Портретот на Дикенс на Маргарет Гилис се сметал за изгубен повеќе од 150 години, додека не се појавил далеку од дома. Лусинда Хоксли за „Би-Би-Си“ ја пренесува приказната за оваа одамна заборавена уметница.
Во 80-тите години на 19 век, не многу пред нејзината смрт, на шкотската уметница Маргарет Гилис ѝ пришол писателот Фредерик Џорџ Китон, кој сакал да знае што се случило со еден од раните портрети на Гилис. Китон пишувал биографија за Чарлс Дикенс и знаел дека Гилис го насликала авторот во 1843 година, но каде се наоѓала сликата? Гилис одговорила дека не знае, велејќи дека „ја изгубила од вид“. Овој коментар може целокупно да се примени и на нејзиното целокупно творештво. Како и многу женски уметници, судбината сакала иднината да ја „изгуби од вид“ Маргарет Гилис.

(Портретот на младиот Чарлс Дикенс, насликан од Гилис, извор: BBC)
Родена во Лондон во 1803 година, Гилис била четврто во семејството со пет деца. Нејзината мајка починала кога имала осум години, а нејзиниот татко ги испратил Маргарет и нејзината постара сестра Мери во неговата родна Шкотска, каде што живееле во Единбург со тетка и вујко. Нивниот вујко, Адам Гилис, лорд Гилис, бил судија и го плаќал школувањето на сестрите. Уметничкиот талент на Маргарет бил препознаен и, во 20-тите години на 19 век и таа била подучувана од шкотскиот минијатурист Фредерик Круикшанк. Подоцна во нејзината кариера таа почнала да експериментира со слики во поголем формат, а во раните 50-ти години на 19 век поминала време во Париз со браќата Ари и Анри Шефер. Овие уметници родени во Холандија воделе едно од најмодерните уметнички ателјеа во Париз, а нивна сосетка била авторката Жорж Санд, жена која, како Маргарет Гилис, живеела неконвенционален живот.
Некаде во раните 20-ти години на 19 век, Гилис го запознала д-р Томас Саутвуд Смит, кој бил оженет, но бил разделен од неговата сопруга. Гилис, која била решена да заработува сама и да работи напорно при градење на својата кариера, ја поддржувала борбата на жените за право на глас; таа немала желба да се омажи и да ги изгуби оние малку права што ги имала како независна жена. Па така, кога се заљубила во Саутвуд Смит, била среќна што живеела со него без да биде мажена.
И Саутвуд Смит и Гилис имале желба да придонесат за промени во општеството. Тие се залагале за сиромашните и активно работеле на ублажување на нивните страдања. Саутвуд Смит, кој бил 15 години постар од Гилис, работел во Комисијата за лоши закони, пишувал извештаи до владата за санитарните услови и сиромаштијата и се обидувал да запознае истомисленици што би можеле да помогнат во неговите кампањи. Еден од нив бил Чарлс Дикенс, и веројатно преку ова пријателство Гилис го насликала Дикенс некаде околу есента во 1843 година. Ова се случувало токму во периодот кога Дикенс го пишувал она што подоцна ќе стане негово најпознато дело – „Божиќна приказна“.
Таа била првата од петте божиќни книги и произлегла од желбата на Дикенс да стави крај на детската сиромаштија. Преку неговата работа со Саутвуд Смит, од Дикенс било побарано да напише владин памфлет, апел во име на детето на сиромашниот човек. Дикенс набрзо ја претворил оваа идеја во „Божиќна приказна“, која ја истакнала потребата богатите да им помагаат на сиромашните. Тој, исто така, се фокусирал на два очајни детски лика, Незнаење и Желба, што се појавуваат со Духот на Божиќната сегашност. Дикенс ја напишал книгата за само шест недели, а и во тоа време поминал околу шест или седум сесии со Гилис.
Гледајќи го интензивниот израз во неговите очи во минијатурата на Гилис, гледачот може да си замисли уметник и сестра како споделуваат страствени разговори. Гилис веќе го илустрирала владиниот извештај за работните услови на жените и децата во рудниците. Бидејќи во тоа време би било шокантно за луѓето да знаат дека станува збор за жена која била сведок на такви страшни глетки, идентитетот на илустраторката се чувал во тајност, иако веројатно нејзините пријатели, вклучително и Дикенс, знаеле за кого се работи. Во „Божиќна приказна“, Скруџ е одведен да ги види рударите во Корнвол. Дали таа епизода можеби била инспирирана од сведоштвата на Гилис?

