Годинава се навршија 80 години од издавањето на „Малиот принц“ книга која и по речиси еден век сè уште е омилената приказна и на големите и на малите. Се чини дека ова дело е безвременско пред сè и заради поуките кои можеме да ги извлечеме и кои се прекрасно раштркани низ целата книга. Во чест на овој голем јубилеј, токму на неколку дена од крајот на оваа година, денес на блогот прочитајте еден интересен текст на Клои Мур за книжевниот портал „Букстр“ за животните лекции кои можеме да ги научиме од овој безвременски класик.

(извор на сликата: Pinterest)
„Малиот принц“ ги освои срцата на читателите ширум светот откако првпат се појави во 1943 година. Напишана од пилотот Антоан де Сент-Егзипери, приказната е инспирирана од неговите искуства во француските воздухопловни сили. „Малиот принц“ се осврнува на мноштво теми, од осаменоста и пријателството, до љубовта и загубата. И покрај тоа што во принцип е напишана како книга за деца, „Малиот принц“ навлегува длабоко во размислувања за животот, возрасните и човечката природа. Еве некои од моралните и животни лекции што можеме да ги научиме од оваа волшебна приказна.
Кратко резиме
Приказната го следи нараторот, пилот чиј авион еден ден се урива во пустината Сахара, со само осумдневно снабдување со храна и вода. Додека се обидува да го поправи својот авион, неочекувано го пречекува љубопитно младо момче со прекар „Малиот принц“. Принцот е препознатлив по неговата златна коса, симпатично смеење и неговата склоност да повторува прашања додека истите не се одговорат. Младиот принц му кажува на нараторот дека е од мал астероид по име Б 612.
Дополнително, тој раскажува за својата љубов кон суетната роза која започнала да расте на површината на астероидот пред некое време. Иако принцот се заљубил во розата, тој исто така почнал да чувствува дека таа го искористува и решил да ја напушти планетата за да го истражи остатокот од универзумот. Пред да се збогуваат, розата му се извинила што не му покажала дека го сака.

Таа му посакува добро и ја одбива неговата желба да ја остави во стакленото ѕвоно, велејќи дека самата ќе се заштити. Принцот жали што не разбрал како да ја сака својата роза додека бил со неа и требало да ги слуша нејзините добри постапки, а не нејзините суетни зборови.
Оттогаш, принцот посетил уште шест планети, секоја од нив била населена од поединец, ирационален, тесноград возрасен, а секоја планета е наменета да критикува елемент на општеството. Тие вклучуваат:
- Крал без поданици, кој издава само наредби што ќе се следат, како на пример да му заповеда на сонцето да зајде на зајдисонце.
- Вообразен човек што сака само пофалби што доаѓаат од восхит и да биде највосхитувачката личност на неговата инаку ненаселена планета.
- Пијаница што пие за да заборави на срамот од пиењето.
- Бизнисмен што е слеп за убавината на ѕвездите и наместо тоа бескрајно ги брои и каталогизира за да ги „поседува“ сите ѕвезди.
- Човек што пали светилки на планета која е толку мала што цел ден трае една минута. Тој го троши својот живот слепо следејќи ги наредбите да се гаси и да се пали светилката на секои 30 секунди за да одговара на денот и ноќта на неговата планета.
- Постар географ што никогаш не бил никаде, ниту видел нешто од работите што ги снима, што е своевидна карикатура на специјализацијата во современиот свет.
Секој лик е сам и посветен на својот „животен повик“, а тоа е нешто што го забавува принцот. Додека бара дружење со другите, тој сфаќа дека овие возрасни луѓе се окупирани со себеси. Тие сакаат другите да им се восхитуваат, сакаат да ја поседуваат секоја култура или продавница или сакаат да им наредуваат на другите наоколу. Сепак, за разлика од Малиот принц, нивниот животен повик нема никаква врска со страста. Откако дознава од географот дека цвеќињата не живеат долго, на Малиот принц почнува да му недостига розата што ја оставил зад себе. На крајот, нам ни останува да веруваме дека Малиот принц се враќа на својата планета во потрага по розата или љубовта што ја имал цело време.
Животни лекции што можеме да ги научиме од книгата
Не се преоптоварувајте многу со бројки
Во книгата, се чини дека бројките се единствено нешто за кое се грижат возрасните. Тие не веруваат во она што го кажувате сè додека не воспоставите веродостојна основа извлечена од веродостоен извор со технички резултати и сè се врти околу бројки, бројки, бројки. Возрасните се трудат да изгледаат паметни зборувајќи за технички работи и се гордеат со својата „логика“.
„Возрасните лица сакаат бројки. Кога им кажувате за некој нов пријател, тие никогаш не ве прашуваат за суштинското. Никогаш не ви велат: „Каква му е бојата на гласот? Кои игри ги претпочита? Дали собира пеперуги?“ Тие ве прашуваат: „Колку години има? Колку браќа? Колку е тежок? Колку заработува татко му?“ Само тогаш веруваат дека го запознале.“
Поглавје IV

