Месец на македонски книги: Што читаше Кафе и книги во април?

Како брзо лета времето! Ви се верува ли дека мај пристигна? Веќе сме длабоко навлезени во пролетта, помина и Саемот на книга, па така верувам дека следниот период ќе биде уште поубав за читање. Како и во февруари и март, така и април некако ми беше посветен на македонски автори и дела, па така можете да прочитате што читав минатиот месец и можеби ќе се инспирирате да дадете шанса на некоја македонска книга!

Succubus” – Катерина Шошко

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис
: Одлична книга! Катерина Шошко веќе се етаблираше на нашата домашна книжевна сцена со „Крвава месечина“ и „Чернобог“, а нејзиниот трет роман е навистина многу интересен, особено за оние што сакаат мистериозни, малку мрачни приказни. Романот е сместен во 18 век, сè уште горат вештерки, а главниот лик во приказната е токму жена која избегнува да биде уапсена за вештерка, но од еден хорор оди во друг – во куќа во која не сака да биде, со сопруг кој не сака да го гледа. Која е цената што таа ја плаќа за малограѓанштината, малите умови и недоразбирањата? И дали купената благодарност може да се претвори во вистинска благодарност? Луција пристигнува во градот и веќе се шират многу муабети за неа, а тука се и Елисавет и Самаел кои се двајца млади фасцинирани од Луција, секој на свој начин, и набргу и тие навлегуваат во нејзиниот свет и дознаваат повеќе за нејзината приказна и всушност и стануваат дел од нејзината приказна. Феминистичка и силна приказна, додека читате ќе сфатите дека сме далеку од 18 век, и иако можеби денес не се палат „вештерки“, сепак голем дел од малограѓанштината, осудите и размислувањата од 18 век, можат да најдат своја паралела и денес, иако можеби во малку поинаква форма.

Господ, па Америка“ – Румена Бужаровска

Издавачка куќа: ТРИ
Опис
: Ова ми беше еден од Саемските улови, најновата книга на Румена Бужаровска, збирка есеи за нејзиното патешествие и доживување на Америка. Румена Бужаровска нè носи заедно со неа на нејзиното патување во различни делови од Америка, но истовремено ни дозволува и да ѕирнеме и во нејзиното детство кога живеела таму. Мислам дека се работи за многу интересно четиво, начинот на кој таа ја доживува американската култура и општество на моменти компаративно наспроти балканската култура и општество, љубовта и фасцинириноста, наспроти работите што не ѝ се допаѓаат или кои се предмет на критика. Оние кои биле во Америка сигурно ќе се согласат или нема да се согласат со некои од нештата, оние кои не биле веројатно кога читаат во главата ќе си постават аргументите во линија на она што тие слушале или гледале за Америка. Во секој случај, многу интересно четиво, додека читате се чувствувате како и вие да сте дел од тие патувања.

„Темни деноноќија“ – Матеја Матевски

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: „Темни деноноќија“ е збирка поезија на Матеја Матевски издадена во 2017 година, една година пред да почине, па затоа одлучив да ја прочитам, бидејќи претежно ги имам читано неговите порани творби. Исклучително многу ми се допаднаа песните, многу интересен тек на стиховите и одбраните теми и се осеќа зрелоста и мудроста низ текот на песните и многу ми беше драго што токму оваа збирка успеа да ми падне во раце во текот на овој месец.

Кабинет на чуда со ѕидови од огледала: Разговори со Влада Урошевиќ“ – Владимир Јанковски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис: Оваа книга многу ќе им се допадне на сите љубители на книги, бидејќи е своевидно долго интервју и разговор на Владимир Јанковски со Влада Урошевиќ. Последниве месеци некако повеќе читав дела од Урошевиќ, па оваа книга одлично ми дојде како некаков вид заокружување на моето читање и истражување за него. Книгата е одлично напишана на начин што додека ги читате Јанковски и Урошевиќ имате чувство како да седите со нив во дневната соба и ги слушате додека зборуваат. Има навистина одлични сегменти како инспирацијата, младоста на Урошевиќ, тој зборува за пишувањето, книжевноста, неговата инспирација, состојбите во македонската книжевност и промените кои доаѓале низ текот на децениите. Одлична книга!

Илина и шумските тролови“ – Хана Корнети

Издавачка куќа: Или-Или
Опис
: Овој роман е пред сè наменет за деца и млади, но сепак има и звук во себе што ќе им биде привлечен можеби и на поголемите, како што се велеше и во најавата (и за тие што се чувствуваат млади). Илина еден ден со својата мајка оди во кабината на нејзината пријателка Вирџинија и таму по некоја случајност открива некои чудни и магични суштества на кои им е потребна нејзината помош. Ние ја следиме Илина и нејзините авантури, но истовремено го гледаме и нејзиниот секојдневен живот. Напишана со еден интересен и оригинален глас, набргу ќе се приврзете за ликовите и нивните згоди и незгоди. Одлична книга за младите кои сакаат да нурнат во светот на фантазијата, како и оние на кои исто така им е потребно бегство во магичен свет.

Leave a comment