„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е Роман на годината!

По долго исчекување, денес конечно дознавме кој е добитник на наградата „Роман на годината“!

Денес, на прес-конференција во кафе-книжарница „Буква“, беше соопштено дека „Единствен матичен број“, последниот роман на Лидија Димковска, во издание на „ТРИ“ е добитник на наградата „Роман на годината“ која традиционално се доделува од страна на Фондацијата „Славко Јаневски“.

(Извор на сликата: Фејсбук страницата на ТРИ)

Жири-комисијата составена од Влада Урошевиќ (кој ја доби оваа награда минатата година), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева имаа тешка задача и избираа меѓу 35 романи, додека во најтесната трка влегоа и романите: „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – Или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“).

Како што пренесе „Радио МОФ“, во образложението на жири-комисијата се вели:

„Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за каракетризација на ликовите, во рацете на Лидија Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкрет ни животни судбини кои ја носат во севе својата несомнена животна убедливост“.

Главен покровител на награда е „Комерцијална банка“ АД Скопје со поддршка на Министерството за култура. Наградата се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Наградата се доделува од 1999 година и годинава слави јубилеј од 25 години!

Честитки за Лидија Димковска!

Leave a comment