Проблемот започнува со ситно никулче со кое не сме се справиле веднаш
Колкумина од нас секогаш ги отфрлаат проблемите што навидум делуваат безопасни, но подоцна жалат за нив кога тоа мало коренче на проблемот се преобразило во џиновска неволја? Малиот принц го сфаќа ова и секој ден ревносно ги уништува навидум бенигните ластари на баобабот за да не почнат да доминираат на неговата мала планета и на крајот да биде невозможно да се ослободи од нив.
„Тоа е прашање на дисциплина, ми велеше подоцна малиот принц. Кога наутро човек ќе заврши со својата тоалета, треба грижливо да ја дотера и планетата. Треба човек да се обврзе редовно да ги корне баобабите откако ќе ги распознае меѓу розите, на кои многу личат кога се мошне млади. Тоа е премногу здодевна работа, но доста лесна работа.“
Поглавје V
Погледнете и откријте што е најважно преку вашето срце
Честопати сме растргнати помеѓу срцето и успесите кога донесуваме одлуки. Дури и ако вашето срце донело одлука за која подоцна се покажало дека не била добра, нема да зажалите бидејќи во срцето сте знаеле дека тоа е вистинската одлука, иако исходот можеби не го покажува тоа. Во книгата, возрасните имаат искривено чувство за она што е најважно. Тие сметаат дека парите и славата се на врвот на пирамидата. Ова се опипливи работи што не остануваат со нив како што поминува времето.
За Малиот принц пустината е прекрасна, бидејќи некаде крие бунар кој е невидлив за окото. Изгледот е само школка, празна и шуплива и без никаква важност. Ова е лекцијата што лисицата му ја предава на принцот: „Најсуштественото е невидливо за очите.“
„Но таа е единствена и позначајна е од сите вас, зашто неа јас ја полевав со вода. Зашто ја заштитував со сталено ѕвоно. Зашто ја заштитував со параван. Зашто заради неа ги убив гасениците (освен две-три за пеперугите). Зашто ја слушав како се жали или како се фали, па дури напати и како молчи. Зашто таа е моја ружа. “
Потоа се вратил пак кај лисицата:
– Збогум, ѝ рекол.
– Збогум, рекла лисицата. Еве ја сега мојата тајна. Многу е едноставна: човек гледа добро само со срцето. Најсуштественото е невидливо за очите.“Поглавје XXI

Вашите најблиски никогаш, ама баш никогаш не можат да бидат заменети
Кога Малиот принц пронашол градина со рози иста како неговата, чувствувал презир бидејќи мислел дека неговата роза е единствената роза во целиот универзум. Но, тој подоцна се сепнува и сфаќа дека не е важно што неговата роза не е единствена затоа што таа е единствената роза за која се грижел и за која ќе умре.
„ – Луѓето од твојот свет, рече малиот принц, одгледуваат пет илјади ружи во иста градина… а таму не го наоѓаат она што го бараат…
– Не го наоѓаат, одговорив…
– Меѓутоа, она што го бараат може да се најде во една единствена ружа или во малку вода…“Поглавје XXV
~
„И се почувствувал многу несреќен. Неговото цвеќе му раскажувало дека било единствено од својот вид во целата вселена. Но, ете, таму ги имало пет илјади, сите исти, во една единствена градина!“
Поглавје XX
Принцот дознава дека само затоа што има други рози на светот, ниту една роза не е како онаа што ја сака. Така е и со нашите најблиски. Ништо не може да го замени седиштето во твоето срце резервирано за таа една посебна личност.
Истражувајте
Многумина сметаат дека ризикувањето е опасно, но малкумина ја знаат вистината: зоната на удобност е поопасна. Таа манипулира со вас да мислите дека сосема ви е супер да седите на кауч и да гледате телевизија и дека не ви треба возбудата на животот кога можете да бидете удобно сместени во „безбедната зона“.
„Тоа е точно, рекол географот, но не сум истражувач. Мене ми недостигаат истражувачи. Географот не е тој што треба да води сметка за градовите, реките, планините, морињата, океаните и пустините. Географот е многу значајна личност и нема време за талкање. Тој не го напушта своето биро. Но таму ги прима истражувачите. Ги распрашува и ги бележи нивните кажувања. И ако сеќавањата на некој од нив му се видат интересни, географот спроведува анкета за етиката на истражувачот.“
Поглавје XV
Предизвикајте ги вашите граници. Обидете се! Правете ги работите што ве плашат. Бидете истражувач. Не географ.
Имајте отворен ум како децата
Најдобрата лекција што „Малиот принц“ му ја нуди на читателот е дека да се биде возрасен е тешко и доаѓа со многу предизвици и проблеми. А со тоа доаѓа и губењето на невиноста на поединецот. Она на што нè учи принцот е да задржиме малку од нашето детство.
„Возрасните ме советуваа да ги оставам настрана цртежите на змиите боа отворени или затворени, и повеќе да се интересирам за географија, историја, сметање и за граматика. И така, на возраст од шест години, напуштив една прекрасна кариера на сликар. Бев обесхрабрен од неуспехот на мојот цртеж број 1 и на мојот цртеж број 2. Возрасните лица не разбираат никогаш ништо сами, а заморно е за децата секогаш и непрестајно да им даваат објасненија“.
Поглавје I
Романот на Антоан де Сент-Егзипери ги задржува своите важни животни лекции веќе 80 години, а ќе ги задржи уште стотици години. Ако никогаш не сте имале можност да ја прочитате книгата, да го гледате филмот или да слушнете една од стотиците аудиокниги, ве молиме направете го тоа. Ви ветуваме дека е повеќе од детска книга.
Напомена: За поголема автентичност и подобро пренесување на мислите од книгата кои се цитирани во текстот, мислите се изворно преземени од македонското издание на „Малиот принц“:
Сент-Егзипери, Антоан де. „Малиот принц“: Скопје: ТРИ, 2004.
