Ацо Шопов за небиднината и желбата да ја открие смислата на човековото постоење…

Ацо Шопов е еден од најголемите македонски поети и книжевни великани, без никакво двоумење. Минатата година се одбележија 100 години од неговото раѓање и тоа беше одличен период за повторно откривање на поезијата и мислите на Ацо Шопов.

Минатата година во продажба излезе „Песна над песните“ – стихозбирка со песни од Ацо Шопов, но она што ѝ дава додадена вредност се извадоците и архивските материјали од интервјуа и написи на Ацо Шопов, дополнети со осврти и размислувања од други писатели, критичари, итн. Книгата е во издание на Сигмапрес и е подготвувана во соработка со ќерката на Ацо Шопов, Јасмина Шопова.

Книгата е одлична и ви ја препорачувам, освен веќе познатите прекрасни песни, навистина уживав да ги читам извадоците и изјавите на Ацо Шопов, како и што други пишувале за него и неговата поезија, но повеќе за неа ќе пишувам во следната објава со препораки што ќе ја објавам на почетокот на март (стандардно, како и секој месец). Читајќи ја збирката, налетав на два прекрасни извадоци кои мислам дека заслужуваат да добијат посебна објава, бидејќи откриваат многу од суштината на творештвото на Ацо Шопов.

Првиот извадок е од архивските материјали на Ацо Шопов од 1963 година, во кој тој на еден начин дава увид во смислата и целта на неговата поезија, односно да нурне во своето творештво за да ја откри смислата на човекото постоење:

„…И денес, како и тогаш кога ја напишав првата песна, не слутејќи на какви искушенија им идам во пресрет, сакам и настојувам да ја откријам за себе, а со тоа можеби и за другите, смислата и целта на човековото постоење во нашето време, на сè она со што се одредува човекот на денешницата, сè што е возвишено и загрижувачко, сите подеми и падови, сите спогодби и раздори што човекот ги чини во себе и со себе, но и како човек со човекот, генерација со генерацијата, луѓе со луѓето.
Разликите се големи, понекогаш изгледаат непремостливи, но нам ни е пресудено да бидеме заедно, ние стануваме свесни за таа неминовност, чекориме низ својот живот стремејќи се да се најдеме себеси, а ги откриваме другите, чекориме низ туѓиот живот за подобро да го запознаеме, а се откриваме себеси, и така во тоа долго патување низ себе до другите, низ другите кон себе, со горко но чесно сознание дека тешко може да се согледа крајот на тоа патување, доаѓаме до некој гребен на човечноста и застануваме да се обрѕрнеме исполнети со чудна и тажна радост…“

Вториот извадок е негов кус коментар за небиднината. Една од неговите најпознати песни е „Небиднина“ и во книгата има повеќе коментари и анализи околу небиднината како концепт, поим и дефиниција, но оваа конкретна мисла, односно целина ми остави навистина голем впечаток и мислам дека многу убаво ги доловува ставовите на Ацо Шопов. Извадокот е од 1976 година и се појавил во „Одјек“.

„Што е небиднината? Постојат многу, повеќе или помалку успешни преводи на овој збор, но ниеден не успеал да ја изрази неговата суштинска смисла. За мене, овој збор ја изразува сета судба на нашиот народ: неговите вековни борби и страдања, стремежи и неостварени идеали, љубови и патила. Небиднината е небиднина и, ми се чини, непреводлива.“

Извадоците се преземени од: Шопов, Ацо. Песна над песните. Скопје: СИГМАПРЕС; 2023

Leave a comment