25 години Антолог: Во најава нови изданија на безвременски класици!

Издавачката куќа „Антолог“ слави 25 години! По повод овој голем јубилеј, „Антолог“ во соопштение до јавноста најавува одлична книжевна година и одлична книжевна понуда! Според најавите, 2024 година ќе биде во знакот на класичните дела од светската и од домашната книжевност. Следете ја нивната веб-страница и официјална страница на Фејсбук, бидејќи најавуваат дека само во март ќе бидат објавени неколку наслови од епохални автори кои како што велат тие „извршија формативно влијание на своите книжевни следбеници“.

Во соопштението објавено на нивната официјална веб-страница, „Антолог“ велат:

Од основањето до денес постојано се трудиме најголем простор во нашата издавачка понуда да им отстапиме на класиците создадени како од претходниците така и од современиците. Драго ни е што публиката тоа го препозна и прво нешто по што го асоцира „Антолог“ е квалитетот на продукцијата. Во последните години тоа нè инспирираше да започнеме проект на нови или во некои случаи дури и први преводи на класични дела. Така што, денес можеме да се пофалиме дека голем дел од творештвото на Франц Кафка, Станислав Лем, Меша Селимовиќ, Артур Конан Дојл, итн. е објавено на македонски јазик. Во текот на годините внимателно ги одбиравме и преведувачите, кои не се анонимуси туку се познати професионалци со долгогодишно искуство. Овие дела секогаш ги преведувавме од изворниот јазик, бидејќи забележавме дека дел од преводите што веќе со децении циркулираат меѓу публиката се анахрони или се преведени преку посредни јазици, пред сè од соседството.“

Во каталогот на издадени книги на „Антолог“ досега се најдоа дела на имиња како Итало Калвино, Труман Капоти, Џорџ Орвел, Хулио Кортасар, Х. Л. Борхес, Жорже Амадо, Блаже Конески, итн., а она на кое можат да се радуваат сите ревносни читатели и читателки, е што понудата на „Антолог“ во следниот период ќе биде надополнета и со книги на великани како Ацо Шопов, Фјодор М. Достоевски, Николај В. Гогољ, Иво Андриќ, Антон П. Чехов и други. Како што велат од „Антолог, „на сите овие книги ќе биде истакнато и името на преведувачот на предната корица, гест што токму „Антолог“го воведе како стандард во македонското издаваштво. Кориците на сите овие дела ќе бидат изработени од Марко Трпески.“

Првата книга од оваа акција и кампања на „Антолог“ е легендарниот роман „Мостот на Дрина“ од нобеловецот Иво Андриќ, во нов превод од српски јазик на Томе Сиљаноски. Како што истакнуваат од „Антолог“, проектот е реализиран во соработка со „Здружението Иво Андриќ“ од Србија, кое е основано според последната желба на авторот целата негова оставина „да се сочува како целост“ и како легат да се чува за општествени и хуманитарни потреби. Тргнувајќи од високите идеали на единствениот добитник на Нобеловата награда за литература од просторите на поранешна Југославија, од „Антолог“ велат дека решиле да направат автентичен превод кој целосно кореспондира со јазикот и стилот на оригиналот, а дополнително, „Антолог“ со гордост објавува дека од неодамна ги има единствените права за превод и дистрибуција на сите дела од Иво Андриќ и Меша Селимовиќ во Македонија.

Покрај информациите за Иво Андриќ, на веб-страницата на „Антолог“ се наведува:

Со „Мостот на Дрина“ монументално се воспева мостот во Вишеград како многуслојна врска помеѓу вековите и помеѓу Ориентот и Западот. Делото е едно од најголемите книжевни споменици за животот на луѓето од балканските простори, а во чест на овој роман, со помош на режисерот Емир Кустурица, во 2012 година изграден е Андриќград кој се наоѓа на самото устие на реките Дрина и Рзав во Вишеград.

Освен најавите за изданијата на светските класици, од „Антолог“ најавуваат дека наскоро од печат ќе излезе и ексклузивното издание на „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов со поднаслов „Влог во современата македонска културна историографија“, а под редакција и со предговор на Јасмина Шопова.

Како што велат од „Антолог“:

Наспроти познатиот лиричар, на страниците на овој „Автопортрет со седум прсти“ се исправа еден друг, речиси непознат Шопов – а сепак истиот! – кој со остро перо пишува за семожните „конфузии“ и „политикантските алузии“ во „нашата мала, нерасповиена литература“, за „литературните и уште повеќе нелитературни конфронтации“, за „стегите на аристократизмот и примитивизмот“, за нашата „провинциска препотентност“ и „особина да импровизираме“, за навиката да „се играме одговорност“ и „напластеното сало на нашето спокојство“… Но и за темните обиди да се покријат со лага страниците од нашата историја, за македонскиот јазик – „трн во окото на големобугарските шовинисти“… Како и за „улогата на поезија во националната афирмација“, за ослободувањето од регионализмот и зачекорувањето кон универзалното во нашата „сериозна и нова литература“, која го носи „здивот на почвата на која се родила и бојата на нејзиното небо“… Со други зборови, за сè она што и денес нè докоснува, и тоа многу повеќе отколку што нашиот поет можел да поими кога ги објавувал овие свои размисли, во текот на неговите четири децении творечки и општествен живот, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век.

И за крај, сите бесценети дела што ќе бидат објавени во текот на 2024 година се на иницијатива на „Антолог“ и се самостојно реализирани како прилог на „Антолог“ кон македонската културна еволуција, бидејќи тие сметаат „дека со ова општо добро ќе оставиме траен залог за сегашните и идните генерации.“

Извор.

Leave a comment