Книга на зимата: „Мртви души“ од Николај Гогољ!

Нова година, ново годишно време, а како што тоа бива, дојде време и за моето веќе традиционално прогласување на книгата за тековното годишно време. Па така, книгата која сметам дека е моја „Книга на зимата“ е легендарното ремек-дело на Николај Гогољ, „Мртви души“. Ова е книгата која ме воодушеви и ја прочитав во еден здив и затоа сметам дека треба да ви ја препорачам и вас!

За што се работи во книгата?

Главното дејство во книгата се врти околу главникот лик Чичиков, службеник кој пристигнува во еден мал град и се зближува со тамошните жители, чиновници и видни личности. Наскоро гледаме како тој оди на посети кај различни земјосопственици и им нуди на хартија да ги „откупи“ имињата на оние селани што живееле и работеле на нивниот имот, а починале. Во меѓувреме на Чичиков му се случуваат многу згоди и незгоди во неговата потрага да купи „мртви души“, односно мртви луѓе.

Зошто треба да ја прочитате?

Затоа што е неверојатно интересна и поучна книга, вистински класик што дефинитивно ја нема изгубено својата релевантност и свежост. Иако се случува во мал провинциски град во Русија во 19 век, сепак голем дел од ликовите и настаните се толку свежи, што сосема лесно би се вклопиле во денешниот свет, насекаде. Бирократијата, апсурдноста на луѓето претставена низ низа различни карактеристики, сатирата на општеството се неверојатно пренесени на хартија и воедно навистина ќе се забавувате додека читате.

Гогољ има една неверојатна смисла за хумор што провејува постојано низ книгата, едноставно е невозможно да не се смеете додека читате за сите случувања и авантури на Чичиков. Секој лик е со свои посебности, со свои мани, а секако ни Чичиков не е изземен од острото сатирично око на Гогољ. Нараторот дури и нè предупредува дека Чичиков не е баш „херојот“ каков што би очекувале да биде „херојот“ на едно дело. Сопатниците на Чичиков, односно неговите вработени, ми беа исто така многу смешни, и покрај тоа што се навистина споредни ликови.

Гогољ исто така фантастично ги доловува внатрешните монолози и размислувања на ликовите, што ги прави уште посмешни. Сите дијалози меѓу ликовите, па и внатрешните монолози се навистина смешни, особено кога ги претставува додека некои од ликовите зборуваат меѓусебно. На тој начин на неверојатно прониклив начин ја доловува непостојаноста на човечките карактери. Тој исто така проникливо ја доловува и корумпираноста на чиновниците, особено во поглед на ситната корупција која се чини дека насекаде е распространета.

Една од омилените работи кај романот ми беше нарацијата. Нараторот е толку интересен, како директно да разговара со вас и ви раскажува и тој неспосреден начин нарација прави дополнително да се приврзете за приказната, особено што често при раскажувањето, нараторот малку се оддалечува од темата за да каже нешто, па пак се враќа назад и тоа е толку природно и неверојатно интересно. Овој тип на нарација го сретнав и во „Панаѓур на суетата“ од Вилијам Текери и сфатив дека уживам во овој тип на раскажување.

Навистина е голема штета што ова неверојатно дело останало недовршено и немаме можност да прочитаме како замислил Гогољ да го заврши, но без оглед на тоа се работи за неверојатна приказна што дефинитивно вреди да се прочита.

Извадоци и мисли што ми оставија особен впечаток

„Не, ако сакаш да те почитаат, живеј праведно.“

„Јас со задоволство прикажувам со добри луѓе; со добрите луѓе ние секогаш сме си свои пријатели, нежни пријатели: и чај да пивнеш, и да каснеш – со радост штом е човекот добар.“

„Не е само тоа чудно устроено во светов: веселото во еден миг може да се претвори во жално штом само малку подолго ќе застанеш пред него, и тогаш господ знае што може да ти падне на ум.“

