На 31 јануари 1927 година се родил македонскиот револуционер и поет Ацо Караманов. Во 1941 година се вклучил во СКОЈ, на почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата македонска народна бригада, а го загубил својот живот ноќта меѓу 10 и 11 октомври 1944, на само 17 години. Заради неговата прерана смрт, на само 17 години, тој не успеал да издаде книга или поетска збирка, но, сочувани се околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки, записи од дневниците, писма и други преписки.
Во чест на Ацо Караманов, денес на блогот ги читаме неговите стихови!
И можеби ти ќе дојдеш тогаш – Ацо Караманов
И можеби ти ќе дојдеш тогаш
за последен пат на морскиот срт
немоќен и студен каде спијам
прераната да ја колнеш смрт.
А моите усни насмевнати ќе бидат
и душата уште ќе живее велам
а очите верувај сами ќе видат
и пак со тебе сè ќе делам.
Ќе бидам буден тогаш верувај
дури ќе излезам од темниот гроб
повторно да ја запеам моќната песна
на црниот и побунетиот роб.
Од моите очи ќе капат капки дожд
земјата да ја напојат родна
та и мртов ќе мислам на тебе и неа
ти среќна да бидеш, таа плодна.

