„Денови на поезијата“ во „Скопје сити мол“!

~ „Поезијата е предизвик за патување кон непознатото“ – Ацо Шопов ~

21 март е Светскиот ден на поезијата и токму на 21 март (четврток) во „Скопје сити мол“ ќе започнат „Деновите на поезијата“! Ова е одлична можност за сите љубители на поезијата во текот на неколку денови да уживаат во различни активности посветени на поезијата.

Како што се наведува во соопштението на „Скопје сити мол“, овој концепт на денови на поезијата е нешто што е навистина необично и уникатно, и тие велат дека „за првпат во регионот, а веројатно и во Европа, трговски центар од затворен тип неколку дена во целост ќе биде посветен на поезијата“.

(Извор на сликата: Официјалната Фејсбук страница на „Скопје сити мол“)

Освен одбележувањето на Светскиот ден на поезијата, манифестацијата „Денови на поезијата“, која ќе трае во „Скопје сити мол“ од 21 до 24 март, се одржува и во чест и со цел одбележување на 85 години од објавувањето на „Бели мугри“ од Кочо Рацин и на 80 години од објавувањето на „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе се одржи на главниот влез на „Скопје Сити Мол“, во четврток, 21 март, со почеток во 18 часот и ќе го води легендарниот македонски актер Никола Ристановски. Во своето соопштение, „Скопје сити мол“ најавува дека во изведба на Ристановски, публиката ќе чуе дел од поезијата на македонските класици, а беседата на отворањето ќе ја одржи Весна Мојсова-Чепишевска. Поезијата на Шопов ќе се чуе и на повеќе јазици, во превод на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, при што збор ќе земе и деканот, Владимир Мартиновски.

„Скопје сити мол“ во своето соопштение ги кани сите љубители на поезијата и македонската книжевност на овие активности и дополнително вели:

Несекојдневен и исклучителен настан кој на најшироката публиката ќе ѝ даде можност да ужива во поезија од македонски поети од сите генерации, а додека се движи низ трговскиот центар и да ги запише своите омилени стихови на „Sидот на поезијата”. Поезијата ќе се чита, слуша и доживува непрестајно, преку богата програма со низа настани на различни локации во „Скопје Сити Мол“. Покрај стиховите на Рацин и Шопов, во просториите на молот ќе одекне и поезијата на класиците Гане Тодоровски и Матеја Матевски, по повод 95-годишнината од раѓањето, како и на Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ, за кои годинава се чествуваат девет децении од раѓањето. Посебно место ќе има и поезијата на автори од поновите генерации, а одделно внимание ќе им биде посветено и на најмладите автори.“

Во однос на програмата, на 22 март, на различни локации низ трговскиот центар ќе се одржат настани што ги поврзуваат сите генерации – поетски читања во книжарницата „Литература.мк“, проекција на анимирани филмови инспирирани од поезијата, разговори со македонски поети, рецитаторски натпревар за ученици од сите основни и средни училишта од државата, настани посветени на најмладите и особено на досега неоткриените таленти за кои „Скопје Сити Мол“ обезбеди и пригодни награди. Поканети се сите што ја сакаат поезијата и што уживаат во книжевноста.

Дополнително, во текот на овие денови, ве очекува богата програма која ќе се одвива и во книжарницата „Литература.мк“ и во киното „Синеплекс”, а во чија организација се вклучија и Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“.

Сите посетители на „Скопје Сити Мол“ кои на „Ѕидот на поезијата“ ќе напишат по некој свој или пак некој омилен стих од ним драг поет ќе добијат ваучер за попуст во локалите „Amigos”, „Play”, „Trend” и „La Cucina“.

Подолу погледнете ја целата програма на „Денови на поезијата“:

За повеќе информации, следете ги:
Официјалната страница на „Скопје сити мол“ на Фејсбук
Официјалниот настан на Фејсбук за свеченото отворање на манифестацијата

Leave a comment