Во четврток (1 февруари), со почеток од 19 часот, во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ ќе се случи промоцијата на „Манчевски: Пет есеи“, збирка од пет есеи на еден од најпознатите и најзначајни македонски режисери – Милчо Манчевски, по што ќе следи промоција на неговиот филм „Бикини мун“ од 2017 година.
(Извор на сликата: Labaratorium)
Публикацијата „Манчевски: Пет есеи“ беше издадена во 2023 година од страна на „Филозофското друштво на Македонија“ и се состои од пет есеи пишувани во период од 1994 до 2022 година. Автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска. Есеите во книгата се на македонски и англиски јазик и изданието ќе биде промовирано од проф. д-р Ана Димишковска, додека делови од есеите ќе читаат актерите: Никола Ристески и Елена Кузманов.
По промоцијата на книгата ќе следи проекција на филмот „Бикини мун“, кој е петтиот филм на Милчо Манчевски, снимен во Њујорк, и прв негов американски проект по краткометражните филмови „Четврток“ од 2013 година и американско-кубанската копродукција „Крајот на времето“ од 2017 година , кои според најавата, исто така ќе бидат прикажани на овој настан.
Покрај промоцијата на публикацијата и проекцијата на филмот, ќе има и соодветна музичка програма.
За повеќе информации, посетете ја веб-страница на Филозофско друштво на Македонија или официјалниот настан на Фејсбук.

