Трогателни и потресни мисли од „Ноќта“ на Ели Визел!

27 јануари е Меѓународен ден на комеморација на жртвите на холокаустот. Холокаустот е едно од најголемите зла што му се случиле на човештвото, а грозоморноста на геноцидот врз Евреите од страна на нацистите е нешто што не смееме да го заборавиме како човештво. Мора да се сеќаваме на сите жртви на холокаустот и Втората светска војна, важно е споменот на нив секогаш да биде вечно жив и нивниот спомен да служи како потсетник дека такво зло не смее никогаш да се повтори.

На 27 јануари светот се сеќава на жртвите: шест милиони Евреи кои биле безмилосно убиени и го загубиле својот живот, но и на сите други жртви на нацистите и сите луѓе што ги загубија своите животи за време на Втората светска војна. 27 јануари е одбран како ден за комеморација на жртвите на холокаустот бидејќи токму на 27 јануари 1945 година Сојузниците го ослободиле концентрациониот камп „Аушвиц-Биркенау“, најголемиот и најсмртоносниот комплекс на концентрациони логори.

Во чест на Денот на комеморација на жртвите на Холокаустот, денес на блогот можете да прочитате неколку исклучително потресни и трогателни мисли од „Ноќта“ на нобеловецот Ели Визел. „Ноќта“ е мемоар на Визел во кој тој го опишува неговиот живот во концентрациониот логор „Аушвиц“, опфаќајќи настани од крајот на 1941 до 1945 година, кога тој самиот бил тинејџер.

Книгата веќе ја имам препорачано на блогот, и повторно ќе ја искористам можноста да ја препорачам, бидејќи иако се работи за кусо четиво, сепак Визел на многу директен и искрен начин ги пренесува траумата и хорорите што ниту едно човечко суштество не би требало да ги преживее – никогаш.

Па оттаму, во продолжение прочитајте некои од мислите кои силно ми се врежаа во умот и срцето и кои освен што ги избрав за да се одбележи овој ден, можеби и ќе поттикнат некој да ја прочита книгата.

„Никогаш нема да ја заборавам таа ноќ, првата ноќ во логорот, што животот ми го претвори во една долга, седум пати заклучена ноќ.
Никогаш нема да го заборавам тој чад.
Никогаш нема да ги заборавам лиценцата на децата чиишто тела видов како се трансформираат во чад под тивкото сино небо.
Никогаш нема да го заборавам тој пламен што засекогаш ми ја одзеде вербата.
Никогаш нема да ја заборавам ноќната тишина што засекогаш ми ја одзеде желбата за живот.
Никогаш нема да ги заборавам тие моменти што го убија мојот Бог и мојата душа и моите соништа, што добија лик на пустина.
Никогаш нема да го заборавам тоа, дури и да сум осуден да живеам долго колку и самиот Бог. Никогаш.”

„Зборувавме за сè, освен за оние што исчезнаа.“

„Јас станав А-7713. Оттогаш, веќе немав друго име.“

„На почетокот на третата недела го тргнаа шефот на нашиот блок, бил премногу хуман.“

„Зад мене, го слушнав истиот човек како прашува:
„Каде ли е Бог?“
А во мене чувствував глас како му одговара:
„Каде е? Еве го – тука е обесен, на оваа бесилка…“

„Денес, веќе не молев. Веќе не бев способен да се жалам. Токму напротив, се чувствував многу силно. Јас бев обвинителот. А обвинетиот: Господ. Ги отворив очите и бев сам, ужасно сам во светот, без Господ, без луѓе. Без љубов, без милост.“

„Длабоко во моето срце, почувствував како се создаде една голема празнина.“

„Тие чиишто броеви ги запишаа стоеја настрана, напуштени од целиот свет. Некои од нив тивко плачеа.“

„Сè беше регулирано со едно ѕвонче. Тоа ми даваше наредби и јас ги извршував автоматски. Го мразев. Кога ќе ми се случеше да сонувам некој подобар свет, замислувам само универзум без ѕвонче.“

„Јас не сум мудрец, не сум правичен, не сум светец. Јас сум просто суштество од коски и месо. Трпам пекол во душата во и телото. Имам и две очи и гледам што се прави тука. Каде е божјата милост? Каде е Господ?“

„Го свиреше својот живот. Целиот негов живот се лизгаше по жиците. Неговите изгубени надежи. Неговото минато претворено во пепел, неговата згасната иднина. Свиреше нешто што веќе никогаш нема да го свири.“

„Стиснати еден до друг за да се обидеме да му се спротиставиме на студот, главата еднаш празна, еднаш тешка, а во мозокот вител од спомени што се распаѓаа. Рамнодушност ни го затапуваше умот. Тука или на друго место – има ли разлика? Да се умре денес, утре, подоцна?“

„Еден ден, кога собрав сили да станам, решив да се видам во огледалото што беше обесено на ѕидот отспротива. Се немав видено од гетото. Од длабочините на огледалото, ме гледаше еден труп. Неговиот поглед во моите очи никогаш не ме напушти.“

Извадоците се преземени од: Визел, Ели. Ноќта. Скопје: Арс Ламина и Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија, 2018 г.

Leave a comment