацо Шопов и со него ќе се заокружи честувањето на 100-годишнината од раѓањето на Шопов. Претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура и претставува театарска актуелизација на  истоимениот поетски  циклус на Ацо Шопов.

Картите чинат 600 денари и можат да се купат на билетарницата на НОБ, но и преку интернет, преку страницата kupikarti.mk.

Драматургот Соња Здравкова – Џепароска која е вклучена во овој балетски триптих, како што е објавено на официјалниот настан на Фејсбук, меѓу останатото вели:

„За потребите на претставата песните се организирани во триптих, од коj секој дел содржи по четири песни поврзани во тематско-функционална рамка. Трите тематските циклуси се конектирани со идејната нитка која се пројавува во секој од нив именувани раѓање, преплетување и вознес. Предложеното групирање не е идеално само во однос на некаква математичка делба, туку многу повеќе во содржинска смисла, која резултира со одлична функционалност на песните како засебни потцелини. Трите пластови имаат своја ознака и тематска полнетица. Во секој од нив има флуктуација од вовед преку своевидна кулминација и разрешување во повторно возвишување на следниот циклус.
Јачината на поезијата на Шопов како драматург ме натера да направам една нестандардна интервенција вклучувајќи ја вербалната компонента односно изговорените сегменти од неговата поезија вградени во музиката, сцените или како писмо присутни во сценскиот дизајн што даде еден особен квалитет на претставата.“

Погледнете ја и кусата видео-најава што беше објавена на официјалната страница на Национална опера и балет на Фејсбук:

За да дознаете повеќе информации, како и за оние кои се вклучени во овој проект, следете го официјалниот настан на Фејсбук.

Leave a comment