На љубителите на кафе и книги никогаш не им е доста од катчиња каде ќе може да уживаат во нивните омилени работи: добра приказна и добра напивка! Па оттаму, сигурно ќе ве израдува фактот што во Скопје ќе се отвори нова кафе-книжарница – „Бејкер стрит“.
Во сабота, 30 март, со почеток од 11 до 16 часот, официјално ќе се отвори новата кафе-книжарница „Бејкер стрит“. На официјалниот настан на Фејсбук, организаторите ги канат сите љубители на книги да им се придружат на отворањето со кое ќе го одбележат остварувањето на нивниот долгогодишен сон – кафуле и книжарница за сите љубители на криминалистичката фикција.
Тие додаваат и дека нема да ги заборават и најмладите, бидејќи како што велат „љубовта кон книгата се развива уште од најмала возраст“. Тие ги канат љубителите на книгите со себе да ги донесат и своите дечиња и внучиња за „да ја почувствуваат магијата на приказните која потоа ќе ги следи низ целиот живот.“
Инаку, за оние што можеби не слушнале досега за „Бејкер стрит“, тие започнаа како помала книжарница специјализирана за криминалистичка фикција. Љубителите на крими-романи, особено оние на авантурите на Шерлок Холмс, сигурно веќе и го препознаа името. Во нивната понуда се опфатени сите под-категории на жанрот, вклучително и: авантура, акција, трилер, криминалистика, детективски романи, мистерија, хорор и психолошки трилери, шпионажа и сл. За повеќе информации, можете да ја следите нивната веб-страница, како и профилите на Фејсбук и Инстаграм.
Кафе и книги им посакува многу успех и среќа, како и многу посети, испиени кафиња и прочитани книги!

