Францускиот поет Жан Пјер Симеон е добитник на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“

Денес, на Светскиот ден на поезијата, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје и официјално беа соопштени добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година.

Како што објавија од СВП, добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет, Жан Пјер Симеон.

Во објавата на нивната страница на Фејсбук, е наведено дека „Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист.“

Дополнително, беше објавена и добитничката на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година – германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „Вакви денови имало отсекогаш“. Наградата „Мостови на Струга“ е награда што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка.

Освен тоа, директорот на СВП, Тодорче Тасевски соопшти и една дополнителна новост, односно ја објави соработката на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите „ЕНХАЛОН“ и „МЛАДА СТРУГА“ преку Europe House-Struga. Возобновената награда „Млада Струга“ ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или млада поетеса што дотогаш немаат објавено поетска збирка. Добитникот ќе биде избран по распишан конкурс, а освен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот, по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија.

Свое обраќање пред присутните имаше и заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, господинот Бен Нупнау кој истакна:

„Почнувајќи од оваа година, ЕУ ќе спонзорира две награди за охрабрување на младите и за промовирање на културната размена. Ова се две клучни цели на ЕУ во нејзиното политичко, културно и развојно партнерство со С. Македонија. Со промовирањето на културната размена и со поддршката на младите поети, ќе дадеме придонес и ќе ја славиме енергичната сцена на културата на С. Македонија, националната литература и начинот на кој таа го збогатува нашиот европски културен мозаик.“

По свеченото прогласување имаше и поетско читање по повод Светскиот ден на поезијата. Настанот беше организиран од Управниот одбор и Дирекцијата на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ како и Македонскиот П.Е.Н Центар.

Подолу можете и самите поопширно да го погледнете прогласувањето, кое беше пренесено од МИА:

Извор.

Leave a comment