Сали Руни е дефинтивно една од најуспешните светски млади писателки. Ирската авторка го освои книжевниот свет со своите први две книги „Разговори со пријатели“ и „Нормални луѓе“, а пред две и пол години го издаде и нејзиниот трет роман „Прекрасен свету, каде си“ кој исто така постигна голем успех.
Нејзините читатели и читателки, како и останатиот книжевен свет, се прашуваа и шпекулираа кога би можеле да го очекуваме нејзиниот четврти роман, но на шпекулациите им дојде крај, бидејќи вчера беше објавено дека новата книга на Сали Руни, насловена како „Интермецо“, ќе излезе во продажба на 24 септември!

(Сали Руни, сликана од Jonny I Davies, извор: Bookseller)
Според веста што ја објави „Гардијан“, дејството на книгата ќе навлезе во комплицираните односи помеѓу младите луѓе, но овојпат главниот фокус ќе биде на двајца браќа, Питер и Иван Кубек. Според објавите, во сижето се наведува дека Питер е адвокат кој живее и работи во Даблин и на прв поглед нема ништо заедничко со својот помлад брат Иван, интровертен шахист. Кога ќе почине нивниот татко, животите на браќата се менуваат од корен. Навидум успешниот и способен Питер почнува да зема лекарства на сопствена рака и се мачи да навигира меѓу врските со две жени: Силвија, која е неговата прва љубов и Наоми, студентка на факултет. Во меѓувреме, Иван започнува врска со Маргарет која е постара од него и неговиот живот за кус период станува интензивно преплетен со нејзиниот.
Во описот објавен од издавачката куќа „Фабер и Фабер“ се наведува: „За двајца ожалостени браќа и луѓето што ги сакаат, ова е влез во нов период – период на желба, очај и можност – шанса да дознаеме колку еден живот може да се држи внатре во себеси без да се скрши“.
Дополнително, „Гардијан“ ја пренесува и изјавата на Алекс Боулер од издавачката куќа „Фабер и Фабер“ во која вели дека „по три чудесни книги, милионите читатели на Сали Руни ќе ја препознаат убавината и интроспекцијата, болката и надежта што зрачат од овој нов роман“ и додава дека ова издание исто така „бележи и исклучителен напредок во творештвото на писателката која делува толку прилагодена на нашите животи, нашите срца и нашето време.“
Како што можеби веќе знаете, а и како што наведов погоре, делата на Руни направија вистински бум на светската книжевна сцена, а дополнително и се снимија и многу популарни екранизирани телевизиски серии на основа на „Нормални луѓе“ (која веќе ја препорачав тука, а препорака и осврт на книгата можете да прочитате – тука) и „Разговори со пријатели“ (за која наскоро ќе објавам препорака), а „Прекрасен свету, каде си“ се продаде во 40.000 примероци и тоа само по пет дена од нејзиното објавување.
Сè уште не се знае изгледот на корицата, но се надевам дека наскоро ќе дознаеме и уште поважно дека и набрзо по објавувањето ќе имаме можност да ја читаме и на македонски јазик!
За повеќе информации, прочитајте ја и оригиналната вест објавена на „Гардијан“.
