Речиси нема човек кој не го знае или препознава актерот Колин Фирт кој веќе со децении е познат на светската кинематографска сцена. Познат е по својата разновидност во улогите и изборите на филмови, секогаш со некој следен предизвик пред себе.

(Извор на сликата: Radical Reads)
Љубителите на книги и романси особено го знаат како г-дин Дарси од телевизиската екранизација на „Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин од 1995 година, потоа глумеше и во филмските екранизации на романите „Англискиот пациент“ и „Дневникот на Бриџит Џонс“, а познат е и по улогите во филмовите како „Вљубениот Шекспир“, „Љубовта, всушност…“ и мјузиклот „Мама миа“. Најпосле, во 2010 година ја освои публиката и критичарите со улогата во филмот „Говорот на кралот“, а неговата интерпретација на кралот Џорџ Шести му донесе еден куп награди како: БАФТА, Златен глобус и Оскар.
Во напис за списанието „О“ конкретно посветено на неговата лична листа со препораки за читање, а пренесено од порталот „Радикал ридс“, Фирт открива наклонетост кон ликови кои ја истражуваат човековата потрага по значење. Инаку, тој е познат по неговата страст за читањето, па така, пред неколку години, мисла на денот беше токму една негова прекрасна изјава за читањето.
Од Вилијам Фокнер до Рајнер Марија Рилке, пронајдете ги неговите омилени книги подолу, можеби некоја од нив ќе ве инспирира да го пронајдете вашето следно четиво.
„Записите на Малте Лауридс Бриге“ – Рајнер Марија Рилке
Што вели Колин Фирт за книгата: „Ова всушност и не е баш роман; тоа е еден вид монтажа заснована приближно на искуствата на авторот како млад човек. Одредени поединечни пасуси се возбудливи – како неговиот опис на Бетовен: „Човек кому Бог му го затвори слухот, за да нема други звуци освен неговиот.“ Каков фасцинантен начин да се погледне контрадикторноста на музичар кој е глув но слуша извонредни работи во неговата глава. Рилке, исто така, пишува за болест за време на која го погодуваат одредени апсурдни стравови – дека парчето конец може да биде остро како челична игла или дека тој одеднаш може да почне да вреска. Мислам дека никогаш не сум прочитал такви описи за тоа како би било да ја изгубиш контролата. Тој има визија што ве прави помалку сигурни во вашата околина – и сметам дека тоа е стимулативно“.
„Моќта и славата“ – Греам Грин
Што вели Колин Фирт за книгата: „Станува збор за свештеник кој бега во мексиканска држава за време на прогонство на верски личности. Најтрогателно во приказната за мене е тоа што свештеникот има дете. Тој сака да се покае, но како можеш да најдеш спасение кога не можеш да го мразиш гревот? Тој е заглавен во тој парадокс: единственото нешто што го спречува да се покае е љубовта. Тоа ме интересира — идејата да барам духовно спасение во она што инаку е неверојатно компромитиран живот“.
„Леопардот“ – Џузепе ди Лампедуса
Што вели Колин Фирт за книгата: „Веројатно воопшто не би ми било гајле за светот опфатен во оваа книга да не беше пишувањето на Лампедуса кој те вовлекува во приказната на таков опоен начин. Описите на Сицилија од 19 век се напишани со таква меланхолија, искреност и недостаток на сентименталност што се фатив себеси како мислам дека оваа ера е најважната работа што постоела. Меѓутоа, она што најмногу ме воодушеви беа пасусите за смртта“.
„Престон фолс“ – Дејвид Гејтс
Што вели Колин Фирт за книгата: „Даг Вилис е човек кој е затворен и изолиран во неговата куќа на село откако неговата сопруга и децата ќе се вратат во градот. Неговиот брак е на стаклени нозе и очигледно е дека минува низ некаква средовечна криза. Толку сум заинтригиран од тоа како Гејтс го опишува фантазерскиот свет на мажите и колку од нив сакаат да бидат од оние типови на мажи кои можат да зборуваат за мотори, кои ги знаат акордите на песните што ги свири Кит Ричардс на гитара – како тоа да е важно во твоите 40-ти години. Би можел да сфатам зошто жените можеби би го читале ова само како научен експеримент, еден вид на: „Погледнете што се случува со мажите кога ќе им ги скратите крилјата!“ Но, во последната сцена има една многу нежна нота. Двојката одлучува да се раздели, а Вилис излегува доцна во ноќта на прошетка. Гејтс ве доведува до точка кога мислите дека нивната врска е непоправлива, но потоа покажува дека има нешто што не можете да го ставите во равенката. Сопругата сè уште оди по него. Го сфатив тоа многу трогателно – дека на крајот, љубовта може да делува така, како блискост“.
„Можеби светец“ – Ен Тајлер
Што вели Колин Фирт за книгата: „Како судите за постапка што предизвикува катастрофа? Тајлер пишува за Иjан Бедло, кој мисли дека му прави услуга на својот брат со тоа што му кажува дека неговата сопруга е неверна, а како последица на тоа, братот потоа со автомобилот удира директно во ѕид и умира. Ијан има 17 години и кажува нешто глупаво и, како што ќе се испостави, неточно. Не сум баш приврзаник на идејата дека човек треба да седи со скрстени нозе на планински врв во текот на својот живот како духовна потрага. Она што ме интересира е како се одвива едно огромно духовно патување среде баналноста на животот. Кога Ијан прашува еден свештеник како може да се искупи за она што го сторил, тој одговара: „Можеш да ги воспитуваш децата“. Тоа значи да се откаже од факултетот, да се откаже од својата девојка, да се откаже од сè за да им биде татко на овие деца. Во ниту еден момент тоа не се смета за благородна работа, но тој решава да го стори тоа. Тој живее за нешто друго освен за себеси“.
„Светлина во август“ – Вилијам Фокнер
Што вели Колин Фирт за книгата: „Не се восхитувам на чистата уметност на книжевното експериментирање на Фокнер. Ме прогонува топлината што ја опишува и мирисите, кои речиси секогаш се ужасни. Знам дека тоа е чудна причина да ме привлекува некој автор, но ми се допаѓа кога пишувањето е моќно како што е овде. Овој роман е за сексуалната одбивност, расната одбивност, самоодбивноста. Тоа е толку непријатно четиво за модерната читателска публика. Проблемот со расниот идентитет е огромен за главниот лик, Џо Крист. Како дете не слушнал ништо освен гласини за неговата „измешана крв“ и учи да го презира тој дел од себе. Ова е свет во кој секое парче пристојност е маргинализирано и задушено. Знаете, малку е смешно тоа што ова е мојата омилена книга од сите овие што ги наведов и истовремено ми е најтешко да зборувам за неа“.
„Поправките“ – Џонатан Франзен
„Франзен доловува колку тривијализирачка може да биде една семејна битка и како може да изгледа дека е борба за опстанок кога, всушност, едноставно постигнувате поени против другиот. Чип е лик кој олицетворува многу од она што сум го видел: високо интелигентни, образовани луѓе кои се кршат и залутуваат. Можете да се ослободите од правилата, да одлучите дека не сакате да бидете на „лентата за трчање“, нема да бидете Џо Шмо – но штом ќе се ослободите од сето тоа, може прилично да се изгубите во процесот. Френзен покажува колку често љубовта меѓу овие луѓе е невозможна – колку е љубовта тешка, колку не е пријатна и удобна, и покажува како проблемите не се нешто што можете да го решите со тоа што сите меѓусебно ќе се гушкаат, ќе си простат и така ќе помине сè. Едноставно тоа само ќе им се удри од лице“.
