Во ова тензично секојдневие полно со стресови, многу е важно човек да се грижи за своето физичко и умствено здравје, а трчањето и читањето книги е одличен начин да се грижиме и за двете. А кога ќе се спојат пишувањето и трчањето, производ на тоа е книгата на Кокан Ајановски – „Трчам за тебе“, која е во издание на Издавачки центар „ТРИ“.
На 16 април (вторник), во хотел „Сити Парк“, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на „Трчам за тебе“, втората книга на повеќекратниот државен шампион во трчање Кокан Ајановски. На овој настан, ќе може да слушнете нешто повеќе за најголемата страст на Кокан Ајановски – трчањето, за неговата најголема инспирација, за успесите, за неговата улога како амбасадор на спортот кој секојдневно го популаризира, за здравиот начин на живот, за она што Кокан е денес.

Како што се наведува во најавата за настанот, „книгата „Трчам за тебе“ не се чита со очи, се чита со срце. За да ја разбереш и да уживаш не ти треба добар и остар ум ниту добар вид, туку ти треба меко и отворено срце.“
Првата книга на Кокан Ајановски „Трчањето ме учи“ беше издадена и промовирана во 2020 година, а се најде и на една од моите листи со препораки. Без оглед на тоа дали долги години трчате или се двоумите да започнете, ова четиво ќе ви ја поттикне љубопитноста и ќе ве поттикне да ги облечете патиките и да се упатите на кеј!