(Една од илустрациите на Гилис за состојбата во рудниците, извор: BBC)
Во времето кога се создавал портетот, авторот се борел со финансиска и емоционална депресија. Тој бил тажен поради лошиот прием на неговиот патопис „Американски белешки“ и млакиот прием на неговиот (тогаш) најнов роман, „Мартин Чузлевит“. Издавачите на Дикенс ја губеле довербата во него; тој се борел да ги заинтересира за неговата идеја за „Божиќна приказна“, а тие се согласиле да ја објават само ако плати голема сума од трошоците. Додека Гилис сликала, Дикенс немал поим за ненадејниот и огромен успех што „Божиќна приказна“ ќе го доживее, ниту дека неговиот живот ќе се промени засекогаш. Кога позирал за Гилис, тој бил млад татко под стрес, прогонуван од сопственото сиромашно детство и преплашен од тоа дека нема да може да го издржува своето семејство кое растело.
Портретот бил насликан за книгата со наслов „Новиот дух на добата“, напишана од група на анонимни писатели и писателки, а една од нив била сестрата на Маргарет, Мери. Книгата имала за цел да ги поттикне и насочи своите читатели кон позитивно дејствување.
Пионерка на своето време
Портретот на Чарлс Дикенс исто така бил изложен во Кралската академија во Лондон во 1844 година. Поетесата Елизабет Барет Браунинг напишала дека темата на портретот „ја има прашината и калта на човештвото на себеси, без оглед на тие орелски очи“. Иако Кралската академија во тоа време не прифаќала женски членови, каталогот на изложби од 1844 година покажува дека дела на неколку жени уметници сепак биле изложени таа година. Сите жени наведени во каталогот исчезнале на нејасен начин, додека пак голем дел од машките уметници се познати и денес, вклучувајќи ги Џеј Ем В. Тарнер, Сер Едвин Ландзир, Абрахам Соломон, Даниел Меклиз и Вилијам Ети. Од изложените 1.410 дела, четири биле на Маргарет Гилис.
На таа изложба портретот на Дикенс бил виден за последен пат, и потоа со децении се сметал за загубен, а идните генерации знаеја за него само поради гравирањето направено од него. Во текот на децениите, сликата на Гилис на неверојатно згодниот млад автор – толку поразлична од попознатите слики на него во постара брадеста возраст – станала позната меѓу историчарите на уметност и експертите за Дикенс како „изгубениот портрет“. Тие сметале дека таа е изгубена слика, а претпоставувале и дека е уништена.

(Извор: BBC, Philip Mould & Co)
Што се случувало со сликата по изложбата, како и нејзиното постојано преместување е нешто што е обвиткано во мистерија. Она што е познато е дека таа некако завршила во Јужна Африка, од каде во 2018 година, галеријата „Филип Молд“ во Лондон добила е-пошта во која се бара совет за мала слика, толку покриена со габи и нечистотија што сликата едвај се забележува. Колекционерот го купил во „кутија со ѓубре“, а за целата кутија платил нешто околу 27 фунти.
Една теорија за тоа како изгубениот портрет завршил во Африка е поврзаноста со Џорџ Хенри Луис, најпознат како љубовник на писателката Џорџ Елиот (Мери Ен Еванс). Луис веќе бил оженет и имал деца кога ја запознал Елиот (а неговата сопруга била во врска со Торнтон Ли Хант). Во 1865 година, најстариот син на Луис, Чарлс се оженил со Гертруда Хил, посвоената ќерка на Маргарет Гилис и Томас Саутвуд Смит.
Браќата на Чарлс Луис, Херберт и Торнтон, се преселиле во Јужна Африка, во она што тогаш се нарекувало Натал. Можеби некој од браќата ја понел сликата со себеси? Или можеби има некое друго непознато објаснување за тоа како овој мал, прекрасен портрет завршил толку далеку од местото каде што го насликала Маргарет Гилис.
Нов дом
Портретот сега е вратен во Лондон. Во октомври 2019 година ѝ беше претставен на јавноста во својот нов дом, музејот „Чарлс Дикенс“. Се наоѓа наспроти работната соба и бирото на Дикенс, како потсетување на еден млад идеалист и човек што толку очајно сакал да го направи светот пољубезно и подобро место.
По смртта на нејзиниот партнер во Италија во 1861 година, Маргарет Гилис се вратила дома во Лондон и живеела со нејзината сестра Мери. Маргарет починала во 1887 година, еден месец пред нејзиниот 84-ти роденден. Преку повторното откривање на изгубениот портрет, името на Маргарет Гилис се враќа, иако бавно, во јавната свест. Нејзините некролози зборувале за големата дама на уметничкиот свет, но го обелодениле и нејзиниот приватен живот, иако човек може да се надева дека би била задоволна од некрологот во „Огласникот Дербишир“ кој ја опишал како „пионерка“ меѓу женските уметници што го создавале и обликувале патот за „сите сестри-жени што дојдоа потоа“.

(Портрет на Маргарет Гилис, извор: BBC, Alamy)
Веројатно оние кои ги пишувале тие некролози не знаеле ништо за реалниот живот на оваа жена, која ползела низ задушувачки и жешки рударски тунели, скицирајќи воодушевувачки слики на жени и деца работници, кои често биле принудени да се соблекуваат додека работеле за да ја избегнат смртта од топлотна исцрпеност. Наследството на Гилис останува во делата што таа ги произвела, нејзините илустрации шокантни и распарчени како пишувањето на Дикенс.
