Кон животот и творештвото на Антон Чехов…

Антон Чехов е еден од најпознатите и најславните руски раскажувачи и заедно со Август Стриндберг и Хенрик Ибзен се смета за ден од најзначајните личности што придонеле за модернизмот во театарот. Покрај тоа, се смета за вистински мајстор за расказите и до ден денес, на некој начин се смета и за стандард за мајсторски напишан расказ. Неговите приказни претставуваат и комична сатира што на виделина ја вади човечката глупост и несреќната природа на постоењето. На блогот веќе имам пишувано за него, пренесувајќи ги одличните размислувања на Чехов: Техники кои го одделуваат просечниот од одличниот писател!

Меѓу неговите најпознати приказни и дела се: „Облог“, „Степа“, „Павиљон бр.6“, „Виолината на Ротшилд“, „Црниот монах“, „Скакулецот“, збирките раскази: „Човекот во футрола“, „Куќа на кат“ и „Селани“, како и драмите: „Галеб“, „Вујко Вања“, „Три сестри“ и „Вишновата градина“. „Дамата со кучето“ во многу кругови се смета за најдобриот расказ што некогаш бил напишан. Голем дел од неговите дела се екранизирани, а според веб-страницата IMDB, само Шекспир го надминува Чехов со бројот на филмски екранизации на негови дела.

Чехов (во средина) им чита сценарио на актери и актери од Московскиот уметнички театар во 1898 година
(Извор на сликата: Getty Image)

Во чест на овој голем автор, денес на блогот прочитајте нешто повеќе за неговиот живот и творештво.

Тешко детство

Антон Чехов е роден на 29 јануари 1860 година во Таганрог, пристаниште на Азовското море во јужна Русија, како трет од шесте браќа и сестри. Неговиот татко Павел Јегорович Чехов бил син на поранешен слуга. Павел бил од селото Олховатка каде имал самопослуга. Бил и директор на парохискиот хор и посветен православен христијанин. Сепак, татко му на Антон Чехов бил насилник, и многу академици и проучувачи на творештвото на Чехов сметаат дека тој служел како модел на Чехов за истакнување на дволичноста во неговите класици и раскази. Од друга страна, мајката на Чехов, Евгенија, била одлична раскажувачка која ги забавувала децата со приказни за нејзините патувања со нејзиниот татко трговец со ткаенина низ цела Русија.

Чехов посетувал грчко училиште во Таганрог, а гимназијата во Таганрог подоцна била преименувана во гимназија Чехов, а она што е интересно е што Чехов бил приморан да повторува една година кога имал петнаесет години поради тоа што паднал на испит по старогрчки јазик. Пеел во грчкиот православен манастир во Таганрог, а исто така и во хоровите на неговиот татко.

(Слика од млад Чехов, извор на сликата: LitHub)

Тој го употребил зборот „страдање“ за да го опише своето детство во едно писмо од 1892 година. Во писмото тој напишал: „Кога јас и брат ми стоевме среде црква и пеевме „Нека биде возвишена мојата молитва“ или „Гласот на Архангелот“, „сите нè гледаа со емоции и им завидуваа на нашите родители, но ние во тој момент се чувствувавме како мали осуденици“.

Понатамошното образование, финансиските проблеми и почетокот на неговата книжевна кариера

Семејството на Чехов живеело во сиромаштија откако неговиот татко побегнал во Москва, бидејќи прогласиле банкрот поради преголема потрошувачка на средства за изградба на нова куќа. Чехов почнал да ги продава имотите на своето семејство за да се издржува себеси и семејството.

Всушност, откако го завршил школувањето во Таганрог и му се придружил на семејството во Москва и добил стипендија и се запишал на медицинското училиште на Првиот московски државен медицински универзитет „И.М. Сеченов“. Всушност, токму на негов грб паднале обврските да се грижи за семејството и со цел да го издржува семејството и да ја плати школарината, тој почнал секојдневно пишувал кратки хумористични скечеви и вињети од современиот руски живот, а подоцна и драми за театар и раскази.

Неговиот труд постепено му донел репутација на сатиричен хроничар на рускиот уличен живот и до 1882 година пишувал за „Фрагменти“ кои биле во сопственост на Николај Лејкин, еден од водечките издавачи во тоа време. Во 1886 година, тој добил понуда да пишува за „Ново време“, еден од најпопуларните весници во Санкт Петербург, руски весник чиј сопственик и уредник бил милионерот Алексеј Суворин.

