„Саем на книга“ е една од омилените манифестации на книгољупците и сите читатели. Тоа е период на освежување на домашната библиотека, правење листи со книгите кои сакаме да ги купиме, следење на различните каталози на издавачките куќи, избор на повеќе настани и промоции, но и можност за дружење со пријателите кои исто така сакаат книги и разменување мислења, препораки и слично.
Па така, се приближува традиционалниот период за организирање на „Саем на книга“ и на голема радост на љубителите на книга, познати ни се и датумите на одржување! 36. издание на „Саем на книга“ годинава ќе се одржува во периодот од 18 до 24 април во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Како и претходните години, речиси сите издавачи и автори од Македонија ќе ги понудат и претстават своите изданија, а како и другите години, така и оваа, на Саемот ќе има и издавачи од други држави како Србија, Турција, Албанија, Косово и други. Освен можноста да се набават нови книги, посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на промоции и средби со автори и авторки, а како што тоа стана обичај, ќе има и богата програма за деца и млади.

Саемот секоја година има одредена тема, па така, за оваа година, организаторите го избраа слоганот „Приказна се чита“. Организаторите во својата најава велат:
„Слоганот ‘Приказна се чита’ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (eng. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време“.
Дополнително, организаторите сметаат дека „внимателно избраната комуникација со носечката порака „Приказна се чита“ има за цел да го привлече вниманието на помладата популација и да го „сруши“ митот дека социјалните мрежи се користат исклучително за негативни работи.“
„Саемот на книга“ ќе се отвори во четврток на 18 април и ќе трае секој ден од 10:00 до 20:00 часот, до среда 24 април. Билети можат да се најдат на влезот на Саемот, како и онлајн преку http://www.karti.com.mk. Саемот како и секоја година е поддржан и од Министерството за култура и покрај останатите активности, организаторите најавуваат дека и годинава ќе се организираат групни посети за ученици.
Љубители на книгата, почнете да ги подготвувате списоците, а како што ќе се приближува датумот, „Кафе и книги“ ќе се обиде да ги собере и објави сите каталози од издавачките куќи за полесно навигирање!
Дополнително, морам да признаам дека сум воодушевена од дизајнот на постерите за оваа година. Се работи за неколку автори кои ги „објавуваат“ своите приказни во „стори“ на Инстаграм. Одлично графички решенија и визуелно изгледа прекрасно. Во продолжение погледнете ги прекрасните постери за Саемот што беа објавени на веб-страницата на „Скопски саем“:





