Едгар Алан По е најпознат по своите мрачни приказни и поемата „Гавранот“, и се смета за еден од најдобрите американски раскажувачи и книжевници. Но, дали сте знаеле за „малиот инцидент“ што тој го предизвикал со објавување на мајтапџиска вест што била целосно лажна? Далеку пред 21 век и времето во кое живееме во кое центар на дискусиите се лажните вести, „интернет троловите“ и другите измами, Едгар Алан По решил да направи еден мајтап со жителите на Њујорк. Од друга страна, тоа инспирирало еден друг голем писател – Жил Верн. Прочитајте ја оваа интересна анегдота пренесена од веб-порталот „Ментал флос“.
(Илустрација на: Lucy Quintanilla. Balloon/Poe, iStock, извор: Mental Floss)
На 13 април 1844 година, во специјален додаток на весникот „Њујорк Сан“ било објавено: „ЗАПРЕПАСТУВЧКА ВЕСТ! АТЛАНТИКОТ ПРЕМИНАТ ЗА ТРИ ДЕНА! НЕВЕРОЈАТЕН ТРИУМФ НА ЛЕТАЧКАТА МАШИНА НА ГОСПОДИН МОНК МЕЈСОН!!!” Според написот, летачки балон кој се движел од Англија кон Париз бил исфрлен надвор од патеката по која летал и безбедно слетал во близина на Чарлстон, Јужна Каролина (САД). „Извештајот“ бил поднесен од новинар кој исто така бил познат раскажувач: Едгар Алан По.
Имало само еден проблем. Тој ја измислил целата работа.
„Балонската измама“, како што подоцна бил нарекуван случајот, била дел од замислата на По да го најави своето доаѓање во Њујорк. Тој штотуку се преселил во Менхетен, барајќи работа како новинар. Има ли подобар начин да објавите дека сте пристигнале од тоа да си поиграте мајтап со цел град?
Можноста за патување со балон ја разгорела имагинацијата на јавноста уште од 80-тите години на 18 век, кога браќата Монтголфие го создале првиот балон кој може да подигне човек во воздух. До 30-тите години на 19 век, аеронаутите успешно го преминале Британскиот канал и почнале сериозно да зборуваат и за обиди да го преминат Атлантикот.
Весниците честопати биле преполни со подвизи на смели аеронаути, а интересот за летање со балон очигледно довело до измислени написи за овие авантури. Приказната на По во „Њујорк сан“ не била прва: во 1835 година, Ричард Адамс Лок објавил широко распространета и прифатена приказна за балон кој стигнува до Месечината. Успехот на оваа приказна го разбеснила По, кој само два месеци претходно објавил приказна за човек кој се враќа од Месечината со балон, насловена како „Приказната за Ханс Фал“. По бил сигурен дека приказната на Лок е плагијат на неговата, но Лок ја зграбил целата слава за неговата „Месечева измама“. Иронично, самиот мајтапџиски напис на По „позајмил“ долги делови од извештајот на аеронаутот Томас Монк Мејсон од 1836 година за неговото патување со балон од Англија до Германија. По одлучил дека ќе направи мала самопромоција за да го надмине својот стар ривал: го испратил написот до истиот весник кој ја објавил приказната на Лок. Весникот со задоволство го објавил написот, а луѓето од весникот биле целосно несвесни за тоа дека е лажен.
Според извештајот на По, балонот по име Викторија носел осум луѓе и го преминал Атлантикот за 75 часа. Во тоа време, потребни биле две недели да се премине Атлантикот со брод, така што потенцијалот за патување во кое „широкиот Атлантик станува едноставно езеро“, како што наводно забележал еден од патниците, предизвикало голема мешаница и врева. По подоцна тврдел дека кога „Сан“ првпат го објавил специјалниот додаток со деталите за фантастичното патување, „целиот плоштад околу зградата на весникот беше буквално опколен… Никогаш не сум бил сведок на поинтензивна возбуда да се дојде до примерок од некој весник. Штом се појавија примероците од весникот низ улиците, тие веднаш беа откупувани од момчињата што продаваат весници и тоа речиси по секоја цена“.
По вклучил еден куп научни детали за статијата да делува порелевантно, легитимно и авторитетно, од прецизни мерења на клучните компоненти, до шрафовите и челичните жици, па сè до вупната тежина на измислените патници што патувале со измислениот балон. Неговите главни ликови исто така биле засновани на вистински луѓе: По го именувал пилотот по Монк Мејсон, славниот аеронаут од кого тој и „позајмил“ дел од сведоштвата.
Оваа вест следниот ден била објавена и во изданието на „Њујорк Сандеј Тајмс“ (овој весник нема врска со „Њујорк Тајмс“, кој сè уште не бил основан во тоа време) и „Балтимор Сан“. Другите весници биле помалку убедени во вистинитоста на извештајот и се чини дека сепак сфатиле дека треба да почекаат за повеќе информации да дојдат од Чарлстон. (Едно сведоштво од тоа време сугерира дека самиот По го открил мајтапот додека бил пијан и се фалел со својот подвиг пред толпата што стоела пред седиштето на весникот.)
Два дена откако за прв пат се појавила статијата во јавноста, „Њујорк Сан“ ја повлекле веста. „Поштата од Југот минатата сабота не донесе потврда за пристигнувањето на Балон од Англија… ние сме склони да веруваме дека пренесените информации се погрешни“, пишувало во весникот. Сепак, тие додале: „Ние во никој случај не мислиме дека таков проект е невозможен“. Зачудувачки, навистина немало трансатлантски лет со балон сè до 1978 година.
По верувал дека неговиот мал трик ќе го покаже неговото мајсторство при научните описи и уметничкото пишување. Тој бил толку уверен во својата вештина, што се чини дека не сфаќал дека објавувањето потврдени дезинформации ќе им наштети на неговите шанси да најде работа како новинар – што е токму она што се случило.
Но, измамата навистина инспирирала некој друг: Жил Верн подоцна ја прочитал статијата и почнал да работи на авантурата која најпрво му донела слава – „Пет недели во балон“, објавена во 1863 година. Оваа приказна доживеала инстантен успех и на Жил Верн му донела финансиска независност што му дозволила да продолжи да пишува и објавува хитови како „Патување до центарот на Земјата“ и „Пат околу светот за осумдесет дена“. Дали По би ги ценел достигнувањата на Верн, кои биле под големо влијание на неговото творештво, е друго прашање.

