Три книги од Влада Урошевиќ што треба да ги прочитате!

Често на блогот зборувам и искрено верувам дека е многу важно да се поддржува македонската книжевност и македонските писатели и писателки, бидејќи имаме извонредни и квалитетни книжевници што заслужуваат да бидат читани и споделувани. Академик Влада Урошевиќ е еден од најпознатите и најпродуктивните македонски писатели, кој минатата година имаше многу успеси, се закити со „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, беше еден од добитниците на наградата „13 ноември“, а ја доби и наградата „Роман на годината“ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој веќе го имам препорачано на блогот, а и претходно сум препорачувала некои негови дела и на блогот често споделувам и прекрасни песни и стихови од него.

Месецов некако така ми дојде некое чувство да го посветам на македонска книжевност, па решив да прочитам три дела од Влада Урошевиќ. Се работи за навистина прекрасни книги и решив да ги споделам моите впечатоци со вас, па можеби и вие ќе се инспирирате или мотивирате да ги прочитате.

Во продолжение прочитајте три предлози за читање од творештвото на Влада Урошевиќ. Напомена: Не ги рангирав книгите, туку ги наведов по редоследот по кој ги читав.

Вонземјанки“ (Или-Или, 2023)

„Вонземјанки“ излезе од печат минатата година, се работи за збирка раскази и во секој од нив главното дејство се случува во Париз, еден малку поинаков Париз, во кој се мешаат реалното и магичното. Секој расказ изобилува со магични елементи, а на читателот останува да определи низ какви нишки се провлекува магичното и што всушност е реалноста. Влада Урошевиќ толку добро раскажува, прекрасно танцува меѓу реалното и надреалното, се поигрува со окултното и езотеричното, но секогаш остава простор да те копка што се случило. На крајот на секој расказ има и слика што на некој начин е поврзана со дел од дејството во тој определен расказ.

Искрено уживав да го истражувам и погледнам Париз и преку овие раскази на Урошевиќ и дури и по завршувањето на расказите честопати се фаќав себеси како размислувам на одредени сцени или одредени раскази и размислував на различните можности што самите раскази ги нудат од аспект на тоа што се случило и како се случило и како некои од надреалните моменти се вклопуваат во сето тоа. Топла препорака, особено ако сте љубители на магичен реализам и кратки раскази, прекрасна е нарацијата! Покрај тоа, има одлични референци, дијалози и размислувања што можат и да поттикнат дискусија и дебата.

Мисла што ми остави особен впечаток: „Не е важно чија рака го држи ножот, важно е чие срце тој прободува.“

Мојата роднина Емилија“ (Арс Ламина, 2021)

Ова книга подолго време седеше на моите полици и сè некако не се наоѓаше погоден момент да ја фатам во рака, па така конечно дојде на ред за читање и многу ми е драго за тоа. Дејството се одвива во Скопје за време на Втората светска војна, а во однос на жанровскиот дел, самиот опис на книгата вели: „Осумнаесет затворени раскази што сочинуваат отворен роман.“ Секој расказ може да се чита засебно, бидејќи нужно не е баш како роман, бидејќи секој расказ (или поглавје ако сакате) може да се чита сам за себе, но кога ќе се прочитаат сите заедно, тие сепак сочинуваат една целина.

И повторно и во оваа книга секој расказ е украсен со магичен реализам, а тука тоа добива уште поголема додадена вредност, бидејќи е испреплетен со детството, период од животот кога сè е малку помагично. Нараторот ги раскажува своите искуства, во голем дел надреални, што ги доживува со својата роднина Емилија за време на едно Скопје кое е во екот на Втората светска војна.

Многу е интересно и да се чита за Скопје во тоа време, како и за сите магични елементи сокриени во ќошињата, сокаците, уличките и куќите. И особено во време на војна, луѓето се трудат да ги поминат тие лоши денови најдобро што умеат, па оттука може и да се постави дилемата, дали на детските очи им е потребна магија за да го разубават сивилото што ги опкружува и така полесно да поминат низ таа разорна траума? А можеби магијата и навистина постои за они што имаат очи да ја видат. Топла препорака!

Мисла што ми остави особен впечаток: „Нема нови соништа, сите се веќе сонувани.“

Маџун“ (Или-Или, 2023)

Овој роман е навистина неверојатен и уживав во секој ред и секој дел. Повторно, еден од главните моменти е детството, односно целото дејство се одвива во Скопје пред почетокот на Втората светска војна и истовремено ни го покажува развојот на едно детство и како едно дете ги доживува сите настани околу себе. На одреден начин се раскажува една лична, индивидуална приказна, на едно дете што расте и не може до крај да се разбере со возрасните, ниту сосема да ги разбере, но таа приказна се испреплетува со општата атмосфера и историја на Скопје.

Самиот роман е поделен тематски на три дела: „Рајот на детството“, „Сјајот на детството“ и „Крајот на детството“. Секој од нив ни го покажува секојдневието на нашиот млад наратор кој нè води низ случувањата во своето семејство и надвор од него, барем од она што тој може да го разбере. Тој честопати е во судир со возрасните, не може да ги разбере, се лути што не можат да го разберат, иако тој интуитивно прима и разбира многу повеќе отколку што тие мислат дека може.

Ептен ми легна раскажувањето на Влада Урошевиќ, уживам во приказните што ги гради, и без оглед на тоа што сум родена многу подоцна од периодот опфатен во овој роман, па и оној во „Мојата роднина Емилија“, сепак правеше да чувствувам носталгија по моето лично, сопствено детство. Често низ читањето правев паузи за да нурнам во сопствените спомени, сопственото растење и детство, а сето тоа во комбинација со описите на Скопје во едно неизвесно и турбулентно време, направи моето искуство при читањето на оваа книга да биде прекрасно и верувам дека овој роман долго време ќе го носам во себе.

Мисла што ми остави особен впечаток: „Додека сонцето заоѓа и небото над градината има боја на сладолед од ванила, врз кој е истурен малку вишнов сок, од некаде, од зад тополите, се слуша нешто како далечна грмотевица.“

Leave a comment