Предлог-серии за љубителите на книги! (4)

Се ближат новогодишните и божиќни празници, а тоа е одлична можност да земеме здив и заслужено да одмориме. Освен што несомнено нè чекаат многу гозби и празнични моменти, тука се и нашите книги за читање. Доколку сакате малку да внесете освежување од рутината, денес на блогот можете да погледнете и неколку препораки за серии што се засновани на книги или кои би им се допаднале на љубителите на книги.

Сета светлина што не можеме да ја видиме“ (2023)

Каде може да ја погледнете: НЕТФЛИКС
Опис:
„Сета светлина што не можеме да ја видиме“ е екранизација на истоимениот роман на Ентони Дор, роман што ја доби Пулицеровата награда во 2015 година и роман кој апсолутно ми го скрши срцето кога го прочитав и истиот го имам и препорачано на блогот. Се работи за неверојатна човечка приказна во време на голема нечовечност, а главните ликови се слепата Мари-Лор и германскиот војник Вернер за време на Втората светска војна во Франција. Оваа серија беше долгоочекувана и изобилува со познати актери како Марк Рафало и Хју Лори.

Серијата има четири епизоди и во поголем дел ја следи приказната од книгата, иако рака на срце, голем дел од топлината на книгата се губи некако на екранот и не е толку силно одразена, но сепак е серија што вреди да се погледне, која сепак има порака на надеж и светлина во свет што станува сè помрачен и како што и самата серија порачува, најважна е светлината што не можеме да ја видиме.

Речиси нормално семејство“ (2023)

Каде можете да ја погледнете: НЕТФЛИКС
Опис
: „Речиси нормално семејство“ е шведска серија која е заснована на истоимениот популарен роман на М. Т. Едвардсон, роман што кај нас излезе во издание на ТРИ и го имам веќе препорачано на блогот. Адам, Урлика и Стела се „сосема нормално семејство“ по оние општествени стандарди. Адам е свештеник, Урлика е адвокатка, т.е професорка по право, а Стела е млада девојка што работи во кафуле и сонува да оди сама на патување. Еден ден светот им се руши кога Стела е обвинета за убиство и дознаваме дека „сосема нормалното семејство“ има свои тајни и бури.

Серијата има шест епизоди и, слично како и во книгата, честопати се менува аголот на гледање, односно ги гледаме сите тројца како ја доживуваат ситуацијата и нивниот живот. Секако, има одредени измени во споредба со книгата, но во принцип се направени за заштедување на време или за подобар приказ на екранот. Ви препорачувам да ја прочитате книгата, па да ја гледате серијата, но и да не ја прочитате, доколку сте љубители на трилери, сосема убаво ќе ви легне оваа серија. Добри актери, интересна приказна и ве тера да гледате.

Падот на куќата на Ашерови“ (2023)

Каде можете да ја погледнете: НЕТФЛИКС
Опис
: Доколку сте љубители на творештвото на Едгар Алан По, ова е вистинска серија за вас. Мрачна и мистериозна, секоја епизода ќе ве вовлекува сè повеќе и нема да ве остави на мир додека не дознаете како завршува. Самото име на серијата е од истоимениот расказ на Едгар Алан По и премисата во голем дел е инспирирана од него, иако не се работи за екранизација на истиот, повеќе е како поставување на основата, односно семејството Ашер.

Секоја епизода е именувана по расказ на По, освен две, првата и последната. Првата е именувана по воведниот стих на неговата најпозната поема, а последната го носи името на неговата најпозната поема – „Гарванот“. Самата серија изобилува со многу референци на По, а исто така често се рецитираат неговите стихови или се цитира некоја негова мисла. Сепак, дејството е сместено во сегашно време, а Ашерови се моќно и немилосрдно семејство, корумпирано и опседнато со богатство, пари, алчност и слава и многу разврат и дрога.

Серијата има осум епизоди и има одредени елементи на хорор, така што ако не го сакате овој жанр, може и да ви бидат непријатни некои од сцените што се прилично грозоморни, но ако го сакате По, најверојатно ќе ви се допадне, имајќи предвид дека иако се случува во денешно време, сепак приказната го има шмекот на По. Напомена: Оваа серија не е соодветна за лица помлади од 18 години.

Leave a comment