„Големиот инквизитор“: Радикалната фикција на Достоевски!

Рускиот романсиер Фјодор Достоевски се смета за еден од најголемите великани на светската книжевност. Неговото радикално творештво се занимава со големи филозофски прашања за религијата, политиката и моралот, додека, исто така, пoстави и многу модернистички основи кои ќе ја дефинираат белетристиката на 19 и 20 век. Но, дали овие епски филозофски размислувања се актуелни и денес? Рис Кулс го анализира ова прашање за порталот „Culture Trip”, а дел од нејзините главни поенти можете да ги прочитате подолу, во чест на годишнината од смртта на Фјодор Достоевски (9 февруари 1881 година).

Фјодор Достоевски постојано се нарекува најголемиот писател што некогаш живеел. Делата како „Идиот“ и „Браќата Карамазови“ одразуваат турбулентна ера во руската историја, кога радикалната политика што ќе доминира во 20 век се борела со интензивното православно христијанство со цел да ги придобие срцата и умовите на една поларизирана земја. Преведени на многу јазици, неговите одлични романи имаат влијание на писателите ширум светот повеќе од еден век и ги инспирирале сите, од егзистенцијалистичката и дистописката, па сè до книжевноста на бит-генерацијата. Меѓутоа, модерниот роман е многу променет и нашите концепти за општествена и духовна одговорност се далеку од оние од времето на Достоевски. Поради оваа променлива средина, неодамнешните критичари и писатели се трудеа не само одново да ја оценат положбата на Достоевски, туку и да се запрашаат дали неговите големи дела, толку инспирирани од тензиите на нивното време, сè уште се актуелни и денес.

Долгата и бурна книжевна кариера на Достоевски може да се подели во три различни фази. Секоја од нив била одбележана со несреќа, лошо здравје и жалост, но тие се поделени според квалитетот, содржината и влијанието на произведените дела. Првата фаза започнува со „Сиромашен народ“ (1846), но всушност вториот роман „Двојникот“, објавен подоцна истата година, се покажал како одлучувачки момент на оваа прва, контрастна фаза. Откако првично бил посочен како генијалец, Достоевски бил уништен кога критичарите го исмејувале „Двојникот“ како дело на будала која го плагијаризира Гогољ. Тој бесцелно лутал по ова јавно отфрлање и во април 1849 година, барајќи утеха во сферата на политиката, Достоевски бил уапсен поради „заговор да го наруши јавниот ред“ и бил осуден на смрт со стрелање. На крајот, оваа одлука била преиначена, но Достоевски сепак добил казна од четири години тешка работа и бил регрутиран во војска. Тој цели 10 години не се вратил во Санкт Петербург.

A кога се вратил, Достоевски бил целосно променет човек. Епилепсијата го обземала неговото кревко здравје, а маченичкото христијанство ја заменило неговата некогаш радикална политика. Сепак, тој бил решен да ја обнови својата книжевна кариера. Прво „Понижени и навредени“ (1861), а потоа „Записи од мртвиот дом“ (1862), биле во насока на подобрување на неговата нарушена репутација, но, маничната и мрачно комична книга „Записи од подземјето“ (1864) била катализаторот за крајот на она што може да се смета за испоснички години на Достоевски и почеток на неговата многу прославена и влијателна „подоцнежна“ фаза. Како и голем дел од неговите дела во овој „подоцнежен“ период, „Записи од подземјето“ често се наведува како пример за неговото најдобро творење. Сигнализирајќи промена кон психолошки исполнетите, општествено испитувачки романи кои ќе доминираат во неговата подоцнежна работа, вистинската вредност на овој интензивен роман, е каталитичката улога што ја одиграл во придвижувањето на Достоевски кон неговите големи дела.

Почетокот на оваа нова ера во животот на Достоевски се совпаднал со критичкото признание на неговите големи ривали, Лав Толстој и Иван Тургењев, почитувани поради нивните романи „Војна и мир“, и „Татковци и синови“. Гледајќи го нивниот успех и користејќи го како инспирација за да ги надмине, Достоевски го напишал првиот од неговите четири големи романи, „Злосторство и казна“ (1866). Сместена за време на едно задушливо лето во Санкт Петербург, оваа клаустрофобична, воодушевувачка приказна е еден од оние ретки романи што ги надминуваат традиционалните жанровски барометри и стануваат нешто уникатно. Преку истражувањето на идеите за слободната волја, социјалната правда и духовното откупување, „Злосторство и казна“ е веројатно филозофски најтрајното дело на Достоевски. Со своето набиено раскажување што се движи со немилосрдно темпо, романот бил огромен успех за исцрпениот Достоевски, кој набргу потоа ја напуштил Русија. Патувањето кое се движело опширно низ „Западот“, како и многу периоди од животот на Достоевски, се покажало како вежба на сила и решителност во време на голема борба.

