Пиевме кафе со Хана Корнети и ја читавме „Илина и Шумските тролови“!

Литературата за деца и млади во последниве години доживува вистински бум на македонската книжевна сцена, па така голем е изборот за децата и младите да навлезат во убавините на книгите и да навлезат во чудесни и интересни светови со интересни ликови. Освен преведената литература за деца и млади, сè повеќе има и домашната литература од оваа област, покрај се разбира класиците со кои ние пораснавме.

Една од тие книги е и „Илина и шумските тролови“ на Хана Корнети, роман кој излезе кон крајот на минатата година и се занимава со интересни теми и прашања и создава еден многу интересен свет во кој влегувате и сакате да останете што подолго. Па така, меѓу сите книги за возрасни, решив неколку денови да се дружам со оваа книга и да ги пијам моите кафиња додека ја читам книгата, а дополнително бидејќи ми беше многу интересна оваа приказна, заедно со Хана Корнети пиевме кафе и дискутиравме за неколку работи од книгата. Во продолжение прочитајте зошто треба да ја прочитате книгата, но и прочитајте нешто повеќе за Хана и нејзиниот процес додека ја пишувала книгата.

За што се работи во книгата?

Илина е девојче што оди во основно училиште и сака книги, пријатели, добра музика и полека се обидува да го сфати и навигира светот на возрасните, иако не ѝ се баш најјасни и понекогаш ја нервираат. Еден ден, иако малку неволно, со нејзината мајка одат во викендицата на Вирџинија, пријателка на нејзината мајка, која се наоѓа на село среде преубава природа. Илина верува дека тоа ќе биде само уште еден досаден ден, но, одеднаш се фаќа себеси вовлечена во еден необичен свет на тролови. Најпрво се запознаваме со тролот Папрат, кој ја „грабнува“ Илина за да ја замоли за помош. Неговите пријатели и сожители се скаменети од лоша вештерка. Потребна му е помош од Илина. Но, која е вештерката? Што се крие зад таа магија и зошто биле тие скаменети? За тоа ќе треба да ја прочитате самите книгата.

Зошто треба да ја прочитате книгата и зошто треба да ја подарите на млад човек?

Затоа што е забавна, разиграна, полна со интересни дијалози, описи, со еден карактеристичен младешки глас, кој сепак не ја потценува својата публика и ѝ се обраќа како да се рамноправни. Иако сум далеку од млади години, уживав во откривањето на следните чекори во авантурите на Илина, бев изненадена кога открив која е вештерката, а потоа дополнително изненадена од некои од намерите и причините, и Корнети ни докажува дека паричката има две страни и не можеме секогаш слепо да веруваме на една страна и дека често двете страни грешат и двете страни имаат право. Покрај тоа, ќе уживате во откривањето на теглите што собираат бои и мириси. Колку пати сум посакала да можам да спакувам одреден мирис во тегличка и да можам вечно да си го чувам, па така фактот дека троловите можат тоа да го направат во нивниот свет посака да можам и јас да влезам во нивниот свет.

Додека ја читав книгата, не можев да останам рамнодушна на харизматичниот хумор опишан со таква прецизност што сликите веднаш ги замислив во глава како вистински сцени и почнав да се смеам. На многу одредени начини ме потсети на шармот на „ГДЏ“ на Роалд Дал, иако се навистина многу различни, но доколку ве бендисала таа приказна или вашето дете ја сака, тогаш оваа книга совршено ќе се вклопи во домашната библиотека и читањето приказни.

Она што ми се допадна е што авантурата е продолжена, односно не се случува во еден момент па потоа сè се разрешува, туку Илина мора да помине неколку премрежја и тешкотии за да стигне до заокружувањето на приказната. По првата средба со Папрат, таа се враќа во нејзиниот секојдневен живот, гледаме како оди во училиште, како се обидува да ги увери нејзините другарчиња дека не измислува, гледаме како и тие се обидуваат да ѝ помогнат, а дополнително магичниот свет допира и во реалниот свет, преку враната што ѝ доаѓа на прозорец да ѝ испрати порака од Папрат, па така на момент имаме колизија на волшебниот свет и реалниот свет, што ја прави приказната истовремена пореална и помагична.

Има и други реални моменти со кои верувам младите ќе се поистоветат, особено во нивното навигирање во светот на возрасните, нивното чудење за некои работи што „големите“ ги прават, а тие со нивниот млад ум не можат да ги разберат, како и семејните односи и светот околу нив. Верувам дека тука не е крајот на авантурите на Илина, па сите оние работи што остануваат неразјаснети ќе ни се разврзат во следната книга која верувам дека со уживање ќе ја прочитам како што ја читав и оваа и се вратив во детството и желбата да живеам во магичен свет со чудни и необични ликови. Па и би сакала да имав и јас некој Папрат во својот живот со кој ќе можам да се препирам, но и да откријам нов и магичен свет.

