Македонска поезија: „Како ќе го најдеш Ристо Шишков“ од Петре М. Андреевски!

На денешен ден, 23 март, во 1940 година се родил македонскиот великан Ристо Шишков, познат по својот раскошен талент и впечатливи улоги во „Републиката во пламен“, „Табакера“, „Црвениот коњ“, „Црно семе“, „Македонска крвава свадба“ и бројни театарски улоги. Во негова чест, денес на блогот ја читаме песната „Како ќе го најдеш Ристо Шишков“ од Петре М. Андреевски, посветена токму нему.

Како ќе го најдеш Ристо Шишков – Петре М. Андреевски

Ќе бараш човек со висока сенка
што сите сенки наоколу ги покрива.
Кај него сонцето никогаш не заоѓа
и затоа не можеш да го згрешиш.
И кажи му дека едикоиси за едишто
кои толку сакаа пред нив да умре,
одамна мртви и заборавени се шетаат.
И уште ќе му кажеш дека така било
откако е бел снегот и црн гавранот
и дека кај нас ести уште исто.
Тој е прв во се и роднина на сите
што ги оживеа со својот живот,
со него е и сета жална Македонија
и во неговите очи и ти ќе се видиш.
Оти тој гледа се и отсекаде се гледа:
неговото време никаде не завршува
(не се менува и не изминува)
а и убавината што ја има облечено
од него не се дели, не се оддалечува.
Во името нејзино е и сликата негова
и затоа не можеш да го згрешиш.

Leave a comment