„Но зошто сред веселите, безволни моменти, кога ништо не се мисли, одеднаш се вовлекува, само по себе, подруга чудна струја? Уште смеата не успеала сосема да ти слета од лицето, и ти веќе си станал друг човек меѓу истите луѓе и веќе со друга светлина ти се осветлило лицето…“

„И секој народ што носи во себе залог на сили, и е полн творечки душевни способности, има своја јарка особеност и други божји дарби, се одликува секој своеобразно со свој сопствен збор со кој, изразувајќи каков и да било предмет, одразува во неговиот израз дел од својот карактер.“

„Толку можеше да се измени! Та зарем е вистина тоа? Сето тоа е вистина, сè може да стане со човека. Сегашното пламено момче би скокнало со ужас ако би му го покажале неговиот сопствен портрет на старост.“

„Земајте ги, значи со себе на пат, кога излегувате од меките млади години и влегувате во суровата врст на маж, земајте ги со себеси сите човечки чувства, не оставајте ги на патот: после не ги прибирате!“

„Жестока е, страшна е староста, што ве чека напред и не ви враќа ништо назад! Гробот е помилосрден од неа, на гробот барем пишува: Овде е погребан човек! но ништо не можеш да прочиташ во студените бесчувствени црти на нечовечната старост.“

„Како и да е, целта на човека сè уште е неопределена додека не стапи најпосле цврсто врз здрава основа, а не врз некоја слободоумна момчешка химера.“

„Што е нашиот живот? Долина во која се населиле жалостите. Што е светот? Толпа луѓе што не чувствуваат.“

„Ами само очите им се бескрајна држава во која ќе влезе ли човек еднаш – пиши го загубен! Не ќе можеш да го извадиш оттаму ни со кука, ни со ништо.“

„Колку и да се глупави зборовите на еден будала, тие се понекогаш доволни да го збунат умниот човек.“

„Безбројни како морскиот песок се човечките страсти и сите не си прилегаат една на друга, и сите тие, ниски прекрасни, отпрвин му се покорни на човека, а после веќе стануваат негови страшни господари.“

„На прошетка малку ли работи не му идат на ум на човека, и тие толку често го одвлекуваат од сегашната мачна сегашнина, му ја поттикнуваат, дразнат, му ја раздвижуваат фантазијата и му станува мило дури и тогаш кога е уверен дека тие работи никогаш нема да се збиднат!“

„Има за секој човек такви зборови што му се некако помили и поблиски до срцето од другите зборови. И често неочекувано, во некој глув, зафрлен крај, жива душа кај што нема, ќе сретнеш човек чијшто топол разговор ќе те натера да ги заборавиш и невозможните патишта, и непријатностите на ноќевалиштата, и разузданоста на современата врева, и лажноста на измамите што го мамат човека. И живо еднаш за секогаш ќе ти се вреже вечерта помината на тој начин, и верната памет ќе зачува сè: и кој бил таму, и кој на кое место седел, и што му се наоѓало во рацете, и ѕидовите, аглите и секоја ситница.“

„Сакаш сè да сториш – а ништо не можеш. Сè си мислиш: од утре ќе почнеш нов живот, од утре ќе почнеш со диета – и ништо не излегува: уште истиот ден така ќе се прејадеш на вечерата, што само трепкаш со очите, и јазикот ни да ти се помрдне…“

„Не е жално тоа што сте станале виновен пред другите, ами е жално што сте станале виновен пред самиот себеси – пред богатите сили и дарби што ви се дел дадени. Вам ви било предопределено да бидете голем човек, а вие сте се упропастиле и сте се погубиле.“

„Како да не го браниш човека кога знаеш дека тој половината зла ги прави од простота и незнаење? Ами ние правиме неправди на секој чекор, и секоја минута сме причина за несреќата на друг, и тоа дури не со лоша намера.“

„Сè ќе биде безуспешно дури секој од нас не почувствува дека и тој исто како што во епохата на востанието народот се вооружи против непријателите, така и тој е должен да востане против неправдата.“

*извадоците се преземени од македонското издание на „Мртви души“ –
Гогољ, Николај. „Мртви души“. Скопје: Мисла, 1982.

Leave a comment