Првичната верзија за Пинокио е всушност мрачна и страшна приказна….

Бајките на Дизни и анимираните филмови и цртани за поголемиот дел од луѓето се неизбежен дел од нивното детство, заедно и со книгите што ги читавме како деца токму за нашите омилени ликови. Но, она што е интересно е што голем дел од оригиналните бајки се многу страшни и воопшто не се налик на оние преработени приказни што ние многу ги сакаме. Пред неколку години објавив текст за страшните краеви и приказни на три популарни бајки, меѓу кои се зборуваше и за приказната за „Пинокио“ која е денешната тема на блогот и која во повеќе детали е разработена во овој текст на Патрик Торнтон за веб-страницата „Ранкер“.

Многумина од нас пораснаа со впечатливите авантури на Пинокио преку анимираната екранизација на Дизни од 1940 година на оригиналната приказна на италијанскиот автор Карло Колоди од 1883 година. Филмот „Пинокио“ ја раскажува здравата приказна за магичната марионета која сака да биде вистинско момче, а носот му расте кога лаже, што е некако преслатко кога ќе го видите на екранот. Вистинските „Авантурите на Пинокио“, сепак, се многу поблиску до хорор приказна.

(Сцена од анимираниот филм „Пинокио“ од 1940 година, извор: IMBd)

Пинокио не е слатка и симпатична марионета и не прави ништо друго освен што го тероризира Џепето во поголемиот дел од книгата. Дрвеното момче има повеќе искуства каде буквално моли за својот живот. Доколку како деца ја читавме оригиналната приказна за Пинокио и нејзиниот мрачен заплет веројатно ќе имавме трауми од детството.

Пинокио го започнува животот како труп што може да плаче и „да се смее како дете“

Оригиналната приказна за Пинокио започнува со еден човек по име Мастро Чери кој се обидува да исече трупец, но кога ќе удри со секирата во дрвото, тоа плаче. „Ве молам бидете внимателни! Не ме удирајте толку силно“, моли трупецот со нежен, детски глас, на големо изненадување на Мастро Чери.

Тој продолжува да удира со секирата, но тогаш дрвото почнува да се смее како дете, велејќи дека секирата му го скокотка стомакот. Во овој момент, Мастро Чери одлучува дека ова парче дрво што зборува е проблем и му го дава на својот пријател Џепето, кој сакал да направи марионета.

Пинокио лошо се однесува уште од самиот почеток

Уште од самиот почеток, Пинокио се однесува ужасно и постојано го измачува својот творец. Додека тој сè уште е само еден трупец дрво, тој го нарекува Џепето „Полендино“, во превод од италијански јазик значи „каша од пченкарно брашно“ и служи во случајов како навреда бидејќи се однесува на жолтата коса на Џепето. Всушност, Џепето мисли дека Мастро Чери го кажува тоа, и двајцата почнуваат тепачка, сето тоа поради трупец.

Откако Џепето завршува со длабење на носот на Пинокио, тој почнува да расте, навидум по волја на марионетата. Причината нема врска со лажењето – тоа е горе-долу шега на Џепето. Додека Џепето ја резба устата на Пинокио, куклата се смее и го вади својот дрвен јазик. Кога Џепето ќе заврши со резбањето на стапалата на марионетата, Пинокио го удира со ногата во лице. Сон на Џепето е да направи марионета со која ќе може да патува низ светот, но веднаш жали и се кае што го направил Пинокио, кој е и вербално и физички насилен кон кутриот дрводелец.

Откако Џепето конечно ќе заврши со правење на куклата, Пинокио бега, но е фатен од полиција

Откако Џепето го надминува клоцањето во лице и конечно завршува со правење на Пинокио, марионетата бега. Џепето го брка и еден полицаец го фаќа Пинокио, фаќајќи го за долгиот дрвен нос. Кога му го враќаат на Џепето, Пинокио доживува тотален нервен слом пред жителите на градот, кои изгледаат како да е сосема нормално постоењето на марионета која може сама да оди и да зборува. Всушност, луѓето се позагрижени поради тоа што Џепето ќе го казни Пинокио откако ќе стигнат дома, па полицијата го апси и носи Џепето во затвор.

Кога полицијата го апси, Џепето покажува дополнително жалење и каење што го направил Пинокио, велејќи: „Требаше повеќе да размислам околу сето ова“. Ова е можеби една од работите во приказната што често се превидуваат.

Пинокио го убива Штурецот со чекан

Откако го носат Џепето во затвор, Пинокио се враќа во куќата на старецот и го пречекува штурец што зборува. Во книгата, овој разговорлив инсект е едноставно познат како „Штурецот“. Тој му кажува на Пинокио дека живее во собата сто години и ја кара марионетата за неговото однесување: „Тешко на момчињата кои одбиваат да ги послушаат своите родители и бегаат од дома! Никогаш нема да бидат среќни на овој свет“.

(Илустрација од книгата на Карло Чиостри, извор: Wikimedia Commons)

Наместо да размисли за овој совет, Пинокио се нервира и фрла чекан кон Штурецот. Во приказната одоколу се истакнува тоа дека Пинокио всушност сака да го промаши Штурецот, но чеканот го погодува и Штурецот умира. За среќа, Штурецот не е една од жртвите на Пинокио во анимираната верзија на Дизни.

Сепак, во книгата, Штурецот се враќа на половина од приказната како штурец-дух за да му даде повеќе совети на Пинокио.

Пинокио за малку ќе бил претворен во огревно дрво во Големиот театар на марионети

По бегството од дома, Пинокио завршува во Големиот театар на марионети, каде што сите други марионети се чини дека го познаваат, иако тој штотуку бил издлабен од Џепето. Возбудени и предизвикувајќи голема гужва, марионетите го вознемируваат Огнојадецот, директорот на театарот. Тој им кажува на две од другите марионети, Пулсинела и Арлекин, да му го донесат Пинокио за да може да го фрли малото дрвено момче во оган.

Двете марионети го носат Пинокио во кујната каде што се пече јагне на отворен оган, а Пинокио моли за неговиот живот. Огнојадецот потоа почнува да кива, што очигледно е знак дека му е жал за марионетата. Арлекин му шепоти на Пинокио: „Огнојадецот кивна и ова е знак дека му е жал за тебе. Ти си спасен!“ Огнојадецот потоа се обидува да го фрли Арлекин во оган, но Пинокио успева да го спаси. Досега ова е единственото убаво нешто што Пинокио го направил.

Пријателска птица што се обидува да му помогне на Пинокио настрадува од мачка

На пат кон дома, Пинокио среќава екипа на лисици и мачки-убијци кои се обидуваат да го измамат за да му ги земат петте златници што ги добива во театарот. Додека лисицата и мачката се обидуваат да го „подмачкаат“ Пинокио, дружељубивата малечка птица црцори, „Пинокио, не слушај лоши совети. Ако слушаш, ќе ти биде жал“.

Слушајќи го ова предупредување, мачката ја јаде птицата, „со пердуви, со сè“. Кога Пинокио прашува зошто мачката го направила тоа, таа лежерно одговара дека сакала да ѝ одржи лекција на црната птица да не зборува толку многу. Лисицата и мачката на крајот го измамуваат Пинокио, но на крајот од приказната ги добиваат своите казни, засилувајќи ја идејата дека секој е строго казнет ако не ги следи правилата.

Пинокио го напушта Џепето кога ќе го проголта ајкула

Како и во филмската верзија од 1940 година, Џепето се качува на брод за да го најде Пинокио, иако тој досега не му донел ништо друго освен неволја. Пинокио и Џепето успеваат да се најдат, но Џепето е проголтан од џиновска ајкула.

Иако Пинокио првично тргнува да го спаси Џепето, набргу вниманието му го одвлекува една самовила која го убедува да биде попослушен. Таа го праќа на училиште, а кога тој не сака да оди, таа му вели дека мрзеливоста е болест која мора да се излечи: „Ако не ја излечиш, на крајот ќе те убие“, го предупредува самовилата. Така тој оди на училиште, а Џепето сè уште е заглавен во ајкулата.

Пинокио го „спасува“ Џепето дури откако и тој ќе биде проголтан од ајкулата и го наоѓа Џепето како седи на маса и јаде риба, која ајкулата ја проголтала. Двајцата бегаат од заспаната ајкула само затоа што таа спие со отворена уста поради „астма и срцеви проблеми“.

(Илустрација од книгата на Карло Чиостри, извор: Wikimedia Commons)

Откако ќе избега од полицијата, Пинокио „за влакно“ се спасува да не биде изеден од морско чудовиште

На Пинокио му се случуваат голем број несреќи, сите со некакво предупредување до децата, но една од најчудните е кога ќе биде фатен во мрежата на еден рибар и за малку ќе биде издеден. Рибарот наликува на морско чудовиште, со зелена коса, кожа и брада, и мисли дека Пинокио е риба-марионета.

Дури и откако рибарот дознава дека Пинокио може да зборува, тој сепак му дава само опција како сака да биде приготвен: „Сакаш да се пржиш во тава или повеќе сакаш да бидеш приготвен во сос од домати?“. Во моментот кога Пинокио треба да биде потопен во врело масло, неговото куче-пријател Алидоро го грабнува од рацете на рибарот и тие едвај спасуваат жива глава.

Пинокио и неговиот пријател се претвораат во магариња

По повеќекратните искуства со опасности и избегнување смрт, на Пинокио сè уште не му доаѓа памет и не ги следи правилата на самовилата која го спасува… двапати. Тој бега со својот пријател во земјата на играчките, каде што мислат дека ќе бидат претворени во вистински момчиња. По долгото патување, Пинокио се буди и сфаќа дека е претворен во магаре. Кога прашува еден глушец што му се случило, тој лежерно му одговара дека марионетата има „магарешка треска“.

Како што се испоставува, поуката на приказната е дека мрзливите момчиња кои не одат на училиште се претвораат во магариња. Пинокио повторно станува марионета само откако ќе го проголта ајкулата која претходно го голтнува Џепето.

Пинокио станува вистинско момче дури по месеци тешка работа

По бегството од големата ајкула, малку фали за Пинокио и Џепето да се удават, а марионетата повторно моли за неговиот живот. Двајцата сепак безбедно стигнуваат до брегот, но Џепето е слаб. Пинокио бара чаша топло млеко од еден селанец за Џепето, а селанецот се согласува да го стори тоа само ако Пинокио извади 100 кофи вода од бунарот на фармата. Пинокио се согласува со ова и влече по 100 кофи вода секој ден во текот на пет месеци за да може да му даде на Џепето чаша топло млеко. Потоа одеднаш една ноќ, самовилата доаѓа кај Пинокио во сон, и кога ќе се разбуди, тој е вистинско момче!

Но, тоа не е сè! Иако Пинокио е вистинско момче, марионетата Пинокио сè уште постои. Нараторот ја опишува марионетата како со „главата свртена на едната страна, рацете висат млитави и нозете извртени под него“, како некој вид труп на марионета. Момчето Пинокио се смее и вели колку бил „смешен“ како марионета, и тука е крајот на приказната.

Извор.

Leave a comment