Интересни мисли што ми оставија впечаток

„Мислам дека е многу тажно што не постои магија во светот.“
„Кога магијата не постои, Илина“, останува ние да си ја создадеме.“

„Во сегашноста, волшебните суштества се кријат во џебовите на ткаенината на реалноста, затоа што луѓето го водат светот, ја разбиваат мистеријата, за сè имаат скици и можат сè да објаснат со бројки.“

„Да се има карактер, во речникот на мама, значи дека има нешто во тебе што е како погрешена нота во песна, а токму таа погрешена нота да е она што ја прави песната поубава. Значи, нешто да има карактер е добра работа.“

„Понекогаш ми делува како возрасните да не нè гледаат како идни луѓе, туку како потсетници дека тие стареат.“

Хана Корнети: Ретко која книга нè дефинира како оние што ги читаме во детството и младоста!

Откако ја прочитав книгата и испив многу кафиња, седнав на кафе и со самата авторка на книгата, бидејќи сакав да дознаам повеќе за Илина и нејзините авантури, ме интересираше како самата Хана гледа на романот, за процесот на пишувањето и други интересни работи што ме интересираа околу пишувањето, романот, но и самата авторка.
Веќе пишував на блогот за нејзината книга „Млечни заби“, па ова беше одлична прилика да седнеме и да испиеме кафе и да зборуваме за книжевноста, пишувањето и други интересни книжевни теми. Во продолжение прочитајте го кусото интервју.

Првата твоја издадена книга беше „Млечни заби“ – збирка раскази кои на одличен начин ја доловуваат младоста и сите радости и маки кои доаѓаат со неа. „Илина и шумските тролови“ е твојот прв роман, роман насочен претежно кон деца и млади. Ме интересира како се реши да го направиш овој премин и зошто овој роман и зошто баш сега?

Никогаш не мислев дека ќе пишувам и за деца – освен кога бев дете. Од тогаш се имав откажано и од идејата да пишувам фантастика, иако отсекогаш сум го сакала жанрот. Ми делуваше како да е специфична ѕверка што си бара многу детали и „цаки“, за кои не верував дека ќе имам внимание и енергија. Ама испадна дека имам, а освен тоа, нема еден начин да се направи нешто, и така го најдов својот. А како дојде до романот – на сон. Работев на друг роман (за возрасни) кој многу тешко одеше. Една вечер сонував изрезбан був што одлетува од вратата. Кога се разбудив почнав да ја развивам приказната. Другиот роман ќе чека да ми дојде времето.

Романот изобилува со прекрасни пејсажи и описи на природата околу викендичката кон која се упатуваат Илина и нејзината мајка. Дали додека го поставуваше дејството во романот имаше конкретно место од твоето сопствено детство што те инспирираше или едноставно реши целосно да се нурнеш во својата фантазија за да создадеш свет што не постои, а ти би сакала да го пронајдеш?

Немаше конкретно место кое беше урнек за природата во „Илина и шумските тролови“, но многу често, кога сум се наоѓала во дворови со навидум бескрајни изненадувања или густа природа со таинствени длабнатини во корите на дрвјата, криви гранки, мистериозни печурки, специфично поставени камчиња, мек мов, жуборливи реки – сум чувствувала нешто волшебно, скриено, изразено само индиректно (или директно но на начин на кој сме заборавиле да размислуваме).

Она што ми беше интересно е што музиката има своевиден дел во романот, има референци на песни од Битлси, Џони Мичел, Реј Чарлс, итн. Која е улогата на музиката во авантурите на Илина во однос на големата слика и дали улогата на музиката во животот се размножува во моментот кога ќе „скокне“ од звучниците на хартија (и аналогно на тоа, во нашиот ум и фантазија)?

Немав некоја филозофска причина за вклучувањето на музиката освен што прво, е дел од животот на ликовите, ликовите кои не се тука само за да служат на дејствието туку бидејќи си имаат свој живот поширок од страниците на книгата, а освен тоа, додава на атмосферата. Илина и мајка ѝ возат низ шума е една работа. Илина и мајка ѝ возат низ шума слушајќи го Ник Дрејк или Џафер или Шпато, е друга.

Кога сега би земале да ја играме познатата игра асоцијации и извлечеш ливче со името на твојот роман, а треба да искористиш само три зборови за да го објасниш или опишеш, кои зборови би ги искористила?

Нарушени планови = авантура.

Додека ја читав книгата ми беше многу забавно, не можев да не си го замислам целиот тој свет, додавајќи бои и звуци за да го направат искуството целосно, па ме интересира, од аспект на авторката што ја напиша книгата, колку ти беше забавен тој процес да создадеш еден таков шаренолик свет (иако сум сигурна дека било предизвикувачки)?

Не знам како е за други автори, но во мојот случај, требаше време за некои од местата да ми станат појасни, почисти во главата. Но и кога местата ги гледав јасно и кога некои од нив беа сокриени во магла, се трудев да дадам доволно за читателот да има појдовна точка, но во исто време да оставам простор самите да си ја доцртаат сликата.

