Од денес, 9 јануари, со почеток од 20 часот, на телевизија „Телма“ ќе започне да се прикажува телевизиската серија „Црвениот поет“, серија за животот и делото на Коста Рацин, еден од најзначајните великани на македонската поезија, еден од најреволуционерните патриоти и најромантичните уметници од Македонија, чија збирка „Бели мугри“ е едно од најзначајните дела напишани на македонски јазик.
(Извор на сликата: ТЕЛМА)
Во сижето објавено на веб-страницата на ТЕЛМА е наведено:
„Коста Солев Рацин, извонредно талентиран млад поет кој се осмелува да пишува и објавува своја поезија на македонски јазик и покрај строгите забрани во времето по Првата светска војна. Згора на тоа, прогласен комунист, уште една активност која тогаш е забранета од властите, што му носи дополнителни тешкотии. Приказната прикажува извонредна борба и херојски настани низ Втората светска војна. Сето тоа ќе има страшни последици за него и неговата поезија.“
Серијата има 10 епизоди, секоја со времетраење од околу 50 минути.
Сценариото е дело на Сашко Насев, а серијата е режирана од Никола Поповски. Александар Ристоски ја игра улогата на Кочо Рацин, а во серијата ќе видиме и плејада на наши актери и актери како: Самоил Стојановски, Наталија Теодосиева, Петар Мирчевски, Кристина Христова Николова, Стефан Стерјовски, Нино Леви, Мето Јовановски, Јордан Симонов, Дениз Абдула, Марин Бабиќ и уште многу други.
Во продолжение погледнете ја и официјалната видео најава за серијата:
За повеќе информации посетете ја веб-страницата на Телма.

