Светскиот ден на книгата: Книгите се вистинската магија на овој свет!

Драги љубители на книгите, денес е Светскиот ден на книгата!

УНЕСКО го прогласи 23 април за Светски ден на книгата во 1995 година со цел да го промовира читањето, издаваштвото и авторските права. На овој ден, се слават авторите, книгите и вистинското значење на книгите: нивната убавина да нè префрлат во еден сосема нов свет, да ни откријат нови димензии, да нè натераат да се ставиме во кожата на другите, да нè обликува и направи подобри луѓе.

Како што еднаш објавив на блогот, идејата да се слави овој датум започнала уште во далечната 1923 година и тоа во Шпанија. Идејата била на Висенте Клавел Андрес, писател од Валенсија. Тој сметал дека потребно е да се најде начин како да се слави ликот и делото на Мигел де Сервантес (авторот на „Дон Кихот“). Тој предложил да има две чествувања: едното да биде на 7 октомври (датумот на раѓање на Сервантес) и на 23 април (денот кога починал). Во 1995 година, УНЕСКО го одбрале 23 април за Ден на книгата и авторските права, затоа што 23 април истовремено е и денот кога починал доајенот на драматургијата, Вилијам Шекспир, но и уште неколку големи имиња од светот на книжевноста.

На својот профил на Фејсбук, УНЕСКО ја објавија мислата на Платон: „Книгите даваат душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагнинацијата, живот на сè.“

Во продолжение прочитајте ја и пораката на Одри Азулау, генералната директорка на УНЕСКО, по повод Светскиот ден на книгата:

Книгите се покани за патување и за средба со другите: со секоја свртена нова страница, пред нашите очи се појавува друг свет. На Светскиот ден на книгата и авторските права во 2024 година, сакаме да ја славиме моќта и убавината на книгите.

Книгите, во сите нивни форми, ни овозможуваат да учиме и да се информираме. Тие, исто така, нè забавуваат и ни помагаат да го разбереме светот, притоа нудејќи прозорец кон различноста. За книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат јазичната разновидност на нашиот свет. Сепак, тоа е далеку од тоа да биде случај денес. Поголемиот број дела се објавени на само неколку јазици, а дигиталната технологија го покренува прашањето за лингвистичка хомогенизација.

Сепак, секој пишан јазик со себе носи одреден светоглед, со своите симболи и вредности.

Затоа, како дел од Меѓународната декада на домородните јазици (IDIL), која започна во 2022 година, УНЕСКО го поддржува објавувањето книги и на домородните и на регионалните јазици. Од 2023 година, работиме со издавачки куќи ширум светот за да ја објавиме „Она што нè прави луѓе“ од Виктор Д.О. Сантос и Ана Форлати – илустрирана книга за деца која го слави лингвистичкото и културното богатство – на 14 јазици, вклучувајќи ги мапучискиот, галициски и маратскиот јазик.

УНЕСКО ја поддржува и индустријата за книги во Африка, особено секторот посветен на книги за млади луѓе. За да помогнеме да ја раскажеме историјата на ропството и да разговараме за неговите одекнувања во денешниот свет, во 2022 година го промовиравме серијалот „Бинтоу и Иса“ во партнерство со издавачката куќа „Langages du Sud“. Целта на серијалот е да ги освести децата за оваа тема уште од најрана возраст. Исто така, во партнерство со „Langages du Sud,“ и по повод Меѓународниот саем за издаваштво и книги во Рабат во мај 2024 година, ќе ја промовираме првата книга од серијалот „Les Balades de Nour“. Книгата ги поттикнува младите Мароканци да научат за нивното културно наследство кое е на листата на УНЕСКО од поинаква перспектива.

Конечно, УНЕСКО го поддржува издавачкиот сектор и моќта на читањето преку својата мрежа на светски престолнини на книгата, дизајнирана да го зајакне образованието за писменост и да ја промовира заштитата на авторските права и слободата на изразување. Стразбур, (Франција) е назначен за Светска престолнина на книгата за 2024 година. Целта е книгите да станат претпочитан медиум и за комуникација на еколошките грижи на нашето време и за споделување на поврзаното научно знаење. Конечно, ние сме посветени на поддршка на правичното наградување на сите оние кои се вклучени во индустријата за книги, почнувајќи од авторите. На крајот на краиштата, зад секоја книга се крие цел синџир на знаење и вештини кои доведоа до нејзиното создавање.

На овој ден, УНЕСКО ве поканува не само да го славите читањето и културата, туку и да се заложите за нивната поддршка.

Тука можете да прочитате повеќе алатки и информации на УНЕСКО во врска со книгите, авторските права и други современи предизвици и информации.

Leave a comment