Неколку занимливости за „Ловец на змејови“ на Халед Хосеини!

Ловец на змејови“ од Халед Хосеини е роман што направи вистински бум на книжевната сцена, а беше многу популарен и меѓу македонските читатели. Сижето на романот опфаќа еден подолг временски период кој освен што го следи главниот лик, ги следи и сите поважни превирања во авганистанското општество. Романот излезе во продажба во 2003 година и за кусо време стана една од најпродаваните книги таа година. Оттогаш е преведен на околу 40 јазици, вклучително и на македонски јазик, и продаден е во над осум милиони примероци. Романот исто така не беше без контроверзии и се крена многу прашина околу него поради низа работи што се опишани во книгата.

Порталот „Ментал флос“ објави неколку интересни факти за овој роман, кои можете да ги прочитате во продолжение.

Хосеини започнал да ја создава приказната на „Ловец на змејови“ како краток расказ инспириран од новинарски репортажи

Во 1999 година, Хосеини гледал вести кога видел приказна за Талибанците кои забраниле летање змејови во Авганистан. Репортажата „некако ме погоди на лично ниво, бидејќи како момче пораснав во Кабул, и заедно со сите мои братучеди и пријатели летавме змејови“, изјавил тој за „Радио Слободна Европа“. Тој најпрво напишал краток расказ од околу 25 страници и кој „се претвори во многу помрачна, поинтезивна приказна отколку што очекував“, а потоа го доставил до списанијата „Њујоркер“ и „Есквајер“, кои го отфрлиле и не го објавиле. Во 2001 година, го пронашол расказот во својата гаража и еден негов пријател го убедил да го претвори во роман.

Хосеини го пишувал романот наутро пред да оди на работа

Хосеини дошол во САД како бегалец во 1980 година по комунистичкиот пуч во неговата родна земја Авганистан. Тој имал само 15 години и знаел само неколку зборови на англиски јазик. Тој и неговото семејство се населиле во Калифорнија, и иако Хосеини сакал да биде писател, тој за „Атлантик“ изјавил: „Ми делуваше чудно да заработувам за живот со пишување приказни на јазик што не го зборувам“. Па така, на крајот избрал „посериозна професија“, и станал лекар. Подоцна, тој го пишувал „Ловец на змејови“ наутро пред да оди на работа како интернист во болница во Лос Анџелес.

Таа напорна работа на крајот се исплатела: Романот беше огромен успех, отворајќи го патот за издавање повеќе романи. Хосеини престанал да се занимава со медицина од 2004 година, но има елементи од неговиот живот како лекар кои сепак му помагаат при неговата работа како писател. Во едно интервју за „Њујорк Тајмс“ изјавил: „Карактеристики што треба да ги имате за ги завршите студиите по медицина: Дисциплина. Трпение. Упорност. Подготвеност да се откажете од спиење. Склоност кон садомазохизам. Способност за надминување на кризи и самодоверба. Прифаќањето на исцрпеноста како животен факт. Зависноста од кофеин е дефинитивен плус. Непрекинат оптимизам дека крајот е на повидок. Карактеристики што ви се потребни за да бидете романсиер: истите што ги наведов погоре“.

Терористичкиот напад од 11 септември 2001 г. и војната во Авганистан го поттикнаа интересот за романот

Во интервју за магазинот „Салон“, Хосеини рекол дека кога го пишувал „Ловец на змејови“, тој всушност се предизвикувал себеси да напише роман. Тој потоа рекол дека по трагичните настани од 11 септември 2001 година, „мојата сопруга навистина почна да зборува со мене за издавање на романот. На почетокот не сакав, но на крајот ја согледав нејзината гледна точка, а тоа беше дека оваа приказна може да покаже сосема поинаква страна на Авганистан. Обично приказните за Авганистан можат да се сместат во две категории: или се за „Талибанците и војната против тероризмот“ или за „наркотици“ – истите стари работи. Но, еве приказна за семејниот живот, за обичаите, за драмата во ова домаќинство, прозорец кон другата страна на Авганистан“.

