Месец на македонски книги: Што читаше Кафе и книги во февруари?

Нов месец, нови предлози за книги!

Овој февруари, некако спонтано решив да читам исклучиво македонски книги, односно книги од македонски автори и авторки. Не беше тоа некоја свесна одлука, но започнав најпрво со три книги од Влада Урошевиќ, а потоа некако самото читање си фати залет и решив да го заокружам месецот со книги од македонски писатели и писателки, а размислувам истото да го сторам и во март. Па затоа, предлозите за читање за овој месец се составени од домашната книжевна сцена.

Напомена: Намерно ги изоставив стандардните оцени, бидејќи не сакав да делува дека фаворизирам некого и не се подредени по некој одреден редослед. Па да почнеме…

„Песна над песните“ – Ацо Шопов

Издавачка куќа: СИГМАПРЕС
Година: 2023
Осврт:
Лани се одбележа јубилејот „100 години од раѓањето на Ацо Шопов“, па по тој повод и беше издадена оваа книга која искрено не можам доволно да ја препорачам. Покрај тоа што неизмерно уживав во стиховите на Ацо Шопов, оваа книга за мене има и исклучителна додадена вредност со вметнувањето на архивски материјали од записи, колумни и други документи на Ацо Шопов, а покрај тоа има извадоци и од осврти, критики и размисли од други познати книжевници и книжевни критичари што пишуваат за творештвото на Ацо Шопов.

Пред некоја недела на блогот објавив и неколку мисли и размисли на Ацо Шопов од книгата за небиднината и смислата на човековото постоење што можеби ќе ве инспирираат да ја прочитате. Освен тоа, се потсетив на некои од моите омилени стихови од Ацо Шопов, а искрено и открив неколку песни кои не ги знаев, а кои беа прекрасни. Ова е книга што дефинитивно треба да се има во домашната библиотека.

Мисла што ми остави особен впечаток: „Основната смисла на мојата поезија, се разбира така како што јас ја чувствувам, се состои од идејата дека од сите патишта најдолг и најтежок е патот до човека.“

Снег за двајца“ – Лилјана Дирјан

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Година: 2018
Осврт
: Лилјана Дирјан е одлична македонска поетеса која веќе ја имам препорачувано на блогот и неколку нејзини песни ги имам објавено тука. За жал, ја загубивме Лилјана Дирјан во 2017 година, но сè уште ги имаме нејзините дела. Многу интересна книга, еден вид поетски раскази или прозна стихозбирка. Поетски ритам напишан како проза. Меланхолично, расказите се и како вид на дневник, едниот дел напишан од една личност, другиот од друга кои очигледно некогаш биле во некаков однос.

Двата лика, Отсутниот и Присутната ги запишуваат своите мисли и до некаде ние ја формираме сложувалката за тоа што се тие и што им се случило, а преку нив Лилјана Дирјан вметнува и одлични цитати и извадоци од познати писатели и писателки, а сепак сето тоа го прави на еден интересен начин во кој среде сè таа го разложува и едноставното, навидум безлично секојдневие. Одлична книга.

Мисла што ми остави особен впечаток: „Што сум Јас? Дали сум она што другите го знаат за мене, она што го кажуваат за мене – или сум таму каде што не се појавувам, кога само доаѓам и си одам, постојано во нешто сменет. Или сум само со тело од ветер што јури меѓу две празнини?“

Сè уште можам нешто да сторам“ – Фросина Пармаковска

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Година: 2023
Осврт
: Фросина Пармаковска е една од најчитаните македонски писателки, чиј роман „Одбројување“ ја доби и наградата „Роман на годината“. Последен пат издаде книга во 2021 година за време на пандемијата, роман насловен „На враќање“, а пред неколку месеци се врати на книжевната сцена со романот „Сè уште можам нешто да сторам“. Романот е необичен, оригинален и интересен, а тука е и нејзиниот специфичен стил на пишување, кој верувам дека ќе ви биде многу интересен. Начинот на кој ја развива нарацијата и приказната прави да се внесете целосно во животот и случките на ликовите.

Покрај тоа, самата книга истражува интересни теми како загуба, трагање по себеси и лична смисла, депресија, човечки врски (и пријателски и љубовни), но навлегува и во потешки теми кои и не се многу истражувани во нашата книжевност како борбата со неплодноста и борбата да се зачне дете, нешто што во модерните времиња е сè позачестено, а на интересен начин е вметната и приказната со скандалот со украдени бебиња и трговија со бебиња кој го шокираше целиот регион. Сето ова е зачинето со една нишка на меланхолија и магичен реализам, навлегуваме и во територијата на соништата и силната поврзаност на двајца пријатели. Покрај тоа, поради стилот на пишување на Фросина Пармаковска, книгата се чита многу брзо, ќе ви летаат страниците.

Мисла што ми остави особен впечаток: „Сепак, можеби на крајот и не постои подобар раскажувч за еден живот од оној кому тој конкретно му припаѓа. Огледалото, ако издржи да не се скрши, ќе бара апсолутна искреност без никакви лицемерни нијансирања, утехи и ублажувања.“

Хотел меѓу две војни“ – Александар Русјаков

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Година: 2022
Осврт
: „Хотел меѓу две војни“ е одличен роман за сите оние што сакаат историска белетристика и историски драми. Овој роман беше добитник на наградите „Пегаз“ и „Рациново признание“. Напишан и раскажан на еден многу интересен начин, романот наоѓа начин на читателите да им ја оживее љубовната приказна на Мустафа Ататурк и Елени Каринте.

На почетокот на романот се среќаваме со Мустафа Ататурк кој се наоѓа на едно необично место, дали е во меѓупросторот меѓу животот и смртта или тој е веќе умрен? Што е она што го прогонувало целиот живот и кое е неговото најголемо каење? Во овој необичен „Хотел меѓу две војни“, ние го следиме Ататурк додека го истражува ова необично здание и необична состојба и гледаме како влегува во различни соби и различни фази од неговиот живот и на тој начин полека дознаваме за него, неговата младост и неговата најголема љубов. Покрај тоа, во романот се опфаќа и поширок историски период и ние излегуваме од рамката на односот меѓу Мустафа и Елени и навлегуваме и во други историски ситуации кои Русјаков ги обмислил и ги претставува на многу интересен начин.

Интересна нарација, ќе ве држи во неизвесност и ќе сакате да дознаете што ќе се случи следно!

Мисла што ми остави особен впечаток: „За жал, среде сите тие воени мапи каде што беше исцртана патеката на смртта, не ја најдов мапата на човечкото срце.“

Leave a comment