Македонска поезија: „Тие малечки нешта околу нас“ од Анте Поповски!

Денес е Светскиот ден на поезијата! Поезијата е уникатно искуство за секој читател, секој од нас има стихови што некако нè допираат. Во чест на овој убав ден, денес на блогот читаме македонска поезија и стиховите на Анте Поповски!

Тие малечки нешта околу нас – Анте Поповски

Тие малечки нешта околу нас
на кои не им обраќаме внимание
се посилни од нас.
Тие имаат смисла да нè надживеат
зашто содржат суштини кои нè поврзуваат
низ времето.
Како мали Мајка ни плакнеше
крст од чесно дрво што од Светата Земја
го донесол некој наш предок.
Крстот го правел самиот Исус, тврдеше Мајка,
Исусов врсник е, велеше Таа,
оваа длапка на крстов е трага од неговиот палец,
овој засек е од неговото остро ноже
дури го обликувал дрвото покрај Јордан.
Го допиравме потоа крстот, го целивавме,
доколку убаво се заслушувавме во ноќите
го препознававме дури и гласот Исусов.
Така научивме како сме стигнале до тука
зашто сите нешта околу нас се само зборови
а отаде името е она што е безимено.
И навистина: ова мало нешто
што го допирам одново во сеќавањето,
преминувајќи од рака на рака
само во нашата мајкина лоза
памети многу колена! Па зошто тогај
во некое продолжение наназад
тој крст да не го допрел и Исуса,
зошто оваа длапка да не е трага од неговиот палец
а овој засек да не е од неговото ноже?
Тие малечки нешта кријат во себе дел од нас
и ѝ го предаваат на иднината. Во нив
заробени се многу мориња, скаменети многу галии,
во тие мали нешта светкаат мечови на крстоносци,
демнат многу помории, пустошат многу љубовни луњи,
во тие малечки нешта вооплотен е човек
чија сенка шета низ црнината.
Врз мојот допир и врз мојот целов
заробени на овој крст
јас веќе ги чувствувам усните и рацете
на потомствата… Какви се тие прелаги
дека исчезнуваме?
А малите нешта?
А ние заробени во нив и на нив?

Leave a comment