Промоција на „Илина и шумските тролови“ од Хана Корнети!

Хана Корнети е млада домашна авторка која го имаше своето првенче книга во 2021 година, со збирката раскази „Млечни заби“. „Млечни заби“ е едно извонредно симпатична книга за растењето, животот, младоста и која топло ви ја препорачувам и веќе и ја имам препорачано на блогот.

Па така, сега, на крајот на 2023 година, Хана Корнети ја издаде и својата нова книга, овојпат наменета претежно за деца и помлади, но може да ја читаат и возрасните и сите оние кои сè уште го чуваат и негуваат детскиот дух. Се работи за романот „Илина и шумските тролови“ и истата е во издание на издавачката куќа „Или-Или“.

Книгата ја следи Илина која е вовлечена во една голема авантура: шумскиот трол Папрат ја бара нејзината помош за да ги спаси скаменетите пријатели од една лоша вештерка. Како што е наведено во описот на книгата, „ништо не е баш така како што изгледа во свет каде што гатачките не ја знаат иднината, враните никако да се најадат, на мачорите навидум сѐ им е јасно, а бои и мириси се собираат во теглички.“

По повод издавањето на книгата, во сабота, 23 декември, со почеток од 12 часот, во барот „Вудсток“ ќе се одржи промоција на книгата и истовремено ќе се испрати оваа година. Промотерки на овој роман за големи и мали деца ќе бидат Ана Алексовска и Ника Ќулавковска.

Сабота е одличен ден за шетање и одмор, па затоа земете ги најмилите и упатете се на книжевната промоција на Хана Корнети.

Честитки за новата книга!

За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук и Фејсбук страницата на Или-Или.

Leave a comment