Македонска поезија: „Песна за мојата песна“ од Петре М. Андреевски!

Денес е петок, кој освен што е последниот работен ден од седмицата за многумина, исто така го означува и последниот викенд од оваа 2023 година. А има ли подобар начин да го прославиме последниот викенд и почетокот на новогодишниот викенд од споделување и читање македонска поезија? Имено, ова е и последната објава на блогот за 2023 година, па затоа и се одјавувме за оваа година со прекрасните стихови на Петре М. Андреевски од неговата легендарна збирка „Дениција“.

Песна за мојата песна – Петре М. Андреевски

Отспрегни ce машки ветру, мој личен телалу,
надлетајте го својот глас птицо и грмотевицо,
бидете редачки мои мачни посестрими
и искрај в краја пренесете ја песната за мојата песна:
За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини,
за тој постојан бакнеж меѓу две пречисти усти,
за тоа виножито меѓу две возбудени шуми,
за таа неизодлива ноќ меѓу две преноќишта,
за таа потпалена свеќа меѓу два непријателски черепа,
за таа мировна труба меѓу две завојувани земји,
за таа воздушна коњица меѓу две села,
меѓу две стомни вода,
за тој преотворен чадор на печурката,
за таа препрочитана телеграма меѓу два братски дожда,
за таа непомрдната Деница меѓу две оддалечени утра,
за тоа растојание меѓу два одѕива,
за тие речни слабини меѓу две скарани перачки,
за тој затскриен студ меѓу две топли соби,
за тој буквар, за таа сметалка меѓу два ближни града,
за тоа засолниште меѓу две селски горештини,
за тој пејзаж, меѓу две писма, меѓу две боишта,
меѓу две Крушевски Републики,
за таа пот, за тој дијамант меѓу две стушени чела,
за таа грутка снег меѓу две детски дланки,
за тој сончев прстен, за таа рамноденица,
за таа расонета струја меѓу две растителни ноќи,
за тоа запечатено пладне меѓу две речни промаи,
за таа капка вода меѓу две суви непца,
за таа камбанарија меѓу два ѕидара, меѓу два ѕвонара,
за тоа нескротливо животно, за тоа милозливо Невреме,
за тој водопад меѓу моиве две раце,
ЗА ДЕНИЦИЈА.

Leave a comment