На 27 април го чествуваме денот на раѓањето на Горан Стефановски! По тој повод, општина Центар организира настан токму на 27 април (сабота) со почеток од 12 часот, пред муралот на Горан Стефановски, кој се наоѓа во Дебар маало, спроти слаткарницата „Зафир“. Неодамна беше насликан до него и уште еден мурал со стихот од песната „Скопје“ од Леб и сол „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје“, нацртан од уметниците Драш и Мачка.

Според најавата, присутните ќе имаат можност да слушнат извадоци од аудио драми на Горан Стефановски од платформата Самоглас (samoglas.mk), по што ќе следи промоција на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” на Горан Стефановски, приредена од проф. д-р. Иван Додовски, во издание на издавачка куќа ТРИ, а настанот ќе биде зачинет и со изведба на култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот Сешн Селекшн (Session Selection) по текстови на Горан Стефановски.