Во книгата има плејада интересни ликови, секој со посебни карактеристики, Папрат е саркастичен намќорко кој на почетокот малку ме потсети и на Лутко од „Снежана и седумте џуџиња“, па ме интересира на кој начин ги формираше ликовите и има ли некој од нив што особено ти легна на срце?

Сите ликови си ги сакам. Илина инспирира со нејзината своеволност и храброст. Лидија со цврстината. Вирџинија со одлучноста, автентичноста. Папрат со неговиот иритантен шарм. Дури и Касандра со својата импозантност. Во моментов, Инженерот ми е слабост, но читателите ќе дознаат зошто дури во следната книга за Илина.

Кога влегуваме во Оранжерија налетуваме на многу интересни тролови. Зошто одбра токму тролови и како одлучи да ги создадеш на тој начин? Дали самите ти се појавија во умот или влечеше инспирација од приказните од детството?

Од мала ми биле фасцинантни фигурините на скандинавски тролчиња, а понатаму и митологијата околу нив. Во модерната фанстатика, најчесто се прикажани како негативни битија (до некаде доследно на митологијата), а јас ги замислувам како симпатични, интегрирани со природата, погодни за шумите со кои се гордееме во Македонија, и така некако испадна дека им е време за „рехабилитација“ во фантастиката. Имам земено и доста „уметничка слобода“ со карактеризацијата, па така настанаа шумските тролови во оваа приказна. Веројатно највистинскиот одговор е дека ми се чинат симпатични и сакам ликови кои се генерално „оцрнувани“ или „негативни“.

Илина има амајлија која ја штити, која е твојата амајлија во животот (метафоричка или буквална)?

Епа сега, кога веќе прашуваш… мајка ми. Не знам дали поточна споредба е амајлија или светилник – колку и да е замаглено, секогаш ја имам таа референтна точка. Втор светилник како референтна точка, која ми дава сигурност во многу различна смисла, ми е пишувањето.

Со цел да не оддаваме „спојлери“, ќе го формулирам прашањево на понеутрален начин: На одреден начин, ние како читатели на почетокот можеме да си создадеме една слика, а потоа да сфатиме дека не се сите работи баш онака како што изгледаат, не секогаш работите се црно-бели и дека паричката (приказната) има две страни. Всушност каде е тука улогата на писателот, дали постои нешто како совршено избалансирана приказна?

Ми се чини дека битна лекција што често се повторува низ животот е дека ништо не може да се земе здраво за готово. Правиме грешки, а и си создаваме погрешни слики, често проектирајќи како би сакале нештата да бидат, наместо какви се. Особено кога се работи за меѓучовечки конфликти, многу е лесно да се врземе за својата приказна иако пошироката слика е доста поразнолика. Така и во романот, секој лик на својата страна од конфликтот има причина, приказна и цел. Кон совршено избалансирана приказна целиме и во книжевноста и во животот, но не знам кои критериуми може да ни потврдат дека сме ја постигнале.

Што мислиш дека малата Хана би помислила кога би ја прочитала приказната на големата Хана и што мислиш дека детето што некогаш си била би ти рекло денес?

Прво, на малата Хана би ѝ олеснило бидејќи намерите, или раната одлука да пишува, ѝ се оствариле. Потоа, веројатно би го закопала носот во романот неколку дена и кога ќе го заврши би ме прашала кога излегува вториот дел. Мислам дека би ѝ се допаднала „Илина“. Мислам дека дури ликовите би ги сакала со поголем жар од мене. Би се радувала дека во некои работи сè уште сме исти.

Како да ги заштитиме нашите соништа? Тие можеби не можат физички да ни бидат одземени, но како што растеме тие исчезнуваат, ни ги одзема времето. Можеме ли да ги заштитиме?

Треба да сме поскржави со времето и себството. Да не даваме сè на работата, освен ако таа не е токму нашиот судбински повик. Да не ги даваме најдобрите идеи и енергија за пари. Да си ги негуваме соништата – и оние кои ги сонуваме навечер и оние кои ги смислуваме кога си создаваме значење на животот. Да ги храниме за да нè хранат.

И за крај, според тебе, која е моќта на приказните за деца и млади и во што лежи нивната сила? Зошто се толку важни?

Генерално – ретко која книга нè дефинира како оние што ги читаме во детството и младоста. Тогаш впечатоците влегуваат најдлабоко, остануваат најдолго. Не ни остануваат само зборовите што сме ги читале, туку чувствата, фантазијата, мирисите, собата во која сме читале, работите на кои нè потсетувале. Го бојат начинот на кој го гледаме светот цел живот – бидејќи, како што рекла Луиз Глук: „Светот го гледаме еднаш, во детството. Остатокот е сеќавање.“

Leave a comment