(Извор на сликата: EdrawMind)

Чехов толку многу го привлекувал вниманието на народот поради неговите дела, што прославениот руски писател Димитриј Григорович му напишал писмо на Чехов откако го прочитал неговиот расказ „Ловец“, во кое му рекол дека има вистински талент, талент што го става на првото место меѓу писателите во новата генерација. Во 1887 година, Антон Чехов ја добил Пушкиновата награда за неговата збирка раскази „Во самраците“ за најдобра книжевна продукција и истакната висока уметничка вредност.

Она што исто така е интересно е што при градењето на неговите хумористични скици за современиот руски живот тој користел и прекари и псевдоними како Антоша Чехонте и Човекот без слезина.

Најважните и пресвртни точки во неговата кариера како драматург и писател

Во 1887 година, еден раководител на театар му наложил на Чехов да напише драма и тој го сторил тоа. Се работело за претставата „Иванов“. Драмата била напишана за две недели и поставена на сцена во ноември таа година. За Чехов ова било ужасно искуство и во писмото што му го напишал на својот брат Александар, тој насликал комичен портрет на хаотичната продукција. Сепак, на големо изненадување и чудење на Чехов, претставата била голем хит и добила многу пофалби за неговата оригиналност.

Иако Чехов не го сфатил и дознал тоа во тоа време, но неговите драми како „Галеб“, „Вујко Вања“, „Три сестри“ и „Вишновата градина“ биле исклучителна револуционерна основа за тоа што значи здрав разум во театарот и глумењето и таа основа важи и денес. Ова значи дека во неговото пишување длабоко е проникнат обидот и намерата да се рекреира и изрази реализмот за тоа како луѓето вистински дејствуваат и зборуваат едни со други и истото да се пренесе преку глумењето на сцената.

Максим Горки и Лав Толстој на Јалта
(Извор на сликата: Sergenko, Petr Alekseevič — ImageZeno.org/Wikipedia)

Еден интересен факт е дека тој привремено се откажал од пишувањето за театар откако претставата „Галебот“ добила слаб прием од публиката во 1896 година. Претставата станала успешна дури откако била изведена од познатиот Московски уметнички театар, а на голема среќа за руската и светската уметност, тој продолжил да твори.

Дополнително, тој понекогаш не бил разбиран и се соочувал и со критики во контекст на неговите раскази. Во текот на неговата кариера неколку пати се појавиле жалби дека на читателите им било тешко да ги разберат неговите приказни, но тој изјавил дека „писателот ја создава приказната не за да им одговори на читателите, туку за да поставува прашања“.

Неговата посета на островот Сахалин

Чехов патувал со воз, кочија и речен параброд до рускиот далечен исток, и поминал три месеци интервјуирајќи илјадници осуденици и доселеници за попис во казнената колонија, островот Сахалин што се наоѓа северно од Јапонија.

Наодите на Чехов биле објавени во 1893 и 1894 година, во „Островот Сахалин“ како општествен есеј и анализа за затворската реформа. Сепак, тој дополнително го издал и „Пеколот на Сахалин“, долг расказ за убиството, инспириран од неговата посета таму.

Неговата работа како лекар и неговиот живот во Мелихово

Како што веќе беше наведено погоре во текстот, Чехов студирал медицина, а својата диплома ја добил од Првиот московски државен медицински универзитет „И.М. Сеченов“ и станал квалификуван лекар во 1884 година, додека веќе во полн ек било неговото пробивање во светот на книжевноста. Всушност, работата на Чехов како лекар го збогатило неговото пишување бидејќи преку неговата работа како лекар тој се запознал и бил во контакт со сите делови од руското општество, а тоа многу му помогнало при пишувањето и создавањето реалистични и сатирични слики на самото општество. Една од најпознатите изјави на Чехов е токму таа за неговите две професии: „Медицината е мојата законска сопруга, а литературата е мојата љубовница.“ Она што е многу интересно е што за разлика од многу други автори, Чехов живеел од парите што ги заработувал од пишувањето и општопозната е приказната дека лекувал многу свои пациенти бесплатно.

Во одреден период од животот тој живеел во Мелихово, а Михаил Чехов, член на домаќинството на Мелихово, во една прилика го опишал обемот на докторските обврски на неговиот брат. Уште од првиот ден кога Чехов се преселил во Мелихово, болните почнале да се собираат кај него патувајќи од места што биле со километри оддалечени од неговиот имот. Голем дел од нив доаѓале пешки или ги носеле со запрежни коли, а често се случувало да го носат кај пациентите дома иако живееле на подалеку. Понекогаш уште рано наутро пред неговата врата стоеле селанки и деца и го чекале за да им помогне.

