Македонска поезија: „Зимска прикаска“ од Гане Тородовски!

Длабоко сме навлезени во зимата и студените денови, па затоа денес на блогот читаме македонска поезија и прекрасните стихови на Гане Тодоровски!

Зимска прикаска – Гане Тодоровски

Стивна сегде шумот… градот молкна.
Скопје заспа в сладок ноќен сон;
јас сум буден, низ чистото окно
гледа ладно месец сребро полн.

Спие градот облечен во тенка
нежно-снежна копринена риза,
како змија димот витка сенка
просторот во ноќта тој го гризе.

Пак е така чудно, толку чудно,
сè e исто: ноќта, мојот дом…
„Что бы мне так больно и так трудно
жду ль чего, жалею ли о чьем?“

Не, не зошто, зошто ли ќе жалам
само детски спомен галам јас,
ене гледам собата пак мала
тате пее, тажен лее глас.

„Выхожу“ ја пее така страсно,
срцето го раѓа звукот топол,
месецот го шета сводот јасен
јас го следам со врелиот опул.

Јас го следам жедно очи вковал
в ликот негов, таму солзи капат
„Я ищу свободы и покоя“
и ме грли тој со дланот рапав.

Песно чудна! Зошто таква сила
криеш в себе. Зошто, кажи ми?
Штом те спомнам срце болно свивам
расне в тебе образ татков мил.

„Выхожу один я на дорогу
сквозь туман кремнистий путь блестит“
штом те спомнам сеќавам јас тогаш
тате пее лермонтовски стих.

Живеј песно! Знаеш ли ти колку
место земаш во срцево мое?
Знаеш ли колку ублажуваш болки?
Живеј песно живеј в мојот спомен?

***

Небото е уште така светло
месецот врз снегот згрчил лик
склопив очи…. В чуден спомен сетив
дел од мојте свидни детски дни.

Тодоровски, Гане. Скопјани. Скопје: Арс Либрис, 2020

Извор на сликата: Cabin Place

Leave a comment