Тие геополитички настани помогнале романот да биде објавен, но Хосеини не смета дека се заслужни за успехот на неговиот роман: „Да се биде објавен и луѓето да ја сакаат и откриваат книгата и по четири години од објавувањето се две многу различни работи. Луѓето читаат и им кажуваат на своите пријатели да ја прочитаат книгата затоа што се поврзуваат со нешто во приказната“.

(Извор на сликата: Independent)

Ликот на Хасан бил (потсвесно) заснован на вистинска личност

Кога Хосеини бил дете и растел во Авганистан, се дружел со еден човек кој работел за неговото семејство; човекот го научил Хосеини како да лета со змејови, а Хосеини му помогнал да чита. Читателите на „Ловец на змејови“ може да забележат некои сличности помеѓу тој човек и Хасан, кој во романот е слуга што му припаѓа на народот Хазари, голема, но прогонувана етничка група во Авганистан, иако според Хосеини, тоа не било намерно: „Навистина впечатлива работа беше тоа што го завршив целиот роман без еднаш свесно да помислам на него“, изјави тој за Салон. „И тогаш кога завршив, реков: „О Боже мој, секако дека оттаму доаѓа овој лик!“, што беше зачудувачки за мене, моќта на потсвеста.“

Хосеини беше критикуван од некои Авганистанци за тоа како го прикажува Авганистан

Во интервју за списанието „Атлантик“, Хосеини во 2013 година изјавил дека слушнал од „постари, поконзервативни, религиозни членови на мојата заедница“ дека неговите книги „некако го нарушиле угледот на Авганистан во очите на Западот“. Но, тој не го гледа тоа така и не мисли дека го гледаат ниту неговите читатели од Западот.

„Повеќето читатели имаат сочувство за Авганистан и неговиот народ; Постои свест за богатството на нејзината култура, нејзиното наследство и нејзината историја“, рекол тој. „И како резултат на поврзувањето со ликовите од моите романи, тие всушност имаат поизразено разбирање за Авганистан и имаат чувство на личен влог кога ќе слушнат за бомбардирање на авганистанско село. Добив е-пошта и писма токму околу ова“.

Хосеини знаел дека романот е хит кога видел како некој го чита во авион

Романот „Ловец на змејови“ бил во продажба една година пред Хосеини навистина да почувствува дека книгата е хит – и тоа се случило додека тој бил во авион. Во интервју за „Ротен томејтос“, тој изјавил: „Една дама што седеше до мене извади примерок од мојата книга од чантата. Јас едноставно бев во фазонот „Ова е чудно“. Тогаш таа почна да ја чита книгата и очигледно уживаше и имаше замаглени очи. Тоа беше моментот кога ме погоди сознанието дека луѓето навистина ќе ја читаат книгата … Беше некако отрезнувачки, бидејќи пред објавувањето на книга, некако си мислиш дека баш сите ќе ја читаат твојата книга. Реалноста е дека неколку луѓе ќе го направат тоа, ако имаш среќа. Потоа се случи тоа нешто каде што одеднаш сите ја читаа, но тоа беше првпат да ме погоди“.

Хосеини мислел дека филмската екранизација на „Ловец на змејови“ нема да биде добар филм

„Ловец на змејови“ доживеа своја филмска екранизација во 2007 година во режија на Марк Форстер со сценарио на Дејвид Бениоф, но Хосеини бил скептичен дека неговата книга навистина ќе може да биде претворена во добар филм. „Имав сомнежи“, изјавил тој за „Ротен Томејтос“. „Отсекогаш чувствував дека голем дел од романот е внатрешен, притискањето и туркањето во умот на Амир“. Тие сомнежи биле смирени од сценариото на Бениоф: „Откако го прочитав, се сеќавам дека помислив: „Има вистински филм во оваа приказна.““ (Филмот е оценет со 7,6 од 10 на IMDb и 65% од 100% на Rotten Tomatoes.)

