Ацо Шопов несомнено е еден од најзначајните македонски поети, а лани се одбележаа и 100 години од неговото раѓање и по тој повод се одржаа повеќе различни настани и беа издадени неколку публикации и книги околу неговото творештво.
(Извор: ЈуТуб каналот на групата „Ветрило“)
Пред околу еден месец на каналот на групата „Ветрило“ беше објавен видео-запис за песната „Black Sun” што е всушност песна чии стихови се англиски препев на познатата песна на Ацо Шопов, „Црно сонце“. Групата „Ветрило“ е составена од: Верица Андреевска (вокал), Дејан Спасовиќ (гитара, тамбура), Верица Недеска (пратечки вокал), Кирил Бабамов (бас гитара), Круме Стефановски (кахон).
Во интервју за дигиталниот медиум „Види Вака“, вокалистката Верица Андреевска вели:
„Преку музиката, сакаме да ѝ дадеме на некој начин ветар во едрата на македонската поезија, затоа што мислиме дека сè уште е недоволно позната и сè уште младите не ја познаваат доволно.“
Таа во истото интервју вели дека песната е препеана на англиски јазик и дека направиле комбинација на песната од четворица преведувачи, а на видеото на Јутуб, во описот е наведено дека препевот е на Зоран Анчевски, Драги Михајловски, Роли Грау, Кристина Крамер. Дополнително, како што пренесува „Види Вака“, групата најавува дека годинава ќе издаде албум со текстови од неколку други поети.
Во продолжение погледнете го видеото и слушнете ја песната „Black Sun”:
~ Во продолжение прочитајте ја песната „Црно сонце“ од Ацо Шопов:
Црно сонце – Ацо Шопов
1.
Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад.
И секој што ќе посака да ти се напие од сјајот
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот.
Тревите се веднат, дрвјето трчаат боси
пред твојот цвет што гори и црна пепел носи.
Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.
Црно сонце, црно без исток и запад,
црно сонце за жедни на брегот што ќе стапат.
2.
Од која незнајна земја, како долета тука
о црно сонце, птицо во живо дрво што клука.
Кој маѓесник те прати, со каква тајна сила
ѕуницо над триста Волги и преку триста Нила.
Каков е тој небесен појас, таа шарена лента
од сите темни галаксии па до нас – два континента.
Зар да те истрадам сега пред да знам како се страда,
пред да те видам како вселенска барикада.
О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става
на плеќи да те носам место својата глава.
3.
Каде ме водиш сега, која ли пештера глува
сè што ќе биде наше ќе знае да го чува.
Ѕвездите гледаат во нас, а ѕвездите се слепи.
Ние сме само на светот како две сраснати крепи.
Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас ѕида
за да нè закопа живи во мртва пирамида.
О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно
сè што ми носиш денес, сам ќе го испијам жедно.
Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад.
Попусто те молам со молитва за напад.
„Гледач во пепелта“, 1970
~ Подолу можете да го погледнете одличниот прилог на „Види Вака“ и да слушнете повеќе за концептот и идејата:

