Што читаше Кафе и книги во декември?

Среќна Нова година! Започна 2024 година и Кафе и книги ви посакува многу здравје, среќа, љубов и многу прочитани книги! Да ја започнеме годината на убав начин, односно со стандардните препораки што ги објавувам на блогот на почетокот на секој месец. Декември беше интересен месец за читање, па ако ви треба инспирација се надевам ќе ја најдете меѓу препораките, жанровски има за секого по нешто!

Божиќ засекогаш“ – Карен Шалер

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Како за крајот на декември, решив да прочитам лесна новогодишна и божиќна приказна и на тој начин на весел начин да ја заокружам годината и многу ми е драго што изборот ми падна токму на „Божиќ засекогаш“.

Се работи за една весела, шаренолика книга што ќе ви даде баш онака убаво и позитивно читателско искуство, особено ако ви е потребен одмор од реалноста и ви треба нешто да ви донесе чувство на позитивност и среќа. Ова е од оние романтични комедии што се случуваат за време на католичкиот Божиќ во САД и има многу интересни ликови.

Рајли Рејнолдс е писателка на љубовни приказни, но нејзината кариера е во мал застој по неуспехот на нејзината претходна книга. Па така, на еден начин е приморана да напише божиќна љубовна приказна, иако тоа не е нејзина специјалност, бидејќи таа со години не го слави Божиќ и не го сака многу празникот. Кога оди на едно шоу да ја претстави книгата и божиќниот камп кој мора да го прави бидејќи е дел од нејзината промоција, интервјуто тргнува во погрешна насока и одеднаш на кампот се појавуваат нејзините тројца поранешни дечковци. Книга со топлина, романтика и празничен дух, од сè по малку, таман ќе ви дојде во овој празничен јануари.

Зое“ – Момо Капор

Издавачка куќа: ЛАГУНА (ја најдов во Топер)
Оцена: 5/5
Осврт
: Овие неколку месеци земав поинтензивно да го читам Момо Капор и мислам дека ова е книгата која досега најмногу ми се допадна од сите. Кратка, концизна, со шарм и хумор, но и препознатливите забелешки на Момо Капор за општеството, животот и љубовта, понекогаш директно, понекогаш преку метафори.

Во оваа приказна, Арсен е главниот лик од измислениот остров Козилија, што всушност има прилично автократска власт и кој треба да оди во Њујорк на аукција на едно дело од познат козилијански сликар со цел да ја врати сликата дома. Но, во Њујорк тој се сретнува со Зое, принцеза од династијата што владеела со Козилија, но чие семејство било протерано по промената на структурата во државата и таа никогаш го нема посетено островот.

Тие двајца започнуваат врска, а Момо Капор, преку нивната приказна ни го доловува и шармот на Њујорк од 70-тите години на 20 век, како и љубовта и страста меѓу двајца луѓе. Секако не изоставува и брилијатниот општествен коментар, прикриен во приказната за фиктивниот остров Козилија.

„Американска пасторала“ – Филип Рот

Издавачка куќа: КОНГРЕСЕН СЕРВИСЕН ЦЕНТАР, МИКЕНА, МАКАВЕЈ
Оцена: 4.5
Осврт:
Овој роман на Филип Рот со години ми беше на листата со книги што сакав да ги прочитам и многу ми е драго што конечно ми падна во рака! Се работи за едно неверојатно дело што со право ја доби Пулицеровата награда во 1998 година.

Се работи за исклучително длабока и интересна анализа на американското општество и онаа потрага по „американскиот сон“, особено во контекст на немнозинските заедници, како што се Евреите и особено во периодот по Втората светска војна.

Главен лик во книгата е „Шведот“ Левов, но раскажан преку главниот наратор, писател што пораснал со „Шведот“ во истото маало. Преку опишувањето на животот на „Шведот“, Рот на виделина го изнесува проблемот под „американскиот сон“ и дека понекогаш во животот може да играш по сите правила и пак сето да се растури како кула од карти. „Шведот“ има (навидум) совршен живот, сè додека неговата ќерка не стане главна осомничена во домашен терористички напад. Одлична книга!

Колку покрваво“ – Стивен Кинг

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3.5/5
Осврт:
Стивен Кинг се смета за еден од најпродуктивните писатели кој постојано објавува нови дела. „Колку покрваво“ е неговото последно дело издадено кај нас. Се работи за збирка од четири подолги раскази, сите во негов стил, мрачен, малку хорор, малку трилер, малку натприродно и страшно.

Се работи за четири раскази: Телефонот на господин Хариган“, „Животот на Чак“, „Колку покрваво“ и „Стаорец“. Сите се тематски различни и обработуваат различна тематика, ако сакате страшни приказни – ќе ви се допадне книгата. Не е најдоброто што сум го читала од Кинг, но сепак ми беше интересно да го читам во форма на раскази, бидејќи обично тој пишува романи.

Слики од животот на М.“ – Светлана Жухова

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3/5
Осврт:
Оваа книга ја доби Наградата за книжевност на ЕУ во 2015 година и претставува еден краток приказ, односно навлегува во прашањето на тагата, соочувањето со смртноста на саканите.

Марисија треба да се соочи со животот по смртта на нејзината мајка. Таа станува медицинска сестра и започнува заеднички живот со нејзиниот партнер. Книгата ја следи Марисија како си ги навраќа спомените кога мајка ѝ била болна, па сè до нејзината смрт, но и нејзиното соочување со реалноста по смртта на мајка си. Таа раскажува со еден рамномерен тон, што верувам дека е со намера, за да покаже како животот продолжува и со највообичаените работи, дури и во ситниците, иако сè во животот на човекот се менува, особено кога ќе загуби сакана личност. Книгата ве тера да размислувате за животот и смртноста на човекот, па може и да поттикне интересни дискусии.

Leave a comment