Емили, Шарлот и Ен Бронте се вбројуваат меѓу најзначајните писатели и писателки во историјата на книжевноста. Иако, за жал, за време на нивниот краток живот не објавиле многу дела, сепак оние што ги оставиле зад себе се сметаат за столб на историјата на книжевноста. Тие имале свои интереси и влијанија што го обликувале нивното творештво, а денес на блогот имате можност да прочитате еден текст на В.М.Браганза за магазинот „Смитсонијан“ во кој тој зборува за еден подзаборавен краток расказ од нејзината младост кој покажува дека таа секогаш била заинтересирана за мистериозното и натприродното… Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу има линк кој ве води до оригиналната статија на англиски јазик.
(илустрација на: Мелан Соли,
извор на сликите: Wikimedia Commons, V.M. Braganza, Смитсонијан)
Од моментот кога библиотекарката го стави документот на мојата маса во библиотеката „Хаутон“ на Универзитетот Харвард, имав претчувство дека ќе ми треба лупа.
Врзан во избледена виолетова кожа, ситниот предмет направи количката со книги да изгледа апсурдно непотребно. Со должина од само 9,5 сантиметри и ширина од 4 сантиметри, ракописот ми се вклопи во дланката. Но, внатре беше вгнездено богатство што е доволно ретко за да му го одземе здивот на секој љубител на книжевноста: една страница покриена со микроскопскиот ракопис на 14-годишната Шарлот Бронте.
Овој лист хартија не е ниту дневник, ниту белетристика. Насловен како „Чудната појава во парсонажата“, овој текст раскажува морничава приказна, детално ги прикажува сеќавањата на тинејџерката Бронте од ноќта на 22 јуни 1830 година, кога Бронте ги вкрстила патиштата со нешто вознемирувачки блиску до натприродното. Настрана од неколкуте кратки спомнувања во биографиите на Бронте, ракописот не привлекол премногу внимание. Сосема случајно го сретнав во електронскиот каталог на ретки ракописи на Харвард, каде што ја проучувам англиската книжевност. Кога го видов насловот, бев толку заинтригиран што решив да го видам лично.
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer_public/bd/2b/bd2ba319-3bcf-493f-a457-0622792189b3/20231030_111318.jpg)
(оригиналниот ракопис на Шарлот Бронте, „Чудната појава во Парсонажата“
извор на сликата: V.M. Braganza, Smithsonian)
Случката за која станува збор е чудна, но вистинита. Во таа рана летна ноќ, Бронте седела во кујната на парсонажата Хаворт, домот на нејзиното семејство во западен Јоркшир, Англија. Нејзиниот татко, Патрик Бронте, бил свештеник на локалната парохија. Но, како што пишува Бронте, тој бил „многу болен, врзан за креветот и толку слаб што не можеше да стане без помош“. (Воспаление на белите дробови ќе го задржи Патрик во кревет вкупно три недели во јуни и јули истата година.)
„Одеднаш“, продолжува Бронте, „слушнавме тропање на вратата“. Табита „Таби“ Ајкројд, семејната домашна помошничка, „стана и ја отвори. Се појави старец, кој стоеше надвор.“
Бронте ја запишала комуникацијата помеѓу помошничката и старецот во форма на дијалог. Странецот побарал да се види со Патрик, но откако бил известен дека е болен и лежи во кревет, средбата добила вознемирувачки тек. Посетителот тврдел дека дошол да му предаде порака на Патрик од самиот Бог:
„Господ, тој сака да ви кажам дека младоженецот доаѓа и дека мора да се подготви да го пречека; дека жиците ќе се одврзат и ќе се скрши златниот сад; стомната се скрши кај чешмата и тркалото застана кај цистерната.“
Сосема соодветно, овие криптични зборови всушност биле референца на еден библиски стих. Преземено од Проповедникот, пасусот доаѓа во моментот кога израелскиот цар Соломон му дава совет на еден млад човек како да живее и да умре. Сликите на скршени предмети ја пренесуваат неповратноста на смртта, бидејќи Соломон го моли својот придружник да се сеќава на Бог „пред да се скрши сребрениот врв“. Очигледно, странецот дошол да му каже на Патрик дека ќе умре.
