Месец на македонски книги: Што читаше Кафе и книги во март?

Минатиот месец ми помина во знакот на македонските книги и македонските автор(к)и, па некако ме фати една полетност со почетокот на пролетта, па решив и март да го поминам во дружба со домашната книжевност и македонски книги. Во продолжение прочитајте кус осврт на македонските книги што ги читав во март и можеби ќе се инспирирате да прочитате некоја од нив.

Папокот на светлината“ – Венко Андоновски

Издавачка куќа: ТРИ
Осврт:
Венко Андоновски се врати со долгоочекуваниот роман кој ја доби и Толстоевата награда во Русија, како и наградата „Стале Попов“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, а беше и во најтесен избор за книгата „Роман на годината“. За сите оние што го сакаат романот „Папокот на светот“, сигурно многу ќе им се допадне што повторно ќе се сретнат со јунакот Јан Лудвиг и одличната и силна нарација на Венко Андоновски која едноставно ќе ве „проголта“ и однесе во светот што го гради тој.

Читателот едноставно го обзема тој свет и во темите што ги отвора. На одреден начин е продолжение на „Папокот на светот“, во поглед на некои од темите што се отвораат како и религиозните мотиви, но сепак не се работи за буквално продолжување на приказната. Каде се наоѓа Папокот на светлината? Што е добро, а што зло? Како се манифестира злото и неговите облици и каква е борбата против истото, каде се наоѓа светлината што ја осветлува душата? Венко отвора теми што се секогаш актуелни и одлични и погодни за дискусија.

Полиглот“ – Игор Станојоски

Издавачка куќа: МУЗА
Осврт:
Не е тајна дека Игор Станојоски ми е еден од омилените македонски современи автори и едвај чекав да го прочитам неговиот најнов роман „Полиглот“. „Полиглот“ е многу интересен роман, со многу уникатна нарација и начин на кој нараторот се движи напред-назад низ минатото и сегашноста. Додека читате ќе бидете нетрпеливи да видите каде ќе ве одведе приказната. Нараторот е писател и преведувач, се запознаваме со него во сегашноста кога тој е ангажиран како преведувач на една конференција. Но, самиот ден е многу баксузен и сè му трга наопаку.

Додека е во кабината, тој почнува да се навраќа на едно мошне чудно интервју што го имал со еден новинар во МКЦ, а тоа од друга страна прави да му се враќат сеќавања на времето кога бил студент во Украина и кога почнал да го пишува романот „Полиглот“. Во текот на приказната има мошне необични пресврти, но и анализа на општеството и некои од темите што годиниве беа мошне актуелни, претежно преку внатрешниот монолог и размислувањата на протагонистот. Она што најмногу ми остави впечатокот е како секое поглавје завршува онака како што почнува следното, на еден мошне оригинален начин се прави тоа патување меѓу минатото и сегашноста.

Вечно сегашно време“ – Владимир Јанковски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Осврт:
Ова е роман што ќе им се допадне на сите луѓе што го сакаат Скопје, но дава и интересен приказ на почетокот и текот на една врска меѓу двајца млади луѓе, полетноста што таа ја дава и нивната заемна ексцентричност. Кога ја читате оваа книга, не може да не се сетите на полетноста што ја дава почетокот на љубовта, иако во оваа конкретна приказна, таа е малку и преувеличена, но го доловува она силно чувство на привлечност на она што е различно, особено кога е ново, но и самите предизвици што тие љубовни игри ги носат.

Но, во овој роман, Скопје е речиси и како главен лик. Аеродромот во Скопје е она што првично ги спојува главните ликови, но Скопје е нивната писта, Скопје е мапата на нивната љубов. Заедно со нив и ние патуваме низ сите познати и помалку познати ќошиња во Скопје, веројатно повеќето од оние што ја читале или ќе ја читаат ќе препознаат и свои сопствени омилени места што со сигурност ќе им измами насмевка. На еден начин, овој роман може да се гледа и како љубовно писмо за Скопје, претставено меѓу развојот на љубовта меѓу двајца. Таа нивна љубов е интензивна и полна со страст, но под сето тоа, барем јас забележав и одредена доза на отровност. До каде ќе тера таа страст, љубов и импулсивност? За тоа ќе морате самите да ја прочитате книгата.

Песот со тажен поглед“ – Оливера Николова

Издавачка куќа: МАТИЦА
Осврт
: Овој роман ја доби награта „Роман на годината“ во 2019 година, но некако сум го пропуштила и не сум го прочитала, па сега ми се виде одлична можност да го прочитам. Оливера Николова е вистинска македонска книжевна легенда, а со читање на овој роман се потсетив на нејзината прекрасна и течна нарација, но и градењето на интересни ликови и интересни дијалози во кои човек бескрајно ужива.

Заснован врз мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, дејството на романот се одвива во Скопје, за време на Првата светска војна, откако воени заробеници се пренесени во Британската болница во Скопје. Главниот лик Алберт е Австриец и тој е меѓу заробените. Само што ќе пристигне, тој некако веднаш е невообичаено привлечен од докторката Ира Павловна, но на начин кој тој не може да си го објасни. Во меѓувреме, нему му недостасува неговиот пес Ал, или песот со тажен поглед, кој како да го жали целото човештво. Тој таму се среќава со Ференц, неговиот пријател-соперник, но и го запознава куциот Ацо кој работи во кујната. Како што ни ја открива Оливера Николова разврската на романот, така ние сè подлабоко нурнуваме и се приврзуваме за приказната. Невозможно е да не ве копка расплетот и дел од работите кои се извиваат низ магла, но на крај добиваат интересен расплет.

Пат за рајот“ – Драги Михајловски

Издавачка куќа: ТРИ
Осврт
: Драги Михајловски за жал го загубивме пред некоја година, па во негова чест сакав да прочитам нешто автентично негово, бидејќи најмногу го знаев по неговите прекрасни преводи, особено оние на Шекспир. И морам да признаам дека оваа збирка-раскази и драми ме освои од прва. Неверојатно шармантен и природен стил на пишување, со една прекрасна нишка на филозофија која се провејува и од секој расказ со себе понесов по некоја мисла, си поставив самата на себе неколку прашања и си отворив дилеми.

Особено моќен ми беше насловниот расказ, односно расказот кој го носи и името на книгата, „Патот за рајот“. Што е пекол, што е рај? Дали тие навистина постојат или ги носиме во себе? Одлична книга, ја прочитав во еден здив и ме поттикна да се заангажирам да прочитам повеќе дела од Драги Михајловски.

Leave a comment