Кафе и книги наполни 9 години!

Драги читатели на блогот,

Пред девет години, ова мало катче во интернет просторот ја здогледа светлината на денот. Она што започна како една мала идеја за забава и разонода и збогатување на интернет просторот со содржини за книги на македонски јазик, прерасна во еден блог со читатели и читателки што често се навраќаат за да си најдат нешто по своја мерка.

Никогаш не верував дека пред сè блогот ќе биде толку читан и дека ќе успее да опстои и наспроти сите обврски и реалниот свет што понекогаш меша прсти во животот. И ден денес, блогот и книгите се моето мирно море и спокој наспроти бурите и хаосот на животот и пред сè го водам овој блог за сопствен мерак и душа, го гледам како еден вид „терапија“ што ми помага да се опуштам на крајот на еден напорен ден.

Често се фаќам себеси како воскликнувам од радост кога ќе најдам некој интересен текст што мислам дека би им се допаднал и на другите или пак кога седам дома и одеднаш се инспирирам да истражам или да напишам нешто што мене ми дошло така на душата, без оглед дали е осврт на некоја книга, предлози за гледање или читање. И неизмерно се радувам секојпат кога ќе видам дека некој текст се допаднал некому и го споделил со своите пријател(к)и на социјалните мрежи.

Дополнително, иако не сум некоја голема обожавателка на бројки, сепак мислам дека и тие кажуваат многу за овие девет години. Па така, по девет години, на блогот има 1654 текстови, а во текот на овие девет години, содржините на блогот биле прегледани 675,287 пати од страна на 433,554 посетители. Не е лошо како за еден мал блог и би сакала повторно, како и секоја година, од срце да се заблагодарам за секој еден клик и за секоја една прочитана објава.

Секако дека има простор за подобрување и се надевам дека годинава ќе имам и повеќе време да го збогатам блогот и со дополнителна содржина и ќе го надоградам со поголема разновидност и повеќе објави поврзани со македонската книжевност. Она што со сигурност знам е дека мојата љубов за книгите и мојата посветеност да придонесам, колку и да е тоа малку, за надополнување на интернет просторот со содржини за книги на македонски јазик – ќе продолжат со истиот интензитет.

Следната година блогот ќе полни 10 години, прекрасен јубилеј и се надевам дека ќе продолжиме да се читаме и во следните 10 години.

И како за крај, како што тоа веќе стана традиција, подолу погледнете ги најпопуларните и најчитаните објави, најпрво оние за текот на овие девет години, а потоа и најпопуларните за минатата година.

Топ 10 најчитани објави за овие девет години

  1. Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
  2. Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
  3. Неколку факти за „Гарванот“ на Едгар Алан По!
  4. Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
  5. Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
  6. Вистинското куче кое било инспирација за „Повикот на дивината“ на Џек Лондон…
  7. Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!
  8. IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
  9. Македонска поезија: „Ако не си ти“ од Петре М. Андреевски!
  10. Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!

Топ 10 најчитани за периодот 4 март 2023 – 4 март 2024 година:

  1. Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
  2. Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
  3. Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
  4. Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!
  5. Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
  6. Прекрасни и извонредни мисли од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски!
  7. „Чекајќи го Годо“: Помеѓу надежта и ништожноста…
  8. Книга на есента: „Кандид“ на Волтер!
  9. Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!
  10. Вистинското куче кое било инспирација за „Повикот на дивината“ на Џек Лондон…

И за крај, уште еднаш од срце ви благодарам за поддршката, предлозите и за секој прочитан текст.

Достоевски има кажано дека убавината ќе го спаси светот, а јас на тоа би додала дека книгите можеби нема да го спасат светот, но го прават малку поубав за сите.

Срдечен читателски поздрав,

М.

Leave a comment