На денешен ден во 1929 година, во Истанбул, се родил познатиот македонски поет Матеја Матевски, кој за жал почина на 6 јуни 2018 година. Во чест на неговиот роденден, денес на блогот ги читаме прекрасните стихови на уште еден познат македонски поет Раде Силјан, посветени токму на роденденот на Матеја Матевски, односно на неговиот последен роденден.
Последниот роденден на Матеја – Раде Силјан
Скопје, 13 март 2018 година
Со чаша црно вино наздравува
И со притаен глас кажува
Дека песните ненапишани
Ќе се разминат со спомените
Безброј прашања се ројат
Во неговата глава
А сал гласот на судбината
Тивко му вели
Сам човек планина не освојува
Во годините прилежни
Лажни звуци
Ја населуваат библиотеката
Болно воздивнува
Го враќа времето на младоста
И по патот на ѕвездите
Заносно талка по скрките на Беличица
Како сенки од друго време
Крај него минуваат
Последните слики на детството
Молкум ги отвора прозорците
Ги проветрува одаите на надежта
Со тајниот јазик на мајсторите
Се моли за будните чувари на јавето
Ја прелистува книгата на радоста
И по многу години дознава
Идеалите заспале меѓу кориците
Го подлажува хартијата
Болно воздивнува
На фотографиите не им верува
Дека играта со спомените била
Последна надеж на поетите

(Раде Силјан и Матеја Матевски)
извор на песната, како и сликата: Страницата на Фејсбук посветена на Раде Силјан
