Гогољ: За судбината на писателот и за читателите…

„Мртви души“ на Николај Гогољ е книга која се смета за вистинско ремек дело и покрај тоа што не е довршена. За книгата и моите впечатоци за истата пишував на долго и широко во мојата претходна објава „Книга на зимата: „Мртви души“ од Николај Гогољ!“, но имаше два многу интересни моменти во книгата во кои Гогољ зборува за судбината на писателот, но и за читателите, односно една мала сатира за читателите, особено од високото општество. Се работи за два малку подолги извадоци, па затоа сметав дека е и подобро да бидат во засебна објава. Прочитајте ги овие неверојатни мајсторски редови во продолжение.

Најпрво прочитајте го овој неверојатен дел за судбината на писателот:

„Среќен е писателот којшто – откако минал покрај карактери додевни, омразни, што вчудовидуваат со својата жална стварност – се приближува до карактери што покажуваат високо човечко достоинство, кој од огромната галерија на ликовите што секидневно се движат одбрал само малку исклучоци, кој ниеднаш не го менувал возвишениот строј на својата лира, не се спуштал од својата височина до своите бедни, ништожни собраќа и, не допирајќи ја земјата, сиот потонал во своите далеку од неа откинати и возвишени ликови. Двојно може да му се завиди на прекрасниот дел: меѓу нив тој е како во родно семејство; а во тоа време далеку и громко се носи неговата слава. Тој ги поткадил со опоен темјан очите на луѓето; им поласкал чудесно, сокривајќи го тажното во животот, покажувајќи им го прекрасниот човек. Сè ракоплеска и јури по него и ја следи неговата тржествена колесница. Го наречуваат голем светски поет што кружи високо над сите други гении на светот, како што кружи орелот над другите птици високо што летаат. Само кога ќе му се спомене името, трепет ги обзема младите бујни срца, солзи радосници блескаат во сите очи… Му нема рамен по сила – тој е бог!

Но не е таков делот, и друга е судбината на писателот кој се осмелил да го изнесе најаве сето она што е секој миг пред очите и што рамнодушните очи не го гледаат – сета страшна потресна тиња од ситници што го обвиле нашиот живот, сета длабочина од студени, ситничави, делнични карактери што го преплавиле нашиот понекогаш горчлив и додевен земен пат, и кој со крепката сила на своето неумоливо длето се осмелил да ги изложи релјефно и јарко пред сенародните очи! Тој нема да добие аплауз од народот, тој нема да ги виде признателните солзи и еднодушното воодушевување на душите разбранувани од него; кон него нема да летне на пресрет шеснаесетгодишна девојка со пламната глава и со херојски занес; тој нема да се заборави во слаткиот занес од звуците сам што ги истргнал; најпосле, тој нема да го одбегне современиот суд, лицемерно бесчувствениот современ суд, којшто ќе ги нарече ништожни и ниски од него лелеаните созданија, ќе му одреди некај презрен агол меѓу оние писатели што го навредуваат човештвото, ќе им ги придаде својствата на хероите сам што ги насликал, ќе му го одземе и срцето, и душата, и божествениот пламен на талентот.

Зашто не признава современата критика дека се еднакво чудесни стаклата низ кои се гледа сонцето и што ги предаваат движењата на незабележливите инсекти; зашто не признава современата критика дека е потребно многу душевна длабочина за да се озари една слика земена од презрениот живот и да се издигне до бисер-дело; зашто не признава современата критика дека високата воодушевена смеа е достојна да застане во еден ред со високото лирично бранување и дека цела пропаст има помеѓу нив кривењето на панаѓурскиот палјачо! Не го признава сето тоа современата критика и сè ќе претвори во укор и лоши зборови кон непризнатиот писател; без споделување, без одвет, без учество, како патник без семејство ќе остане тој сам сред пат. Тешко е неговото поприште и горко ќе ја почувствува тој својата самотност.

И уште долго ми е одредено од некаква чудна власт да врвам рака за рака со моите чудни херои, да го разгледувам целиот огромен вител на животот, да го разгледувам низ смеа што светот ја гледа и низ солзи што тој не ги гледа и што не ги знае! И уште е далеку она време кога во друг изблик страшната бура на вдаховението ќе се крене од главата исполнета од свет ужас и блесок, и ќе се усети во неспокоен трепет величествениот гром на други зборови…

На пат! На пат! Далеку нека е од мене брчката удрена на челото и таа строга стемнетост на моето лице!“

А во следниот дел, прочитајте ја оваа малку смешна и сатирична анализа на читателите, особено оние од „високото општество:

„Простете! Од устата на нашиот херој, изгледа, излета збор земен од улицата. Што да се прави? Таква е положбата на писателот во Русија! Впрочем, ако еден збор од улицата попадне во некоја книга, не е виновен писателот, виновни се читателите, а пред сè читателите од високото општество: најпрвин од нив човек не може да чуе ниеден свесен руски збор, а француски, немски и англиски ќе ти набрборат толку многу, што ќе ти се смачи, и ќе ти ги брборат дури и со запазување на сите можни изговори, на француски низ нос и со посебно р, на англиски ќе зацвркотат како птица, дури и физиономија птичја ќе направат, па и ќе се посмеат со оној што не ќе може да направи птичја физиономија. Само на руски ништо нема да ти кажат, освен, можеби, од патриотизам ќе изградат за летување некоја куќичка по руски вкус. Ете какви се читателите од вишето сословие, а по нив и сите сами што се бројат кон вишето сословие! А пак какво пребарување! Бараат бездруго сè да било напишано со најстрог, пречистен и благороден јазик – со еден збор, бараат рускиот јазик сам од себе да падне одеднаш од облаците обработен како што треба и да слета право на нивниот јазик, а тие само да зинат со устата и да говорат со него. Навистина, чудна е женската половина од човечкиот род; но почитуваните читатели, да си признаеме, се уште почудни.“

*извадоците се преземени од македонското издание на „Мртви души“ –
Гогољ, Николај. „Мртви души“. Скопје: Мисла, 1982

Leave a comment