Промоција на „Среќните луѓе не слават родендени“ од Сашо Кокаланов!

Неодамна беше објавен шестиот роман на Сашо Кокаланов, „Среќните луѓе не слават родендени“, па по тој повод, денес, со почеток од 19 часот, во бифето на Факултетот за драмски уметности ќе се одржи промоција на книгата, а за романот ќе зборуваат Сашко Насев и Стојан Синадинов.

Сашо Кокаланов е писател, сценарист, драмски писател, сатиричар, новинар и работи како професор по филмско и телевизиско сценарио на ФДУ во Скопје.

Во најавниот настан на Фејсбук, од „Или-Или“ за романот „Среќните луѓе не слават родендени“ велат дека е „семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, инспирирана од вистинска приказна и претставува краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот. Романот не крие дека е роден како сценарио за филм, а потоа при метаморфозата авторот намерно настојува четивото да си го промени крзното, но не и ќудта.“

Понатаму тие продолжуваат:

Динамиката на романот е повеќе од очигледно филмска. Описите се онолку детални колку што е потребно за да може природно убедливо, но и вехементно да бидат визуелизирани од читателот, а дејствието и сликите се менуваат – ајде да ја избегнеме фразата „како на филмско платно“ и да бидеме уште попрецизни – така што ќе му понудат привид на гледање филм снимен во еден кадар. Можеби оттука и одлуката на авторот приказната да ја раскаже во еден пасус, во еден здив, со „претопи“ на фокусот од еден кон друг лик, изведени на еден иновативен јазичен манир – во една иста реченица.
Како што Дерида ќе каже во неговата теорија за книжевноста: „не постои ништо надвор од текстот“, така и за овој роман можеме да кажеме дека не постои ништо надвор од кадарот што текстуално е создаден пред нас, а сепак, севкупноста на делото, на крајот на читањето/гледањето нуди една јасна метафора за човечките судбини во времето што го живееме и поставува едно егзистенцијално прашање за човековата среќа и можноста да се биде среќен во времиња кои се контекстуално несреќни.

Од „Или-Или“ најавуваат и дека во рамките на овој настан ќе биде претставен и бугарскиот издавач и книжевен критичар, Пламен Тотев.

За повеќе информации погледнете го официјалниот настан на Фејсбук или Фејсбук страницата на Или-Или.

Leave a comment