Неговиот брак и неговиот престој на Јалта

Чехов купил парцела на периферијата на Јалта каде изградил вила во која се вселил со мајка му и сестра му по смртта на татко му. Она што е многу интересно е што токму еден од најпознатите негови раскази „Дамата со кучето“ го прикажува она што на почетокот изгледа како случајна врска помеѓу циничен оженет маж и несреќна мажена жена кои се среќаваат на одмор во Јалта.

На Јалта тој бил постојано активен и воедно имал и посетители како што биле Максим Горки и Лав Толстој.

Антон Чехов и Максим Горки на Јалта
(Извор на сликата: Леонид Валентинович Средин (1860-1909)/Wikipedia)

Инаку, тој во 1901 година се оженил со актерката Олга Книпер. Двајцата имале врска на далечина (тој бил во Јалта, таа во Москва) од која биле произведени многу писма кои се сметаат за многу важни за историјата на театарот. Во писмата, двојката разговара за тоа како таа треба да глуми во неговите претстави и се жали на режисерските методи на Станиславски. Сепак, нивниот брак не траел долго бидејќи за жал тој починал по само неколку години.

Неговата смрт

За жал, Антон Чехов починал навистина млад. По долга борба со туберколозата, тој починал на 15 јули 1904 година кога имал само 44 години. Во периодот кога починал, Чехов бил сметан за најголем руски писател по Лав Толстој.

Неколку месеци пред да умре, Чехов му рекол на Иван Бунин, друг писател, дека мисли дека луѓето би можеле да продолжат да ги читаат неговите дела уште во следните седум години.
„Зошто баш седум?
„Па, седум и пол. Тоа не е лошо. Имам уште шест години живот“.

Во 1908 година, неговата сопруга Олга го напишала овој извештај за последните моменти на нејзиниот сопруг:

„Антон исправено седна и гласно и јасно рече на германски јазик: „Умирам“. Лекарот дојде, зеде шприц и му даде инјекција со „камфор“, а Чехов нарача шампањ. Антон зеде полна чаша и ја разгледа, а потоа ми се насмевна и ми рече: „Одамна не сум пиел шампањ“. Го испи шампањот и тивко легна на левата страна, јас имав само време да дотрчам до него, да се испружам преку креветот и да го повикам, но тој престана да дише и мирно спиеше како дете.

Вирџинија Вулф, Џемјс Џојс и Кетрин Менсфил исклучително го почитувале

Имало одреден период кога британската и ирската јавност не била многу наклонета кон творештвото на Чехов, на пример, ирскиот автор Е. Џ. Дилион сметал дека ефектот на приказните на Чехов врз читателот е создавање чувство одбивност во галеријата на човечкиот отпад претставена од неговите непостојани, безрбетни, лебдечки луѓе, додека пак ирскиот новинар Р. Е. К. Лонг рекол дека карактерот на Чехов е одвратен и дека Чехов ужива во одземањето на последните партали од достоинството на човечката душа.

Сепак, по смртта на Чехов, работите се промениле, а затоа помогнал и преводот на Констанс Гарнет што му донела читателска публика на англиски јазик и восхит од писателите како Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф и Кетрин Менсфилд чија приказна „Уморното дете“ е слична на приказната на Чехов „Поспано“.

(Чехов и неговата сопруга Олга, извор: Mondadori via Getty)

Вирџинија Вулф била воодушевена од уникатниот квалитет на приказните на Чехов и во „Обичниот читател“ од 1925 година напишала:

„Но, се прашуваме, дали е тоа крајот? Всушност имаме чувство дека ги претрчуваме нашите сигнали, или како некоја мелодија да престанала да свири без да ја затворат очекуваните акорди.

Велиме дека овие приказни се неодредени, и продолжуваме да врамуваме критика заснована на претпоставката дека приказните треба да се заокружат на начин што ние го препознаваме. Притоа, го покренуваме прашањето за нашата сопствена читателска подготвеност и кондиција.

Онаму каде што мелодијата е позната, сочувствителните љубовници обединети, негативците вознемирени и интригите откриени, барем онака како што е во повеќето викторијански фикции, едвај можеме да погрешиме.

Но, онаму каде што мелодијата е непозната, а крајот е нота на испрашување или само информацијата дека тие продолжиле да зборуваат, како што е со Чеков, ни е потребно многу смело и будно чувство за книжевност за да нè натера да ја слушнеме мелодијата и особено оние последни ноти кои ја комплетираат хармонијата“.

*неколку извори беа користени за создавање на овој текст:

  1. Извор 1.
  2. Извор 2.
  3. Извор 3

Leave a comment