Деновиве пристигна интересна вест и најава, а тоа е дека наскоро ќе се организира првиот Саем на литература за деца, кој ќе се одржи во рамки на шестото издание на „Литера“ – меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца чија цел е да промовира квалитетната литература и илустрација за најмладите читатели.
Под мотото „Заедно летаме“, Саемот за литература на деца ќе се одржи од 15 до 18 мај во МКЦ, односно во сите денови за времетраењето на фестивалот. Ова издание на „Литера“ ќе понуди изложби, работилници, конференција и други настани во склоп на фестивалот. Земја во фокусот е Турција, од каде ќе гостуваат тројца еминентни илустратори, кои ќе одржат мастер класови.
Како што најавуваат организаторите, овој настан ќе биде место каде што децата ќе можат да се запознаат со своите омилени автори и илустратори, да учествуваат на различни промоции и работилници и да си купат книги потпишани од авторите.
Според она што е објавено на официјалната страница на „Литера“ на Фејсбук, „идејата е преку саемот домашните автори, илустратори и издавачи да добијат уште една можност за промоција на своите дела, а читателите на едно место да можат да ја видат понудата на литература за деца.“ Како што велат тие, мисијата на „Литера“ е „да ја поттикне љубовта на децата кон книгите и сликовниците, како и да ја развие нивната креативност преку работилниците што се организираат во рамките на Фестивалот.“
Веб-порталот „Независен“ исто така ја пренесе и изјавата на Ема Ќипроска, програмска менаџерка на Фестивалот „Литера“:
„Идејата не е само да го прославиме богатството на литературата, туку и да влијаеме врз развојот на децата и нивната едукација. Преку Саемот на литература за деца, книгата станува достапна и привлечна за младите читатели, стимулирајќи ги да ја разгорат својата желба за читање и истражување на светот на зборовите и илустрациите“.
Обележете си ги датумите во вашите календари!
Извори:

