Заборавена творба на познатиот писател на крими-романи Рејмонд Чендлер, познат по романите како „Големиот сон“ (1939) и „Долгото збогум“ (1953), на почетокот на декември минатата година беше објавена во литературното списание „Стренд“. Но, како што објави магазинот „Смитсонијан“, за разлика од неговите попознати наслови, не се работи за детективска приказна, туку за песна, која започнува со стиховите:
„Постои момент по смртта кога лицето е убаво
Кога меките, уморни очи ќе се затворат и болката ќе заврши“.
Списанието „Стренд“ во декември ја објави творбата на Чендлер во своето печатено издание по повод одбележување на 25 години од првиот издаден број. Оваа творба претходно само еднаш се има појавено во печат и тоа во биографијата на Џудит Фримен од 2007 година, „Долгата прегратка: Рејмонд Чендлер и жената што ја сакаше“, и не беше надалеку позната.
(Извор на сликата: Bettmann/Smithsonian)
Насловена како „Реквием“, творбата составена од 27 стихови датира од околу 1955 година и „ја покажува понежната, чувствителна страна“ на писателот, се вели во најавата на списанието. Се смета дека тоа е единствената песна што Чендлер ја напишал како возрасен човек.
Песната била одново откриена од Ендрју Гули, управен уредник на списанието и она што е интересно е што творбата била чувана во кутија за чевли во Бодлијанската библиотека на Универзитетот во Оксфорд. Кутијата за чевли со песната во неа дошла заедно со поголемата збирка документи што семејството Чендлер ги донирало во 80-тите на 20 век. Во изјава за Виктор Матер од „Њујорк Тајмс“, Гули рекол дека таа донација била вистинска ризница.
Академиците и истражувачите мислат дека Чендлер ја напишал „Реквием“ веднаш откако неговата сопруга Сиси починала во 1954 година, што го фрлило во состојба на тешка депресија.
Првите строфи од песната ги опишуваат преостанатите одгласи на неговата покојна сопруга. Чендлер го забележува периодот по смртта на некој близок и вели:
„три долги влакна на четката и свиткана шамија
и свежо наместен кревет со свежи, полни перници
на кои нема повеќе да лежи глава –
дали тоа е сè што остана од долгиот, див сон“.
Но, романсиерот се чини дека наоѓа утеха во следните редови, пишувајќи дека „секогаш има букви“ што ги држи „уредно и цврсто за меките, силни прсти на љубовта“ кои „никогаш нема да умрат“.
Во разговор со Маја Јанг од „Гардијан“, Гули вели: „Ова е песна која е многу идеалистичка. Се работи за песна која зборува за многу загуби што ги доживуваме во животот… Како луѓето кои починуваат да се прочистуваат преку чинот на смртта… Она што ми се допадна во оваа порака е тоа што на некој начин кажува дека кога луѓето ќе починат, нивните души и нивните спомени ќе живеат во умот и душата на оние што ги сакаат“.
Том Вилијамс, автор на биографијата на Чендлер од 2012 година, насловена како „Мистериозното нешто во светлината“, во разговор со Хилел Итали од „Асошиејтед прес“ кажал дека романсиерот ја запознал својата сопруга, која била речиси 20 години постара од него, пред почетокот на Првата светска војна. Тие се допишувале преку писма додека Чендлер служел војска во странство и на крајот се венчале во 1924 година. Вилијамс рекол: „Мислам дека тие си биле потребни еден на друг. Тој никогаш не ја напуштил и секако чувствувал должност да се грижи за неа кога била болна“.
Во интервјуто на Гули за „Гардијан“, тој открил дека Чендлер никогаш не организирал формален погреб на неговата сопруга, а нејзината пепел ја чувал со себе до крајот на животот. Но, обожавателите на писателот не биле задоволни со епилогот. „Асошиејтед прес“ објави дека Лорен Латкер, обожавателка и верна читателка на Чендлер, водела интензивна кампања за Паскал да биде погребана покрај својот сопруг. На Денот на вљубените во 2011 година, тие биле погребани заедно на гробиштата „Маунт Хоуп“ во Сан Диего, Калифорнија, САД.
Ова не е првпат да бидат откриени ретки и релативно непознати дела на Рејмонд Чендлер. Во 2017 година, приказната за Чендлер во која го критикува американскиот здравствен систем исто така беше пронајдена во Бодлијанската библиотека. Во 2020 година, беше откриена и една негова сатира пародија на корпоративната култура. Но, што се однесува до поезијата, „Реквием“ е прво откритие од ваков вид.
„Можеби на некој начин, преку песната ѝ пишувал порака на [Паскал]“, завршува Гули.

