Промоција на книгата „Светот што го избрав“ од Калина Малеска!

За сите љубители на книги и поддржувачи на современата македонска книжевност, утре (2 април), со почеток од 19.30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоција на новиот роман на Калина Малеска – „Светот што го избрав“, во издание на „Или-Или“.

Промоцијата ќе има малку поинаков формат, односно ќе се одвива во форма на разговор со Илина Јакимовска, и преку разговорот ќе се проткаат и изнесат некои од прашањата и темите на книгата.

(Извор на сликата: Официјалниот настан на Фејсбук, Или-Или)

Романот „Светот што го избрав“ е сосема „тазе“ и само што се појави на полиците во „Или-Или“ и, како што се наведува на официјалниот настан на Фејсбук, се работи за „приказна за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот. На почетокот од романот, протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, изнаоѓање на причините зад нив.“

Понатаму, во самиот опис се наведува:

Доминантна карактеристика на романот е, како што вели Никола Гелевски, „заузданата хетерогеност во најширока смисла (што е романот како жанр): различни генерации, класи, родови тензии, попречености, одлично пренесен детски поглед – Вера е еден од најдобро направените ликови. Се забележува веродостојност, ангажираност, прецизна ситуираност, неореализам (сцената со децата на кои таткото им забранува да си играат кај Леона). Се чувствува љубов и емпатија кон луѓето, но и критичност“. На хетерогеноста се осврнува и Оливера Ќорвезироска, според која „убав е миксот на интересите и ликовите, на надворешното (комисијата) и внатрешното (женската потреба од љубов изразена на многу впечатлив, невообичаен и автентичен начин)“, а комплексноста на романот се огледа и во присуството на „филозофските наслаги, етичките размисли, есеизираноста во една необична форма“

Калина Малеска е авторка на три збирки раскази: „Недоразбирања“ (Македонска книга, 1998), „Именување на инсектот“ (Слово, 2008), „Мојот непријател Итар Пејо“ (Или-Или, 2016) и „Скопје во високата зона“ (Или-Или, 2021), романите „Бруно и боите“ (Слово, 2006) и „Призраци со срмени нишки“ (Слово, 2014), драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“ (Слово, 2010), книгите за деца „Арно ама“ (Или-Или, 2018) и „Вонземјанинот Лу-Ру-Су“ (Или-Или, 2021), книжевните студии „Облици на моќ во современата книжевност“ (Или-Или, 2020) и „Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови“ (Филолошки факултет „Блаже Конески“, 2023), како и уредничка и коавторка на студијата „Кон-текстот: дигитални осврти“ (самостојно издание, 2023).

Илина Јакимовска, која заедно со Малеска ќе го води разговорот, е редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија, авторка на бројни стручни студии како и на неколку книжевни дела. Го води блогот за култура „Bookbox“ на порталот off.net.mk и аудио подкастот „Обични луѓе“.

За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук и страницата на Или-Или на Фејсбук.

Leave a comment