(Видео-најавата на филмската екранизација на „Ловец на змејови“)

Хосеини не сакал многу да им се наметнува на луѓето што го правеле филмот за време на снимањето, но се понудил да биде консултант. „Знаев дека можам да понудам уникатна перспектива како човекот што ја напиша приказната“, рече тој. „Тие се консултираа со мене за различни работи, како религиозни прашања, облека, храна. Еден од драматичните примери беше кога летав за Лос Анџелес и седев со продуцентите неколку часа и буквално гледав стотици слики од различни локации низ светот, обидувајќи се да го пресоздадам Кабул од 70-тите години на 20 век. Кога ги видов сликите од Западна Кина, реков: „Ова е тоа!““

Постои и графички роман на „Ловец на змејови“

Во 2011 година, верзијата на графичкиот роман на „Ловец на змејови“ се појави на полиците во книжарниците. Во разговор со „Бук пасаж“, Хосеини изјавил дека неговиот италијански издавач му пристапил со идејата, со која веднаш се согласил затоа што бил обожавател на стрипови уште како дете; Фабио Селони и Мирка Андолфо ги направиле илустрациите, а самиот автор го прилагодил текстот. „Целта беше да се искористи постоечкиот дијалог во романот за да се унапреди приказната, надополнет секако со уметничкото дело на Фабио“, рекол тој.

„Некои од дијалозите им станаа познати на читателите на книгата и се од суштинско значење за приказната. Говорот на Баба за гревот, на пример, репликата на Рахим Кан за „начинот да се биде повторно добар“. Во други случаи, имаше сцени кои природно се придвижија кон визуелна интерпретација. За нив, воопшто не ни требаше дијалог или нарација и се потпиравме на слики. На пример, потрошив многу страници во романот опишувајќи ги сцените со борбите со змејови, но Фабио заврши толку прекрасна работа да ја долови енергијата и возбудата на турнирот, што воопшто немаше потреба од многу дијалог“.

Романот „Ловец на змејови“ често е забрануван и оспоруван

„Ловец на змејови“ досега четири пати се појави на списокот на најчесто оспорувани книги на „Американската асоцијација на библиотеки“, и тоа во 2008, 2012, 2014 и 2017 година, а причините за неговото оспорување и забранување варираат, од „навредлив јазик“ и „непогодни за возрасната група“, па сè до „се смета дека води до тероризам“ и „го промовира Исламот“.

Како одговор на забраните и оспорувањата, Хосеини изјавил:

„Книгите остануваат нашите најмоќни учители за сочувство. Тие ни дозволуваат да влеземе во животите на другите и ни ги отвораат очите за реалноста која е многу поинаква од нашата. Средношколците се многу пософистицирани мислители отколку што овие групи родители им даваат признание. Треба да ги охрабруваме нашите студенти да ја искористат можноста да растат и да развијат емпатија за другите, наместо да им ги наметнуваме сопствените предрасуди и несигурности. Забранувањето на книгите како „Ловец на змејовиr“ е трагично, им се прави лоша услуга за студентите и ги поздравувам сите оние кои се борат за слободата да читаат и да учат“.

Хосеини сега би направил поопширни уредувања на романот

Веројатно е точно дека секој писател се навраќа на своите претходни дела и наоѓа барем неколку работи што би ги променил, а и Хосеини не е исклучок од ова правило. Зборувајќи за „Гардијан“ за „Ловец на змејови“ и „Илјада неверојатни сонца“, Хосеини рекол дека книгите изгледаат како „дело на некој помлад од мене“, додавајќи: „Мислам дека ако сега го напишам мојот прв роман, би бил поинаква книга и можеби нема да биде книгата што секој сака да ја чита. Но, кога би ми дале црвено пенкало сега и би се вратил назад… би го расклопил тоа нешто“.

Извор.

Leave a comment