Измачуван од чести епилептични напади и тешка финансиска состојба, дополнително огорчен од неговото коцкање, Достоевски почнал да работи на она што на крајот ќе стане неговиот многу познат класик, „Идиот“ (1868). Неостварлив и фрустрирачки, „Идиот“ е Достоевски е во неговото најтрагично светло, без искупување и без надеж, додека позитивно добриот човек, христоличниот кнез Мишкин, е измачуван во свет на материјализам и опсесивна љубов.

„Идиот“ е дело на човек кој ја преиспитува својата вера и романот бил релативно ладно примен од читателите кои сè уште биле воодушевени од неговиот претходник. Без разлика на ова, ова дело денес е препознаено како дело кое во себе ги носи некои од најубавите записи на Достоевски и дело кое му било омилено на самиот автор, но ако „Идиот“ бил Достоевски во неговиот уметнички и духовно најконфликтен период, тогаш „Бесови“ (1872) бил во неговата најреакционерна фаза.

Делумно инспириран од убиството на еден студент, трагичниот, но комичен роман „Бесови“ бил напад на зголемената популарност на нихилизмот меѓу младите во Русија. Како и со голем дел од делата на Достоевски, критичарите биле и сè уште се поделени, при што некои го прогласуваат „Бесови“ за најдобриот политички роман некогаш напишан, а други сметаат дека е најслабиот меѓу неговите „четири големи дела“. Меѓутоа, во ликот на Ставрогин, нихилистички, развратен благородник, „Бесови“ може да се пофали со веројатно најинтересната и најсложената креација на Достоевски. Преку Ставрогин, Достоевски ги истражува поимите за злото, развратот, самоубиството и неговата стравувана последица од зголемениот политички и духовен либерализам. Во тоа време, романот бил осуден од политички настроената младина бидејќи Достоевски си играл пред конзервативната толпа, но исто така го означил крајот на една деценија полна со неспоредлива продуктивност, во која Достоевски истражувал и тестирал многу свои големи маки и идеи. Ќе поминат осум години пред Достоевски да го објави своето последно влијателно ремек дело.

Пристигнувајќи од зад грб на неговиот познат говор за Пушкин, романот „Браќата Карамазови“ (1880) пристигнал во време кога популарноста на Достоевски никогаш не била поголема. Во тоа време се мачел со пишувањето по загубата на својот млад син, па така големата приказна на Достоевски за убиството, страста, семејната одговорност и божествената правда, е издигната преку едно остро, непопустливо чувство на копнеж и им должи многу на темите и идеалите кои привремено ги истражел во фарсичното, но во принцип заборавено дело „Адолесцент“ (1876).

Фокусирајќи се првенствено на затегнатите и натпреварувачки односи меѓу хедонистичкиот Фјодор Карамазов и неговите синови, симболичниот роман на Достоевски успева да вткае сложени, филозофски согледувања за конфликтите што го мачат човештвото, а истовремено функционира како забавна мистерија во која треба да се открие „Кој е виновен?“. Не долго по објавувањето на „Браќата Карамазови“, Достоевски починал. Самиот роман сè уште се смета за еден од најдобрите романи некогаш напишани и е можеби најцелосно реализирано дело на Достоевски.

Духот на неговото пишување може да се следи токму преку светот на литературата од 20 век. Неговиот дух е во богобојазливиот тон на јужниот готик на Вилијам Фокнер. Тој е во егзистенцијалистичките истражувања што во голем дел се втемелени врз изградените ликови на Жан Пол Сартр и Симон де Бовоар. Дури и мрачниот, параноичен, постмодернизам на Дон ДеЛило и нихилистичките сатири на Брет Истон Елис имаат свои цврсти корени во основата на големото творештво на Достоевски.

Она што често се заборава е дека неговото пишување предупредува на опасностите од радикалната политика, социјалната поделба и национализмот. Всушност, за писателот кој еднаш славно напишал: „Секој од нас е одговорен за сè и пред секое човечко суштество“, прашањето не треба да биде дали Достоевски е сè уште релевантен, туку како да ги зачуваме неговите безвременски ремек-дела за конфликтното човештво.

Извор.

Leave a comment