Промоција на книгата „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов која неодамна излезе во продажба!

Неодамна издавачката куќа „Антолог“ објави дека по повод 25 години од нивното постоење, подготвуваат издавање на многу класици и одлични изданија, а една од најавите беше издавањето на книгата „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов, збирка од прозни записи на еден од најголемите македонски поети и книжевници.

Во најновото соопштение објавено на нивната веб-страница, „Антолог“ информираат дека книгата веќе може да се најде на нивните полици, и можете да си ја набавите во нивната книжарница или преку нивната веб-страница. Како што се наведува во соопштението, „на речиси шестотини страници се провлекуваат неговите размисли за поезијата, литературата, уметноста, културата, општеството и историјата, забележани во македонските, југословенските и во странски весници и списанија, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век.“ Насловната корица на книгата е авторство на Марко Трпески, а графичкото уредување на Бобан Здравковски Андреевски.

Меѓу останатото, во соопштението се наведува и дека „неговиот автопортрет во издание на „Антолог“ е во најмала рака изненадувачки, затоа што колку што широката публика го познава суптилниот лиричар, толку е слабо упатена во  другите книжевни и општествени дејноси на Шопов, кој во оваа книга се покажува како исклучителен есеист и беседник со изострен слух за литературата, ликовната уметност и филмот, како сериозен толкувач и критичар на општествените текови и драми, како строг полемичар, како ангажиран издавач и интелектуален работник.“

Како повод објавувањето на ова издание, во вторник, 19 март, со почеток од 19 часот, во Лабораториум (бул. „Климент Охридски“ бр. 68, Скопје), се организира и промоција на истото кое ќе биде претставено од страна на проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и нашиот легендарен актер, Никола Ристановски. Дополнително, на промоцијата ќе се обрати и Јасмина Шопова, приредувачка на книгата и потпретседателка на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која ја организира промоцијата во соработка со „Антолог“ и „Лабораториум“.

Како што се вели во соопштението на „Антолог“ и на официјалниот настан на Фејсбук за оваа промоција, кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, ФлипБук – Фестивалот на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.

Извори:
Веб-страница на „Антолог“
Официјален настан на Фејсбук по повод промоцијата

Leave a comment