„Наш свет“ е списание со кое пораснаа многу генерации, заедно со останатите списанија и забавници како „Другарче“ и „Росица“. Верувам дека нема човек кој нема со насмевка да се сети на моментите кога ќе го добиевме примерокот на „Наш свет“ во кој имаше и едукативни, но и забавни содржини за младите, а имаше и постери и слики од омилените спортисти и спортиски, музичари и музичарки кои ги закачувавме во нашите соби.

На социјалната мрежа Фејсбук случајно налетав на линк до првото издание на „Наш свет“ и решив да го споделам и со вас, доколку не сте знаеле како изгледа првото издание да го разгледате, а доколку се сеќавате, да се потсетите на стари спомени. Имено, првиот број на „Наш свет“ излегол во јануари 1960 година, во издание на редакцијата „Детска радост“ на издавачката куќа „Просветно дело“. Како што се наведува во описот на линкот кој можете да го најдете подолу, ова списание го уредувале некои од најеминентните имиња во македонската литература како Васил Куновски, Симон Дракул, Ванчо Николески, Видое Подгорец, Киро Донев и Рајко Јовчевски.
Во писмото до читателите, што можете и да го погледнете на сликата погоре, меѓу останатото се вели и дека „Наш свет“ излегол и како спомен и во чест на годишнината на првиот весник за млади на македонски јазик, „Пионер“, кој излегол во јануари 1945 година:
„Пред петнаесет години, во јануари 1945 година излезе првиот лист за деца на македонски јазик – ПИОНЕР. И еве, на оваа свечена годишнина од тој така важен настан, кога за првпат во нашата историја можеа нашите деца на мајчиниот јазик да ги читаат првите песнички, раскази и творби на првите наши детски писатели – се појавуваме со нов лист.“
Целото списание е достапно во PDF формат на платформата akademia.edu и е прикачено од профилот на Горан Ацески. Доколку имате профил на оваа платформа, можете да го преземете бесплатно и да го разлистате. Списанието има шеснаесет страници и можете да забележите дека има повеќе содржини, од стрипови, до поучни приказни и информативни статии.
Верувам дека секој што барем еднаш прелистал „Наш свет“ ќе се наврати и на своите сопствени детски и младешки денови.