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer_public/ff/1c/ff1c87a9-5f7b-4656-8f89-b2cc83d0cf1f/bedroom_objects_on_display.jpg)
(Реставрираната соба на Патрик Бронте во некогашната куќа која денес е музеј
Извор на сликата: The Brontë Society, Smithsonian)
Зборовите на мажот — исто така извлечени од Библијата, во која се вели дека „младоженецот долго време бил очекуван“ — очигледно ја вознемириле младата Бронте, без оглед на тоа што таа се обидувала да не верува во неговото пророштво.
„Иако сум целосно убедена дека тој беше некој фанатички ентузијаст, можеби добронамерен, но целосно неук за вистинската побожност, сепак не можев да издржам, а да не заплачам поради неговите зборови, кажани толку неочекувано во тој одреден период“, заклучува таа на дното на малата страница.
Реакцијата на Бронте е разбирлива. Доколку нивниот татко умрел, децата Бронте не само што ќе останеле сираци (нивната мајка починала во 1821 година), туку и ќе ја изгубеле финансиската поддршка од која зависеле. За среќа на четирите преживеани деца – сестрите Шарлот, Емили, Ен и нивниот брат Бранвел – Патрик целосно се опоравил; всушност, тој ги надживеал сите негови деца, починал во 1861 година на 84-годишна возраст.
Освен тоа, се покажало дека непознатиот човек е локален земјоделец кој подоцна бил испратен во ментална болница. „Чудната појава во парсонажата“ можеби не се покажала како вистинска средба со паранормалното, но фрла поглед на страната на Бронте која дури и нејзините најстрасни читатели ретко ја гледаат или забележуваат – онаа што одговара за сезоната на страшни приказни. Од млада возраст, Бронте имала наклонетост кон натприродното. Уште повеќе, нејзината привлечност кон чудното и ужасното било првичниот мотор за нејзината љубов кон раскажувањето.
Како ученичка во училиштето „Ро Хед“ во Мирфилд, младата Бронте стекнала репутација на раскажувачка на прогонувачки приказни, вклучително и онаа за „талкањата на месечарот“, како што напишала соученичката Елен Нуси во есеј од 1871 година. „Таа ги обедини сите ужаси што можеше да ги создаде нејзината имагинација, од брановидни мориња [до] разбеснети кршења, високи ѕидови на замокот, високи пропасти, невидливи бездни и опасности“.
Историчарката Џулиет Баркер во книгата „Бронтееви“ вели дека една од врсничките на Бронте толку многу се исплашила од приказната што девојките морале да повикаат помош, правејќи Бронте да се чувствува доволно виновно за да вети дека ќе престане да споделува такви застрашувачки приказни, и тоа траело сè додека „големата побарувачка“ не ја променила нејзината одлука.
Сара Л. Пирсон, научничка и истражувачка на творештвото на Бронте од Универзитетот „Тринити Вестерн“ во Канада, верува дека средбите со натприродното не биле нужно ограничени на приказни за браќата и сестрите Бронте. Таа има теорија дека таквите приказни ги подготвиле за реални средби со необјаснетото, вклучувајќи ја и случката драматизирана во „Чудната појава во парсонажата“.
„Шарлот и другите деца не би се изненадиле од ваквото искуство“, вели Пирсон за „Смитсонијан“. Според неа, во вториот роман на Шарлот Бронте, „Ширли“, авторката „преку фикција ги опишува „лудите методистички списанија“ што ѝ припаѓале на нивната мајка, а кои децата ги читале, и биле „полни со чуда и привиденија, со натприродни предупредувања, застрашувачки соништа и бесен фанатизам.“
Во 1857 година, две години по смртта на Бронте, викторијанската романсиерка Елизабет Гаскел напишала биографија за авторката со наслов „Животот на Шарлот Бронте“. Во него, Гаскел ја спомнува „Чудната појава во парсонажата“ и ја истакнува наклонетоста на Бронте кон страшното.
„Така, децата што водат затскриен живот често се промислени и сонливи: впечатоците што им ги остава светот без … случајните средби со чудни лица и фигури (ретки појави на оние места кои не се оддалечени) понекогаш ги зголемуваат и претвораат во работи што се толку длабоко значајни што се речиси натприродни“, напишала Гаскел. „Оваа особеност многу силно ја гледам во делата на Шарлот во овој момент“.
Леа Прајс, книжевна истражувачка од Универзитетот „Рутгерс“ и основачка на „Книжевната иницијатива“ што постои на универзитетот, верува дека Гаскел ги сметала натприродните наклонетости на Бронте за непожелни.
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer_public/96/b8/96b8cfca-179d-49b1-96ec-c50bdd7efd5b/edit.jpg)
(поглед во минијатурниот ракопис на Шарлот Бронте, извор: V.M. Braganza, Smithsonian)
„Биографијата на Гаскел се обидува да ја заштити репутацијата на возрасната Шарлот со префрлање на нејзиниот интерес за натприродното во детството и објаснувајќи го со фактори на околината“, вели Прајс за Смитсонијан.
Како и да е, расказот „Чудната појава во парсонажата“ и неговата натприродност го привлекуваат вниманието на читателите кон елементите на натприродното во попознатите списи на Бронте. Овој минијатурен ракопис покажува дека паранормалните елементи се вткаени и во нејзиното најпознато дело, „Џејн Ер“. Во второто поглавје од романот од 1847 година, тетката на младата хероина ја казнува заклучувајќи ја во „црвената соба“ – местото каде починал нејзиниот вујко, покојниот г-дин Рид.
„Суеверијата беа со мене во тој момент“, признава 10-годишната Џејн. Подоцна, таа додава: „Мислев дека духот на г-дин Рид, прогонуван од грешките на детето на неговата сестра, може да го напушти своето место на живеење – било во црковниот свод или во непознатиот свет на покојниците – и ќе се издигне пред мене во оваа одаја“.
Часовите што сестрите Бронте ги минале заедно градејќи замислени светови оставиле печат на нивните индивидуални кариери. Сите три станаа писателки. Очигледната привлечност кон готското и натприродното во нивните рани, колаборативни романси го покажува своето влијание во нивните подоцнежни дела, вклучувајќи го и романот на Ен од 1848 година, „Станарката на замокот Вајлдфел“, и единствениот роман на Емили, прочуеното дело „Оркански височини“.
На овој начин, „Чудна појава во парсонажата“ сведочи за важноста на детските дела на писателите, или јувенилијата, во испитувањето на нивните рани влијанија и еволуцијата на нивниот занает. Историски гледано, ваквите композиции не го привекувале вниманието на книжевните научници, кои генерално претпочитаат да го фокусираат своето внимание на „зрелото“ пишување на авторите. Но, Бронте, Џејн Остин, Луиза Меј Алкот, Луси Монтгомери и другите познати писатели и писателки морале да започнат од некаде – и тоа „некаде“ може да испадне навистина фасцинантно.
Детската фасцинација на Бронте со мрачните, морничави и романтични приказни произлегла од мрачниот, рурален пејзаж на Јоркширските мочуришта каде пораснале, како и имагинативната игра поттикната од трансформацијата на кутијата со војници-играчки од страна на браќата и сестрите во група на ликови кои ги населувале нивните приказни. Заедно, трите сестри продолжиле да создаваат мрачни фантастични светови кои ќе ги прогонуваат нивните најпознати „зрели“ дела. Измислениот свет на „Гондал“, на пример, го прикажува одмаздничкиот пејзаж на „Оркански височини“; дури беше дом на лик кој наликува на најпознатата креација на Емили, измачениот антихерој Хитклиф.
Гледано во оваа светлина, композицијата на Бронте од 1830 година е само врвот на ледениот брег во тековната потрага за откривање на почетоците на саканата писателка.

