Габриел Гарсија Маркес е еден од најголемите писатели на 20 век. Неговото дело „Сто години самотија“ и по повеќе од половина век од издавањето се смета за ремек-дело што не губи од својата релевантност. Еден интересен факт за ова дело е што никогаш досега не било екранизирано, но во 2019 година, Нетфликс објави дека ги откупиле правата и дека ќе снимаат серија на основа на книгата, односно ќе го оживеат делото на екраните.

Како што беше објавено тогаш, додека бил жив, Маркес не сакал романот „Сто години самотија“ да биде екранизиран бидејќи сметал дека нема добро да се пренесе или да се вклопи во еден единствен филм, бидејќи тоа ќе ја ограничи приказната. Иако имало повеќе заинтересирани страни, Маркес исто така сметал дека приказната треба да биде раскажана на шпански јазик, т.е на јазикот на кој е напишана, па така повеќето понуди отпаднале од сам старт.
Но, неговото семејство и Нетфликс успеале да најдат заеднички јазик, вклучително и тоа серијата да биде на шпански јазик, па така, по цели пет години од првичната објава на веста, конечно годинава ќе имаме можност да ја погледнеме серијата. Сè уште нема детали за тоа кога ќе биде премиерата, односно кога ќе биде поставена на Нетфликс, но, на 17 април, на годишнината од неговата смрт, Нетфликс ја објави првата кратка видео-најава која ни дава краток увид и можност да ѕирнеме во светот на Маркес!
Ова е голема година за љубителите на Маркес и на книжевноста. Прво, на годишнината од раѓањето на Маркес (6 март), излезе постхумно објавениот роман „Се гледаме во август“, роман што дури сега првпат ја здогледува светлината на денот, а сега, на годишнината од неговата смрт, ја добивме и најавата за екранизацијата на еден од највеличествените романи на 20 век, а до крајот на годината ќе имаме можност да ја погледнете и серијата!
Во продолжение погледнете ја видео-најавата:
